Спорт
Секој меч е важен, а посебно слатка би била победата над Бугарија

Топспорт во Разград,
Никола Ѓуровски
Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (18 часот) во Разград ќе се сретне со Бугарија во првиот натпревар од новиот циклус во Лигата на нации. Прво, па „машко“, против источниот сосед кој ни прави многу проблеми во политичките води и на патот на интеграцијата кон Европската Унија.
Во фудбалот Македонија одамна е во Европа, беше дел и од Европско првенство, па тука Бугарија и нема некоја посебна „сила“. И кога е фудбалското умеење во прашање, се чини дека Македонија е поквалитетна во овој момент, иако тоа ќе треба да го докаже и на теренот.
Селекторот на Македоија, Благоја Милевски, не сака да го коментира оној друг дел, фокусиран е само на фудбалското надмудрување.
„Не гледам дека сме фаворити, тие се одредуваат само и единствено на фудбалскиот терен. Кој ќе покаже повеќе – ќе оствари победа. Ние сме спортски работници и јас на овој натпревар гледам единствено од фудбалски аспект. Мотивирани сме максимално, но затоа што ја претставуваме Македонија, а не поради името на ривалот“, изјави Милевски.
Со капитенската лента на овој меч ќе биде Енис Барди, а имаше убава најава, дека минатиот пат дал три гола кога имал таква улога.
„Последниот пат кога бев капитен, дадов три гола. Секој натпревар што го играме во дресот на Македонија сме максимално мотивирани да го победиме. Почнуваме нов циклус во Лигата на нации, а овој натпревар е исклучително важен, впрочем како и сите други“, изјави Барди.
Познат е и составот што треба да го одреди селекторот Милевски за денешниот меч.
На голот ќе биде Столе Димитриевски, а во одбраната ќе делуваат Ашковски, Велковски, Муслиу и Алиоски. Во средниот ред Стефан Спировски треба да донесе искуство крај Барди и Елмас, а на крилните позиции ќе бидат Дарко Чурлинов и Александар Трајковски. Улогата на централен напаѓач ќе ја има Милан Ристовски.
Натпреварот меѓу Бугарија и Македонија е закажан за 18 часот, на „Лудогорец Арена“ во Разград.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Меѓународен
Утре почнува тенискиот турнир во Вимблдон

