Спорт
Шкупи посакува чудо против Динамо Загреб
Македонскиот првак Шкупи вечерва (21 часот) на арената „Тодор Проески“ го игра реванш натпреварот против хрватскиот шампион Динамо Загреб, во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите. Ремито (2:2) на „Максимир“ дава надеж дека Шкупи може да направи сензација, но тренерот Гоце Седлоски секако напомена и дека тоа не смее да ги опушти неговите фудбалери, да мислат дека лесно ќе поминат против Динамо во Скопје.
Ќе биде тоа натпревар за паметење, можност за фудбалерите на Шкупи да го направат најголемиот успех во клупската историја. На таков начин би го повториле и најголемиот успех на еден македонски клуб во европски рамки, што досега го остварил само Вардар, пласман во групната фаза во Лигата на Европа. Самиот пласман во третото коло од ЛШ носи таква можност, дури и ако се испадне во оваа фаза од најелитното европско натпреварување.
„Знаеме против каков ривал играме, Динамо Загреб е балкански гигант, и тие 2:2 од „Максимир“ не смеат да не залажат дека сега ќе биде полесно, иако ќе играме во Скопје и ќе имаме поддршка од публиката. Во едно сум сигурен, дека сите фудбалери ќе го дадат максимумот, а за да направиме сензација мислам дека е потребно и повеќе од тоа. Треба да одиграме за уште 40% подобро од првиот меч во Загреб“, порачува тренерот на Шкупи, Гоце Седлоски.
Динамо Загреб најави дека дојде да победи во Скопје, да потврди дека е поквалитетен тим и да се пласира во следната рунда. Во тимот на Анмте Чачиќ ќе бидат и двајцата македонски репрезентативци, Аријан Адеми со клучна улога во средниот ред и Стефан Ристовски, кој овојпат ќе игра како стопер.
Натпреварот меѓу Шкупи и Динамо Загреб е закажан за 21 часот, на арената „Тодор Проески“ во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Заврши сезоната за Енцо Фернандес
Играчот од средниот ред на Челзи, Енцо Фернандес, ја заврши сезоната, бидејќи наскоро ќе мора да оди на операција на препоните, пишува аргентинскиот весник „Оле“. Според овој извор на Фернадес ќе му бидат потребни неколку недели за рехабилитација.
Поранешниот фудбалер на Ривер Плејт и Бенфика, извесно време се жалеше на болки, но сепак играше. Постоеше опција лекувањето да се одложи до лето, но по консултација со лекарите на Челзи и аргентинската репрезентација тој одлучи веднаш да биде опериран.
Планот е Фернандес да има доволно време целосно да се опорави за претстојната Копа Америка која започнува на 20 јуни.
Светскиот шампион пристигна на „Стемфорд Бриџ“ од Лисабон во јануари 2023 година во трансфер вреден 121 милион евра. Неговите настапи оваа сезона, сепак, се во склад со перформансите на повеќето играчи на Челзи – неубедливи и нестабилни.
Енцо оваа сезона одигра 40 од 45 натпревари за „сините“.
Спорт
Ла Лига од следната година ќе се игра во САД
Претседателот на шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас, даде неколку интересни коментари во интервју за „Експансион“. Тамошната јавност најмногу ја коментира изјавата во која тој отворено призна дека навива за Реал Мадрид. Овој факт е познат одамна, но сега за прв пат е и јавно потврден. Тебас го откри овој детал коментирајќи ја приказната за доаѓањето на Килијан Мбапе во Реал.
Сепак, претседателот на една од најдобрите светски лиги донесе и по малку шокантна вест за сите љубители на традиционалниот фудбал. Имено, од сезоната 2025/26, некои натпревари од Ла Лига ќе се играат во Соединетите Американски Држави.
Тоа значи дека веќе следната година би можеле да го видиме првиот натпревар од шпанското првенство на американска почва.
„САД е втор најголем пазар за нас, веднаш по Шпанија. Тоа ќе ја зајакне нашата позиција таму. Другите европски лиги веќе работат таму и немаме избор, во спротивно ќе не избришат“, рече Тебас.
Инаку, уште во 2018 година имаше предлог да се игра каталонското дерби меѓу Барселона и Џирона во САД, но УЕФА го блокираше тој потег.
Спорт
Абердин ќе бара 8.000.000 фунти за Миовски
Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски, во летниот преоден рок ќе го напушти Абердин. Шкотските медиуми пишуваат дека интерес за Македонецот покажале великаните не само на шкотскиот туку и на европскиот фудбал, Ренџерс и Селтик. Според овие извори поголем интерес постои кај „полицајците“.
Глазгов Ренџерс подолг период внимателно го следи Миовски, кој ја игра најдобрата сезона во кариерата. Во сите натпреварувања, Миовски одигра 48 натпревари, постигна 24 гола.
Цената која треба да ја издвојат заинтересираните клубови изнесува 8.000.000 фунти.
Покрај Ренџерс и Селтик, интерес за Миовски наводно има и кај Феенорд. Актуелниот освојувач на Купот на Холандија, бара замена во нападот за Мексиканецот Хименес, кој извесно е дека ќе го напушти клубот.