Спорт
Сериозни обвинувања – „Билд“ тврди дека Мукоко нема 20 туку 24 години
Јусуфа Мукоко е 20-годишен напаѓач на Борусија Дортмунд кој моментално е на позајмица во Ница. Таму постигна два гола и забележа две асистенции на 13 настапи во сите натпреварувања оваа сезона. На 12 години беше прогласен за најголем талент во светот, а денеска германски „Билд“ објави дека тој всушност е четири години постар од неговата возраст.
Мукоко е роден во Камерун, а во Германија дошол како дете. На 12-годишна возраст првпат играл за репрезентацијата до 16 години. Уште од самиот почеток се поставуваа прашања за неговата возраст бидејќи соборуваше рекорд по рекорд.
На 50 настапи во Бундеслигата до 17 години, тој постигна 83 гола и имаше 14 асистенции, додека на 23 натпревари во Бундеслигата до 19 постигна 44 гола и имаше 10 асистенции.
Сепак, најновите информации, откриени во документарецот на телевизискиот канал „ПроЗибен“, сугерираат дека тој нема 20, туку 24 години.
Неговиот наводен татко Џозеф (73) во изјава дадена под заклетва, во која „Билд“ имал увид рекол: „Знаејќи ја кривичната одговорност за лажните изјави, под заклетва изјавувам: Јусуфа Мукоко не е мој биолошки син, не е биолошки син и на мојата сопруга Мари Мукоко. Исто така, тој не е роден на 20 ноември 2004 година во Јаунде. Му извадив лажен извод од матичната книга на родените во Јаунде. Потоа отидов во амбасадата, му извадив пасош и го однесов во Германија како да е мој син. Тој всушност е роден на 19.јули 2000 година. година. Го направивме четири години помлад, па во изводот пишува дека дека е роден на 20 ноември 2004 година.
„Мојата сопруга беше вработена во агенција која работи за „Евоник“, спонзорот на Борусија Дортмунд, а јас бев вработен директно во клубот. Така добивавме пари секој месец. Не работевме”, заклучи Џозеф Мукоко.
„Билд“, прецизира дека Џозеф Мукоко, кој бил под договор како видео аналитичар и скаут, добивал 20.000 евра месечно. Покрај тоа, германските медиуми, кои отидоа во Камерун за да се обидат да ги најдат вистинските изводи од матичната книга на родените на играчот, не најдоа ништо за раѓањето во 2004 година.
Од друга страна, германските медиуми го добија изводот од матичната книга на родените на Јусуфа Мохамаду, роден на 19 јули 2000 година, кој не е мртов, што значи дека денес има 24 години. Неговиот татко е Оусман Мохамаду (51).
„Во сиромашниот кварт Ла Брикетери во главниот град, каде што порасна Јусуфа Мукоко, вујкото на фудбалерот вели дека неговиот вистински татко живее во вила на десет километри. И неколку соседи потврдуваат дека тука живее таткото на ѕвездата на Борусија Дортмунд, која сите ја познаваат. Сепак, во вилата не живее Џозеф Мукоко, туку Оусман Мохамаду“, пишува Билд, упатувајќи сериозни обвинувања.
Германскиот весник го контактирал и Саша Флиге, директорот за комуникации на Борусија Дортмунд.
Тој изјавил: „Во случајот на Јусуфа Мукоко, биолошките родители може да се најдат врз основа на официјални лични документи и изводи од матичната книга на родените издадени од германските власти.
Овие документи остануваат во сила до ден-денес и претставуваат основа за потпишување договори со клубови, домашни и странски, и секако, за избор на асоцијативни тимови како што е германската репрезентација до 21 година“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Барселона го декласира Реал за 15. трофеј во Суперкупот
Барселона го освои 15. трофеј во Суперкупот на Шпанија. Во финалето, во Ријад, Барселона го декласира Реал Мадрид со 5:2 (4:1).
Барселона го надигра и го понижи најголемиот ривал во финалниот меч. Каталонците за 26 минути спакуваа пет гола во мрежата на Тибо Куртоа. Колку Реал беше инфериорен говори и податокот дека и со играч повеќе не успеаја да и наштетат на Барселона.
Во 52.минута исклучен беше голманот на Барселона, Војчех Шчесни.
Мбапе го постигна првиот гол на натпреварот во петтата минута. барселона изедначи во 22. преку Јамал, а до крајот на првиот дел погодија Левандовски, Рафиња и Балде.
На стартот од вториот дел, во 48.минута, петтиот гол го постигна Рафиња. По исклучувањето на Шчесни, Родриго го намали поразот.
Спорт
Дончиќ испадна од конкуренција за индивидуалните награди
Лука Дончиќ повеќе нема да има право да конкурира за индивидуалните награди оваа сезона во НБА лигата.
Ѕвездата на Далас Маверикс ќе го пропушти неделниот натпревар против Денвер Нагетс, што не е изненадување со оглед на тоа дека веќе е надвор од теренот поради повреда на левата потколеница и се очекува да отсуствува најмалку уште две недели.
Дуелот со Денвер ќе биде 17-ти натпревар што Дончиќ го пропушта оваа сезона, со што ќе ја прекине серијата од пет последователни појавувања во All-NBA First Team изборот.
Исто така, тој автоматски е елиминиран од трката за наградата МВП.
Дончиќ се приклучува на растечката листа на ѕвезди кои нема да го исполнат условот на НБА од 65 натпревари за да можат да бидат во конкуренција за наградите на крајот од сезоната. На таа листа се Каваи Ленард, Џоел Ембид, Зион Вилијамсон, Паоло Банкеро и Чет Холмгрен.
„За жал, тоа е норма сега со правилата кои се поставени“, изјави тренерот на Маверикс Џејсон Кид.
„Кога имате сериозна повреда, тоа може да ве исклучи, но сите знаеме дека тој е еден од најдобрите играчи. Секогаш се споменува како кандидат за наградата МВП”.
Спорт
(Видео) Манчестер јунајтед на пенали го исфрли Арсенал од ФА Купот
Манчестер јунајтед се пласираше во четвртото коло на ФА Купот, откако по голема драма го елиминира го Арсенал, во Лондон. По 90 и 120 минута резултатот беше 1:1, а пенал серијата избраниците на Рубен Аморим го добија со 5:4.
Јунајтед поведе во 52. минута, по една брза акција, Алехандро Гарначо го проигра Бруно Фернандеш, а тој со одличен удар го матираше Давид Раја.
Сепак, само девет минути подоцна, играчот на Јунајтед, Диого Далот беше исклучен поради втор жолт картон, а Арсенал веднаш го искористи тоа и го израмни резултатот на 1:1. Со малку среќа погоди Габриел, топката по неговиот удар на патот кон голот ја допре Де Лихт и го измами голманот Алтај Бајиндир, кој блескаше на голот на Јунајтед.
Имаа шанса избраниците на Микел Артета да направат целосен пресврт, но во во 72. минута Бајиндир го одбрани пеналот на Мартин Одегард.
Јунајтед целото продолжение го издржа со играч помалку, а на крајот решавачка во пеналите беше втората серија во која Бајиндир го одбрани ударот на Каи Хаверц. Бруно Фернандеш, Амад Диало, Лени Јоро, Лисандро Мартинез и Џошуа Зиркзе постигнаа голови за Јунајтед.