Спорт
Роналдо во 2025 година заработил двојно повеќе од Меси
Кристијано Роналдо повторно е на врвот на годишната листа на „Спортико“ на најплатени спортисти. Португалецот заработил двојно повеќе од неговиот долгогодишен ривал Лионел Меси во текот на 2025 година. Напаѓачот Ал-Наср остварил приход од 260 милиони долари, а на листата на 100-те најплатени играчи има вкупно 13 фудбалери.
Роналдо, трета година по ред е на врвот на листата на „Спортико“, Неговиот договор со клубот од Саудиската професионална лига наводно му носи 200 милиони долари годишно, плус 60 милиони долари од други деловни потфати. Португалецот заработувал најмалку 100 милиони долари девет години по ред, а ова е трет пат неговата заработка да надмине 200 милиони долари.
Неговиот успех надвор од теренот се темели и на рекордниот број следбеници на социјалните мрежи, кој вкупно надминува една милијарда, и на профитабилни спонзорски партнерства со компании како што се „Најки“, „Хербалајф“, „Бинанс“, „Перплексити“, „Јили“ и „Терабоди“.
Лионел Меси е на третото место на листата со заработка од 130 милиони долари во 2025 година, што е половина од сумата на Роналдо. Аргентинската ѕвезда потпиша нов договор со Интер Мајами до 2028 година.
Во меѓувреме, Роналдо работи и на продолжување на договорот со Ал-Наср до летото 2027 година, а се споменува дека двајцата би можеле да играат на Светското првенство, кое оваа година се одржува во САД, Канада и Мексико.
Меѓу двајцата фудбалери се наоѓа мексиканскиот боксер Канело Алварез, благодарение на профитабилниот договор со саудиските промотори.
Бразилецот Нејмар, кој се споменува и како можен учесник на Светското првенство, падна на 30-то место на листата. Откако го раскина договорот со Ал-Хилал, тој се врати во својот матичен клуб Сантос на почетокот на 2025 година. Поради значително пониските заработки во Јужна Америка, неговата заработка се намали за речиси 50 милиони долари во споредба со претходната година.
Вкупната заработка на 100-те најплатени спортисти е 6,05 милијарди долари, што е намалување од 2,1% во споредба со минатата година. Прагот за влез на машката листа беше 37,9 милиони долари, додека најплатена спортистка е тенисерката Коко Гоф со заработка од 37,5 милиони долари.
Најзастапен спорт е кошарката, со 40 играчи од НБА на листата. Тие се предводени од Леброн Џејмс, кој беше најплатен кошаркар во 12 од последните 13 сезони. Следи американскиот фудбал со 22 играчи од НФЛ, меѓу кои Патрик Махоумс заработува најмногу.
Фудбалот има 13 претставници меѓу првите 100, од кои пет се во првите 20. Карим Бензема, кој исто така игра во Саудиската професионална лига, е на шестото место, Килијан Мбапе е надвор од првите десет, а Ерлинг Халанд е на 18-то место.
Овде можете да ја видите целата листа на „Спротико“.
Foto/ depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Тухел ќе ја предводи Англија до 2028 година
Тренерот на фудбалската репрезентација на Англија, Томас Тухел, ќе остане на клупата на националниот тим барем до крајот на Европското првенство во 2028 година.
Тоа е епилогот од новата соработка што Фудбалската асоцијација на Англија ја договори со германскиот стручњак. По совршената квалификациска кампања за Светското првенство, самодовербата е на исклучително високо ниво.
Поранешниот стратег на Челзи, Баерн Минхен и Пари Сен Жермен стави крај на шпекулациите за можен трансфер во Манчестер Јунајтед, Тотенхем или Реал Мадрид со парафирање на договорот. Сите три клуба неодамна ги сменија тренерите, но ќе мора да бараат нов на друга адреса.
„Многу сум среќен и горд. Едвај го чекам Светското првенство, одлична можност да ја направам нацијата горда. Имам огромна поддршка од извршниот директор Марк Булингам, колегите од Федерацијата и навивачите каде и да одам, без двоумење решив да ја продолжам оваа работа од соништата. Европското првенство 2028 ќе биде многу посебен турнир, можност да се натпреварувам со најдобрите на најголемата можна сцена“, рече Тухел.
Англичаните повторно влегуваат во големото натпреварување со епитетот еден од главните фаворити за трофејот.
Во групата Л ќе се натпреваруваат против Хрватска, Гана и Панама, па се очекува релативно лесен пласман во нокаут фазата. Пред четири години во Катар беа елиминирани во четвртфиналето, каде што беа запрени од Франција.
Foto/ depositphotos
Спорт
Словенец исфрлен од ЗОИ поради алкохол
Главниот тренер на финската репрезентација за скијачки скокови, Игор Медвед, е дисквалификуван од Зимските олимписки игри поради скандал поврзан со алкохол, објави „Афтонбладет“.
Финските спортисти ќе бидат без својот словенечки тренер до крајот на Игрите, кој беше испратен дома поради кршење на тимските вредности.
„Медвед се врати дома денес. Проблемот е поврзан со алкохолот. Прекршувањето на правилата го сфаќаме многу сериозно и ќе реагираме брзо“, изјави Јане Ханинен, раководител на елитни спортови во Финскиот олимписки комитет.
Селекторот се извини за своите постапки.
„Направив грешка и длабоко жалам за тоа. Сакам да им се извинам на целата финска репрезентација, спортистите и навивачите. Им посакувам на екипата мир и спокојство за да можат да се фокусираат на Олимписките игри“, рече 44-годишниот Медвед, кој е главен тренер на репрезентацијата во скијачки скокови од летото 2024 година, а претходно работеше во словенечката репрезентација.
Медвед е поранешен член на словенечката репрезентација во скијачки скокови.
Спорт
Ко-сопственикот на Манчестер Јунајтед: Велика Британија е колонизирана од имигранти
Британскиот премиер Сер Кир Стармер побара од милијардерот и ко-сопственик на Манчестер Јунајтед, Сер Џим Ратклиф, да се извини за тоа што изјавил дека Велика Британија е „колонизирана од имигранти“.
Во интервју за „Скај њуз“, Ратклиф рече: „Не можете да имате економија со девет милиони луѓе кои примаат социјална помош и огромен прилив на имигранти. Мислам, Велика Британија е колонизирана. Тоа чини премногу“.
Тој додаде: „Велика Британија е всушност колонизирана од имигранти, нели?“
Ретклиф, исто така, наведе неточни податоци за растот на населението, тврдејќи дека бројот на жители се зголемил од 58 милиони во 2020 година на 70 милиони денес, додека официјалните проценки покажуваат многу помало зголемување – од околу 66 на 69 милиони.
Стармер ги нарече неговите коментари „навредливи и погрешни“, велејќи дека Велика Британија е „горда, толерантна и разновидна земја“ и дека таквата реторика „им оди во прилог на оние кои сакаат да ја поделат нашата земја“.
Ратклиф, исто така, рече дека политичарите мора да бидат „подготвени да бидат непопуларни некое време за да решат големи проблеми“, сугерирајќи дека премиерот бил „премногу фин“ за да спроведе „строги мерки“ за имиграцијата и економијата.
Неговите забелешки беа осудени од навивачките групи на Манчестер Јунајтед и антирасистичките организации, велејќи дека тоа е реторика што потсетува на крајно десничарски наративи и може да ги продлабочи поделбите во општеството.
Foto/ depositphotos

