Спорт
Реал остана без играч платен 80 милиони евра за еден месец
Европскиот фудбалски шампион Реал Мадрид најмалку еден месец нема да може да смета на францускиот репрезентативен играч Орелиан Чуамени (24) поради повредата на левиот зглоб што ја заработи при поразот од Милан со 1:3 во Лигата на шампионите, пишуваат локалните медиуми.
Кралскиот клуб ја потврди повредата, но не прецизираше колку долго би можело да трае опоравувањето.
„По извршените прегледи денеска, на нашиот играч Орелиан Чуамени му е констатирано истегнување на левиот зглоб. Неговото закрепнување ќе го следи лекарската служба“, соопштија од Реал.
Наместо Чуамени, на полувремето во игра влезе уште еден Французин, Едуардо Камавинга.
Пред две години Реал го донесе Чуамени за 80 милиони евра. Оттогаш, тој одигра 103 натпревари за мадридскиот клуб, постигнувајќи три гола и асистенција на пет од нив. Тој освои седум трофеи и неговиот договор е до 2028 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Хаос во Германија: Полицијата со палки и солзавец врз навивачите – 79 повредени
Германската полиција соопшти дека 79 лица се повредени во голем навивачки бунт по натпревар од регионалната лига меѓу клубовите Карл Цајс Јена и БСГ Хеми Лајпциг.
Навивачите на двата клуба насилно ги отворија портите кои ги разделуваа и жестоко се судрија по натпреварот во саботата во Јена, објави Би-Би-Си. Полицијата употреби солзавец и палки за да ги раздвои навивачите, а во нередите беа повредени 64 навивачи, 10 полицајци и пет лица од обезбедувањето.
Пред натпреварот, околу 350 домашни навивачи започнаа ненајавен марш низ градот, поставувајќи пиротехнички средства, а полицијата беше принудена да ги спречи.
Во текот на натпреварот пред 7.224 гледачи, кој домашниот тим го доби со 5:0, двете навивачки групи користеа пиротехнички средства.
Раководството на клубот Карл Цајс Јена соопшти дека нередите се непријатен крај на играта и на повредените им посака брзо закрепнување.
Спорт
Проблеми за Баерн и Компани – Кејн во аут поради повреда
Фудбалерот на Баерн, Хари Кејн ќе биде надвор од терените најмалку две недели поради повреда на бутниот мускул, објави германски Билд.
Кејн се повреди на вчерашниот натпревар од 12. коло на Бундес лигата против Борусија во Дортмунд (1:1). Англискиот фудбалер беше заменет во 33. минута поради повреда.
Баерн денеска соопшти дека по дополнителните лекарски прегледи било утврдено дека Кејн го скинал бутниот мускул, но клубот од Минхен не соопшти колку долго англискиот фудбалер ќе мора да биде надвор од терените. Билд објави дека Кејн го очекува пауза од најмалку две недели, а на терените треба да се врати на 20 декември во натпреварот од 15. коло на Бундес лигата против Лајпциг.
Кејн оваа сезона одигра 19 натпревари за Баерн во сите натпреварувања и постигна 20 гола.
Спорт
Познати се сите учесници на историското клупско СП, главно Бразилци
Фудбалерите на Ботафого се последните учесници на историското Светско клупско првенство, кое следното лето ќе се одржи во САД.
Во бразилското финале на Копа Либертадорес во Буенос Аирес, Ботафого го победи Атлетико Минеиро со 3:1 и со тоа стана последниот тим, 32., кој ќе го видиме во борбата за светската клупска титула.
Иако Ботафого играше со десет играчи од втората минута, победи со головите на Луис Енрике, Алекс Телес и Жуниор Сантос. Стрелец за Атлетико беше Едуардо Варгас.
Светското клупско првенство во новиот формат ќе се одржи од 15 јуни до 13 јули 2025 година, со учество на 12 селекции од Европа, шест од Јужна Америка, по пет од Северна и Централна Америка, по четири од Азија и Африка, и еден од Океанија.
Бразил ќе биде најзастапен со четири претставници, а ждрепката ќе се одржи на 5 декември годинава.