Спорт
РК Вардар го потврди трансферот на Нејц Цехте: Едвај чекам да дојдам во Скопје
Словенечкиот репрезентативец Нејц Цехте (29) од следната сезона ќе биде член на Вардар 1961, потврди клубот од „Јане Сандански“. Тој ќе остане најмалку една сезона, со можност за продолжување на соработката доколку раководството на РК Вардар е задоволно од неговите настапи. Цехте игра на позицијата десен бек и моментно настапува за тимот на Хановер во Бундеслигата.
„Среќен сум што доаѓам во Вардар. Го одбрав македонскиот првак бидејќи знам што значи клубот во светот на ракометот, и знам дека може да придонесе и за мои подобри игри и резултати. Слушнам само убави работи за околу се што ме очекува во новата средина, за тренерот, за новото на кое е клубот, за тренирањето. Очекувам дека ќе ги оствариме резултатите што ќе бидат поставени пред нас, и секако ќе се бориме.
Едвај чекам да дојдам во Скопје, со новиот тим, со момците. Се веселам што ќе можам да играм пред таква публика, атмосфера, и да тренирам со стручњак од калибарот на Давид Дејвис“, вели Нејц Цехте.
Цехте потекнува од школата на Горење, каде настапуваше од 2013 до 2018 година по што замина за Хановер. По пет сезони минати во Германија реши да се пресели во Македонија.
Десниот бек во јануари беше дел и од репрезентацијата на Словенија која настапи на ЕП во Унгарија, и играше во групната фаза, бидејќи Словенците не се пласираа во следниот круг. Настапи за Словенија и на претходното ЕП 2020 година кога го освои четвртото место.
Вардар сезонава се пласираше во Топ-12 екипи во ЕХФ лигата на шампионите откако во групната фаза во конкуренција на осум екипи го освои петтото место со 13 бода. Сега Вардар и ќе игра во осмина-финалето против тимот на Веспрем и ќе бара пласман меѓу осумте најдобри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
УЕФА ќе го разгледа предлогот секој тим да има по 26 фудбалери на ЕП
Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе разговара за можноста за проширување на бројот на играчи за претстојното ЕП 2024 во Германија на состанок следниот месец.
Според актуелните правила, секоја репрезентација може да има по 23 пријавени фудбалери на ЕП. Српскиот селектор, Драган Стојковиќ Пикси, предложи, секоја селектор да може да пријави 26 играчи. Овој предлог доби поддршка од селекторите на 24 репрезентации кои ќе учествуваат на континеталниот шампионат.
„Добивме неколку пораки од селекторите на репрезентациите во врска со бројот на играчи ЕП 2024. Работната група на УЕФА и претставниците на репрезентациите учесници ќе ги разгледаат предлозите на селекторите на 8 април и ќе ги проучиме сите можни решенија и идеи“, најавија од УЕФА.
На последното ЕП во 2021 година, поради епидемијата на коронавирус, секоја репрезентација имаше 26 фудбалери.
Спорт
Колку заработи Иванишевиќ од соработката со Ѓоковиќ?
Прекинот на соработката меѓу Новак Ѓоковиќ и Горан Иванишевиќ е топ тема кај регионалната спортска јавност.
Ниту една страна не ги откри точните причини за разделбата, освен што Ѓоковиќ изјави дека „достигнале точка на заситеност“.
Ѓоковиќ најверојатно пукна по лошиот почеток на сезоната во која се уште нема освоено трофеј, пред најважните турнири во годината, додека Хрватите пишуваат дека, без разлика на се, Иванишевиќ добро заработил од оваа соработка.
Соработката на ова дуо траеше речиси шест години, во кои Ѓоковиќ освои 12 грен слем титули.
Наводно, Ѓоковиќ му плаќал на Иванишевиќ од 6.000 до 10.000 евра неделно, односно легендарниот Хрват добивал 10 отсто премија од заработката на српскиот тенисер на турнирите.
Иванишевиќ заработил повеќе од 300.000 евра само од плата минатата година.
Ако ја земеме таа бројка како просечна заработка на Иванишевиќ за време на соработката со Ѓоковиќ и процентот од освоените турнири, Иванишевиќ во последните шест години како тренер на најдобриот тенисер во светот заработил помеѓу два и четири милиони евра.
Инаку, Иванишевиќ во кариерата како активен играч заработи околу 16 милиони евра. Кариерата во која освои еден грен слем (Вимблдон), Иванишевиќ ја заврши во 2011 година.
Спорт
Калафиори: Татко ми го презира Јувентус, а јас го почитувам татко ми
Јувентус бара нови играчи во одбраната, откако е извесно дека Бремер ќе се пресели во Манчестер јунајтед.
Еден од можните наследници на Бразилецот е фудбалерот на Болоња, 21-годишниот Рикардо Калафиори. Барем така сметаат во клубот, бидејќи фудбалерот не е ни најмалку импресиониран од интересот што за него го покажа славниот италијански клуб.
Играчот чија вредност според „Трансфермаркт“, скокна од пет милиони евра на 25 милиони евра од октомври минатата година е под договор со Болоња до летото 2027 година.
Калафиори вели дека сака да го испочитува договорот што го има со актуелниот клуб отколку да се пресели во Јувентус.
„За мене Јувентус би бил чекор назад во споредба со Болоња, клуб кој работи на вистински начин. Попрво би останал овде отколку да го облечам дресот на Јувентус. Татко ми го презира Јувентус, а јас го почитувам татко ми. Нема пари за кои јас би отишол таму“, изјави Калафиори.