Спорт
Селекторите молчат – Дали Меси и Роналдо ќе играат на СП?
Двајца најдобри во 21 век се во доцните фудбалски години, што го поставува прашањето за нивниот настап на претстојното Светско првенство.
И Аргентинците и Португалците вешто ги кријат своите карти, без јасни навестувања дали Лионел Меси и Кристијано Роналдо ќе ги закажат своите лебедови песни за следното лето.
„Ќе почекаме додека не одлучи, засега не знаеме ништо. Во принцип, сè оди во вистинската насока. Само ќе ја прифатиме неговата конечна одлука, тоа е реалноста“, беше краток тренерот на светскиот шампион Лионел Скалони.
Неговиот колега, од португалскиот табор, не беше премногу расположен да разговара за жешката тема.
„Како и сите играчи, тој има уште шест месеци до Светското првенство. Моменталното ниво на Кристијано е високо, тој постигна 25 гола во последните 30 натпревари за Португалија и е во добра форма. Ќе почекаме до летото“, рече Роберто Мартинез.
Иако кормиларите се бранат со молчење, сосема е јасно дека двајцата великани едноставно мора да бидат меѓу патниците за Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико. Тоа би бил рекорден шести настап за Меси и Роналдо на најголемото фудбалско шоу во светот.
Foto/ EPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Папата стана почесен член на Реал Мадрид
Папата Лав XIV стана почесен член на Реал Мадрид, објави „Кралскиот клуб“ на својата официјална веб-страница.
Назначувањето е направено со интервенција на претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, кој пред неколку дена обезбеди нов мандат до 2030 година. Почесното членство е највисоката форма на поддршка за Реал Мадрид, тврди клубот.
„На овој начин, Реал Мадрид го изразува своето восхитување и признава универзална личност која претставува милијарди луѓе и промовира мир, солидарност и правда низ целиот свет“, се вели во официјалното соопштение на Реал Мадрид.
Папата Лав XIV го посети стадионот „Сантијаго Бернабеу“, пред четири дена. Во Мадрид велат дека овој ден е посебен за нив во долгата и богата историја на клубот.
Папата Лав XIV е Американец и неодамна беше откриено дека Реал Мадрид е неговиот омилен клуб.
Foto/ EPA
Спорт
Инфантино со ефтина шега предизвика бес во Италија
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, повторно се најде на мета на јавни критики, овој пат во Италија.
На „чизмата“, неговата шега за неуспехот на таа репрезентација да се квалификува за Светското првенство предизвика остри реакции од политичарите и спортските работници.
За време на разговорот со „CazéTV“, Инфантино зборуваше за можноста за дополнително проширување на Светското првенство, кое ќе брои 48 репрезентации од следното издание, а потоа се пошегува за трајните проблеми на Италија во квалификациите за Светското првенство.
„Веќе ја проценивме можноста за проширување на турнирот на 64 екипи за да вклучиме уште повеќе земји. Тоа е прашање доставено до Советот на ФИФА, но во меѓувреме да уживаме во ова прво издание со 48 екипи. Можеби Италија би можела да се квалификува со 64 екипи, или дури би можеле да одиме на 208 екипи за да го обезбедиме нивното учество“, се пошегува Инфантино.
Неговите зборови предизвикаа бура во Италија, која се соочува со трет последователен неуспех во квалификациите за Светското првенство. Многумина оценија дека претседателот на ФИФА ја преминал границата на добриот вкус и дека дополнително ја понижил земјата што минува низ тежок период во репрезентативниот фудбал.
Пратеникот на „Пет ѕвезди“, Гаетано Амато, беше меѓу првите што реагираа, нарекувајќи го коментарот на Инфантино несоодветен.
„Дали Џани Инфантино мисли дека е смешно што Италија не се квалификуваше за Светското првенство? Треба да се потсетиме дека тој не зборува како навивач во бар, туку како претседател на ФИФА. Улогата што ја има е благодарение на поддршката од италијанската федерација и која треба да донесе рамнотежа и почит. Ние најмногу се срамиме поради распадот на националниот тим и моменталната катастрофа во која се наоѓа италијанскиот фудбал. Не ни требаат неговите евтини шеги за да го препознаеме тоа“, рече Амато.
Потоа го повика италијанскиот министер за спорт, Андреа Абоди, да реагира на изјавата на првиот човек на ФИФА.
„Да се потсмеваш на Италија е навреда, особено од некој што треба да го претставува фудбалот низ целиот свет, вклучително и Италија. Срамот за „Азурите“ е сериозен. Коментарите на претседателот на ФИФА се уште посериозни. Абоди, те молам, нека се чуе твојот глас“, додаде Амато.
Забелешката на Инфантино, која многумина во Италија ја окарактеризираа како „евтина шега“, со тоа отвори нова контроверзност во врска со настапот на претседателот на ФИФА, чии изјави во последните денови често предизвикуваат контроверзии и бурни реакции низ фудбалската јавност.
Foto/ Depositphotos
Спорт
Фудбалерот, обвинет за силување, може да заборави на Светското првенство
Репрезентацијата на Гана се соочи со сериозен проблем, пред почетокот на Светското првенство, бидејќи на играчот од средниот ред Томас Парти не му беше дозволено да влезе во Канада поради судска постапка што се води против него во Велика Британија.
Поранешниот фудбалер на Арсенал во јули 2025 година подби пет обвиненија за силување и едно обвинение за сексуален напад.
Парти ги негираше сите обвинувања во септември, а против него беа поднесени две нови обвиненија за силување во февруари оваа година. Тој исто така ги отфрли со тоа што се изјасни за невин.
Според медиумите, канадските власти одбиле да му дозволат влез во земјата пред натпреварот од првото коло против Панама, кој е закажан за 17 јуни во Торонто. Иако Парти не е осуден и постапката против него е сè уште во тек, според достапните информации, властите одлучиле да не му дозволат влез во земјата.
Фудбалерот продолжува да ги негира сите обвиненија, додека се очекува судскиот процес во Обединетото Кралство да продолжи.
Foto/ Depositphotos
