Спорт
Сезонава Ф1 сепак ќе се вози во Џеда
Поранешниот возач на Формула 1 и амбасадор на трки во Абу Даби, Роберт Дорнбос, наговести дека неодамна откажаната Голема награда на Саудиска Арабија сè уште може да се врати во календарот и да се одржи подоцна во текот на годината.
Да потсетиме дека трката во Бахреин беше планирана за 12 април, додека Саудиска Арабија требаше да биде домаќин на караванот на Формула 1 на 19 април. Сепак, обете трки беа откажани поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
Поради ова, има невообичаено долга пауза во сезоната од дури пет недели помеѓу Големата награда на Јапонија (29 март) и следната трка во Мајами (3 мај).
По откажувањето на овие две трки, календарот за сезоната 2026 сега има 22 трки наместо првично планираните 24, со претходно соопштение дека откажаните трки нема да бидат надоместени во текот на април.
Сепак, Дорнбос ги поттикна шпекулациите дека трката во Џеда може да се врати во распоредот. Според него, постои можност Големата награда на Саудиска Арабија да се одржи на 6 декември, додека крајот на сезоната во Абу Даби би се поместил на 13 декември.
„Слушнав различни информации. Знаеме колку е важен Арамко како спонзор на Формула 1 и колку инвестира во промоцијата на трката во Џеда. Постои реална шанса трката да се врати во календарот оваа година“, рече Дорнбос.
Арамко, државната нафтена компанија на Саудиска Арабија, е еден од клучните партнери на Формула 1 и значаен финансиер на големи спортски настани низ целиот свет.
Според овие изјави, крајот на шампионатот би можел да изгледа значително поинаку, дури четири последователни трки: Лас Вегас, Катар, Саудиска Арабија и Абу Даби.
Во моментов, Големата награда на Абу Даби е закажана за периодот од 3 до 6 декември на патеката „Јас Марина“, каде што традиционално се одлучува за шампионот. Сепак, доколку има промени во календарот, постои можност оваа трка да се помести за една недела подоцна.
Foto/ Depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Вардар е шампион на Македонија
Фудбалерите на Вардар на ја освоија шампионската титула, 12-та во клупската историја и прва по пауза од шест години. Во пресрет на последното коло, Вардар, стекна недостижна предност во однос на сега поранешниот првак, Струга Трим Лум.
За да ја обебеди титулата во 32-то коло, на Вардар му беше потребен бод во Струга. Црвено-црните ги освоија трите.
Славеа минимална победа со голот на Цетковиќ во петтата минута.
Вардар во сезоната 2026/ 2027 ќе игра во квалификациите за пласман во Лигата на шампионите.
Табела:

Спорт
Дубаи се заканува со повлекување од АБА лигата
Драмата околу враќањето на кошаркарскиот клуб од Дубаи во татковината продолжува. Клубот од Обединетите Арапски Емирати се заканува дека ќе ја напушти АБА лигата.
Дубаи се пресели да игра во Сараево поради војната на Блискиот исток, но по испаѓањето од Евролигата одлучи да се врати во Обединетите Арапски Емирати.
„Во договор со лигата, испративме писмо до Клуж и Будуќност за да разјасниме дали имаат административни пречки да патуваат во Дубаи, бидејќи тие не одговорија до вторник напладне, објавивме дека се враќаме дома. Будуќност подоцна зазеде став дека не се согласува со тоа, односно дека не сака да игра натпревари во Дубаи затоа што некои играчи не сакаат да дојдат“, тврди неименуван извир на „Спортал“.
Тимот се врати во ОАЕ, а во меѓувреме, АБА лигата одлучи Дубаи да продолжи да игра на неутрален терен.
Наводно, клубот верува дека челниците на АБА лигата направиле грешка затоа што наместо писмо, требало да организираат состанок со клубовите, каде што ќе разговарале за враќањето на Дубаи во татковината.
Соговорникот на споменатиот извор тврди дека Дубаи очекува промена на одлуката, и дека доколку тоа не се случи, сигурно ќе ја тужат лигата, што би довело до потенцијална разделба.
Foto/ ABA league
Спорт
Нојер ќе брани за Германија на СП
Легендарниот германски голман Мануел Нојер (40) е на проширениот список на Јулијан Нагелсман за претстојното Светско првенство, а според германските медиуми, договорено е неговото враќање во репрезентацијата по пензионирањето во 2024 година.
Наводно, селекторот и голманот на Баерн се сретнале и се согласиле Нојер да се врати во репрезентацијата.
Сепак, ова наводно не му гарантира место меѓу 26-те патници на Светското првенство, а конечниот список треба да биде објавен на 21 мај.
Нојер се збогува со репрезентацијата во 2024 година откако беше елиминиран од Шпанија во четвртфиналето на Европското првенство.
Тешко е да се очекува дека Нојер ќе оди на СП за да биде втор или трет голман и ако е на списокот, јасно е дека ќе биде „единицата“ на Германија.
Во тој случај, цехот би го платил голманот на Хофенхајм, Оливер Бауман, кој беше виден како стартер за „Панцерите“ на Светското првенство.
Германците ќе бидат дел од групата Е на Светското првенство, а нивни ривали ќе бидат Брегот на Слоновата Коска, Еквадор и Курасао.
Foto/ Depositphotos
