Спорт
Шкендија посакува триумф против Арарат на вечерашната пресметка во Скопје

Македонскиот фудбалски клуб Шкендија вечерва на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје го пречекува ерменскиот тим Арарат во првиот меч од воведното коло во квалификациите на Конференциската лига на УЕФА. Нашиот претставник важи за умерен фаворит, а тренерот Артим Шаќири вели дека првиот меч е многу важен за крајниот исход.
„Подготвени сме за предизвикот. Го анализиравме Арарат до детали и нема да го потцениме. Сепак, исто така и не треба да го прецениме ривалот. Веруваме во нашите квалитети и треба да докажеме дека сме подобар тим“, истакна Артим Шаќири.
Капитенот Егзон Бејтулаи се надева дека Шкендија ќе има солидна европска одисеја оваа година.
„Имавме две неуспешни години во Европа и се надевам дека сега ќе бидеме многу подобри. Посакувам повторно да дојде некој голем европски тим во Македонија, а за тоа ќе треба да оствариме неколку победи“, изјави Бејтулаи.
Натпреварот меѓу Шкендија и Арарат започнува од 20 часот на Националната арена во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Олимпик Марсеј му приреди победничко деби на Тудор

Олимпик Марсеј победнички го стартуваше новиот шампионат на Франција, со надеж дека може да му парира на ПСЖ. Фудбалерите му приредија победничко деби на тренерот Игор Тудор на „Велодром“ откако со 4:1 го совладаа Реимс.
Фаес си даде автогол на самиот старт на мечот, а Нуно Тавареш зголеми на 2:0 пред полувремето.
Во вториот дел, Луис Суарез беше стрелец на два гола, а почесниот погодок за гостите беше дело на Фоларин Балогун.
Спорт
Левандовски постигна првенец, Барса блескаше на „Гампер куп“

Барселона е подготвена за почетокот на новата сезона во Ла Лига и во Лигата на шампионите. Традиоционално, последниот тест е „Гампер куп“ на „Камп Ноу“, а вечерва каталонскиот гигант го совлада Унам Пумас со 6:0.
Полскиот голгетер Роберт Левандовски погоди во третата минута и го постигна првенецот, а Педри зголеми на 2:0 само две минути подоцна. До крајот на првиот дел погодија и Осман Дембеле и повторно Педри.
Во второто полувреме Обамејанг и Френки де Јонг дадоа глазура на убедливиот триумф.
Спорт
Мората го растури Јувентус, Алегри го сака назад во Торино

Атлетико Мадрид во пријателски натпревар го декласираше Јувентус со 4:0, а првите три гола ги постигна поранешниот, а можеби и иден играч на Јувентус, Алваро Мората.
Тој во десеттата минута првпат ја погоди мрежата на „старата дама“. На 2:0 зголеми во 43. минута, а хет-трикот го комплетираше во 62. минута.
Конечниот резултат го постави Куња во 92. минута.
Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри, се обидува да го врати Мората во Торино, а тој го потсети за каков врвен напаѓач се работи. Сепак, Атлетико ќе се согласи на договор само доколку комплетно го продаде 29-годишниот шпански фудбалер.
Мората последните две сезони ги мина на позајмица во Јувентус, а особено беше успешен во последната. Атлетико бара околу 35 милиони евра за Мората.