Од специјалниот известувач од Вимблдон
Во понеделник во Лондон започнува 135-то издание на најстариот тениски турнир Вимблдон, кој, многумина тенисери, го сметаат и за неофицијално светско првенство. Во наредните две седмици, најдобрите светски тенисери и тенисерки ќе се обидат да триумфираат во некоја од петте категории: машка, женска, игра во двојки и микс двојки.
За главен фаворит за освојување на третиот овогодишен гренд-слем турнир се смета минатогодишниот победник, Србинот Новак Ѓоковиќ, а, после него, ланскиот финалист, Италијанецот Матео Беретини. Вториот носител на турнирот, и освојувачот на двата овогодишни гренд-слемови, Рафаел Надал, доста е потценет од букмејкерите и се смета за трет кандидидат за победник на турнирот. Својот напад на седмата вимблдонска титула и 21-от гренд-слем, индиректно го најави и Новак Ѓоковиќ во изјавата за Макфакс и Топспорт дека е задоволен како му поминале подготовките, дека тие биле со ист квалитетни како и минатата година и дека се надева дека далеку ќе стигне на турнирот.
Наспроти очекувањата, како и секоја година, можни се изненадувања и некој од фаворитите да биде елиминиран од послабо рангираните тенисери, особено во првата седмица од мечевите. Таков неславен пример на последните два Вимблдона беше грчкиот тенисер Стефанос Циципас, кој, иако доаѓаше на турнирот рангиран меѓу првите десет тенисер, испаѓаше уште во првото коло. Шанса за успех за тенисерите од сенка да направат изненадување се гледа и во одлуката на организаторот да не им дозволи да настапуваат претставниците од Русија и Белорусија, така што првопласираниот на АТП листата, Русинот Даниел Медведев нема да биде присутен на зелените терени, исто као и второпласираниот, Германецот Александар Зверев, кој, поради повреда во полуфиналето на Роланд Гарос, исто така, ќе биде отсутен. Иако далеку од некогашната форма, своја желба да игра во финалето, најави и миленикот на домашната публика Енди Мареј.
Во женска конкуренција, најмногу шанси ѝ се даваат на првата тенисерка на светот Иги Швојтек од Полска, додека далеку зад неа се шампионката од 2019., Романката (со македонски корени), Симона Халеп и седмократната победничка на Вимблдон, Серана Вилијамс од САД. Женската конкуренција е далеку понепредвидлива од машката, така што можни се непредвидливи мечеви уште од првиот ден, па до самото финале.
Како и минатата година, единствен претставник од С. Македонија ќе биде осумнаесетгодишниот Калин Ивановски, кој ќе настапи во јуниорска конкуренција.
Наградниот фонд оваа година е зголемен на рекордни 40,35 милиони фунти, што е за 11 посто повеќе од 2021., кога тој изнесуваше 38 милиони фунти. Победниците во поединечна машка и женска конкуренција ќе добијат по два милиони фунти (2,35 милиони евра). Паричната награда е и единствеата сатисфакција за играчите, бидејќи оваа година асоцијациите АТП и ВТА нема да доделуваат поени на тенисерите и тенисерките, поради одлука на организаторите на Вимблдон да им забранат учество на натпреварувачите од Русија и Белорусија.
Од најпрестижниот тениски турнир ќе известуваат околу 550 новинари од над 50 земји. Како и на Вимблдон во 2019. и 2021., и оваа година Макфакс и Топспорт ќе имаат свој известувач од сите четиринаесет дена додека се одржува турнирот.
Ненад Живановски
Спорт
Нов пресврт – Ди Марија се договорил со Јувентус?

Повеќе италијански извори тврдат дека Јувентус, конечно, се договориле со Анхел ди Марија за договор, иако претходно вестите велеа дека веќе нема да го чекаат аргентинскиот ветеран, кој е слободен играч по крајот на договорот со Пари Сен-Жермен, каде што помина седум години.
Барселона исто така му понуди договор, по што Аргентинецот побарал дополнително време да се советува со своето семејство. Сега, според „Ла газета дело спорт“ и „Ла стампа“, Ди Марија се согласил на трансфер со годишна плата од 7 милиони евра.
Ди Марија побарал едногодишен договор со опција за уште една, за да може да се врати во Аргентина по Светското првенство во Катар.
Спорт
Вистински херој – францускиот атлетичар Апио победи и покрај тоа што беше нападнат пред трката

Францускиот атлетичар Вилфрид Апио стигна до сензационална победа на 400 метри со пречки на националниот шампионат, иако 20 минути пред трката беше нападнат во шокантни сцени во Каен.
Апио се загревал за трката во саботата навечер, кога еден човек успеал да го помине обезбедувањето и да упати неколку удари во неговата глава, пред тренерот на Апио, Оливие Валеас да го блокира напаѓачот. 23-годишниот Апио кашлал крв пред трката, но решил да настапи со преврска на окото, за да стигне до победа со личен рекорд од 48.57.
„Не сакам да зборувам за тоа што се случи, ќе оставиме на компентентните луѓе. Чувството во трката беше добро и тој покажа што умее“, изјави тренерот по трката.
Апио сега се квалификуваше за Светското јуниорско првенство во Орегон, САД.
🔥 Minima pour les Mondiaux de Eugene !
🥇 Wilfried Happio (Lille Métropole Athlé) champion de France Elite du 400 m haies en 48''57 !
💪 Cinquième meilleur performeur 🇫🇷 de l'histoire !
💻 Suivez les #CFAthlé en DIRECT sur https://t.co/63xdTVtG50 et @lachainelequipe. pic.twitter.com/s4QTyk50iT
— FFAthlétisme (@FFAthletisme) June 25, 2022