Спорт
Сејдини се извини на навивачите, потврди дека Македонија ќе игра со старите дресови
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, потврди дека по негативните реакции на навивачите по промоцијата на новиот дрес за Европското првенство ова лето, македонската репрезентација ќе игра со старите дресови.
„Драги навивачи на македонската репрезентација, како претседател на Фудбалската федерација на Македонија чувствувам обврска да се обратам до фудбалското семејство во врска со промоцијата на новиот дрес на македонската репрезентација за Европското првенство.
Најпрвин, изразувам искрено жалење за негативните реакции кои што беа предизвикани од бојата на новиот дрес. Свесни сме дека репрезентативниот дрес претставува чест и амбиција на секој фудбалер уште од најрана возраст.
Репрезентативниот дрес беше подготвен со голема радост на барање на фудбалерите. Тимот бараше нови репрезентативни дресови. Ние сакавме да го исполниме тоа барање.
За жал, техничката поддршка во однос на бојата на дресот не е во согласност со барањата на ФФМ. Федерацијата и службите во ФФМ целосно ја преземаат одговорноста за овој избор, но исто така ќе побараат одговорност и од техничкиот партнер.
Како претседател на федерацијата ја преземам мојата одговорност за евентуални последици и најавувам дека на Европското првенство ќе играме со досегашните дресови.
Тоа што не влијаев и имав доверба во работата на службите во ФФМ во креирањето на новиот дрес, не значи дека треба да молчиме кога пошироката јавност го искажува своето мислење. Инсистирам настапот на Европското првенство да биде запаметен по прекрасниот успех што го направивме и да не биде засенет со работи кои се полесни за решавање.
Поради реакциите од бојата на дресот, ние како Фудбалска федерација на Македонија пративме допис до УЕФА со кој бараме натпреварите од Европското првенство да ги одиграме со актуелните дресови. Се надевам дека УЕФА ќе има разбирање за нашето барање и ќе излезе во пресрет на истото.
Со актуелниот репрезентативен дрес игравме на Европското првенство 2017, со тој дрес остваривме историски пласман на ЕУРО 2020 и со тој дрес ќе се претставиме на првенството кое со нетрпение го очекуваме.
Ве повикувам со добра мисла да ги испратиме нашите херои на Европското првенство. Навивачкиот дух да им биде ветер во грб“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Евролигата нема да го толерира однесувањето на Атаман
Кошаркарската Евролигата се огласи по бурната реакција и изјава на Ергин Атаман по поразот на Панатинаикос од Макаби, во Атина на стартот од четвртфиналната серија.
Во соопштението на веб-страницата на елитното натпреварување, се нагласува дека е недозволиво Атаман да ги етикетира судиите, дека таков приситсок нема да биде толериран и дека е покрената дисциплинска постапка против тренерот на Панатинаикос.
За потсетување, Атаман веднаш по натпреварот потенцираше дека судиите му доделиле шест поени на Балдивин, бидејќи досудиле два непостоечки, смешни фаули при шут за три поени, но во исто време нагласи дека ПАО продолжува понатаму, до завршниот турнир во Берлин.
Атаман на прес-конференцијата отиде чекор понатаму, велејќи дека ќе го напушти Панатинаикос доколку не избори пласман на завршниот турнир.
Макаби води во четвртфиналната серија со 1-0, вториот меч се игра вечерва повторно во Атина, а потоа следуваат два натпревари во Белград – 30 април и 2 мај, а евентуалната мајсторка ќе се игра на 8 мај во Атина.
Спорт
Гвардиола за Жоао Кансело: Ќе видиме на крајот на сезоната
Жоао Кансело е член на Манчестер Сити, а моментално е на позајмица во Барселона до крајот на сезоната. Прашање е дали Барселона сака да го отткупи неговиот договор, откако Португалецот беше означен како еден од главните виновници за елиминацијата од ПСЖ од Лигата на шампионите и поразот од Реал во Ел Класико.
Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола изјави дека на крајот на сезоната ќе одлучи дали Кансело ќе се врати во клубот, пренесуваат британските медиуми.
„Се уште не сме разговарале за иднината на Кансело во нашиот клуб. Ќе разговараме на крајот на сезоната“, изјави Гвардиола.
Кансело (29) е член на Манчестер Сити од 2019 година. Тој има договор со англискиот клуб до 30 јуни 2027 година.
Вториот дел од минатата сезона Кансело го мина на позајмица во Баерн, а потоа Манчестер Сити го испрати португалскиот фудбалер на едногодишна позајмица во Барселона.
Кансело оваа сезона одигра 36 натпревари за Барселона и постигна четири гола.
Спорт
„Заминувам ако Алегри остане тренер“
Федерико Киеза (26) е подготвен да го напушти Јувентус. „Газета дело Спорт“, дури тврди дека италијанскиот репрезентативец им поставил ултиматум на клупските челници.
Енрико Киеза, сезонава не игра на вообичаеното ниво откако се опорави од тешката повреда.
Иако италијанскиот репрезентативец постигна скромни осум гола и две асистенции за неговите стандарди, Јувентус би сакал да го задржи, но се уште нема никаков напредок во преговорите.
Неговиот актуелен договор е до 2025 година, што значително го намалува просторот за маневрирање на клубот.
Киеза на лето би можел да влезе во последната година од договорот и тоа ќе биде последна шанса да клубот заработи од неговиот трансфер.
„Газета дело Спорт“, пишува дека Киеза својот потенцијален останок во клубот го условува со ултиматум. Италијанскиот весник пишува дека Киеза на затворен состанок јасно им кажал на клупските челници дека сигурно ќе го напушти клубот доколку Масимилијано Алегри остане тренер и во следната сезона.
Сериозен интерес за Киеза покажа Рома, односно нејзниот тренер Даниеле Де Роси, кој ќе ја доби довербата да го предводи тимот и наредната сезона.