Спорт
Шпанскиот суд ја тргна заштитата која ја имаа основачите на Суперлигата
Шпанскиот суд ги укина мерките кои ги штитеа клубовите кои сакаа да ја основаат елитна Суперлига, од евентуалните казни на УЕФА и ФИФА.
Во судските документи до кои денеска имаше увид „Асошиејтед прес“, судот во Мадрид најави дека ќе ја укине правната заштита, со образложение дека и да бидат казнети, тоа нема да ги спречи да продолжат со планот за формирање ново натпреварување кое не е под контрола на УЕФА.
Минатиот април 12 клуба се обидоа да ја основаат Супер лигата, а тој план пропадна за 48 часа, бидејќи повеќето од нив се откажаа, освен Реал Мадрид, Барселона и Јувентус.
„На никаков начин не се покажа дека заканата со парични казни за трите клуба ќе доведе до неможност за реализација на проектот“, изјави судијката Софија Хил.
Таа ја отфрли загриженоста на клубовите дека казните на водечките светски фудбалски организации ќе ги уништат нивните шанси за привлекување средства за Суперлигата.
Минатиот април, друг шпански судија им нареди на ФИФА и УЕФА „да се воздржат од преземање какви било мерки што директно или индиректно, би ги попречило подготовките за формирањето на европската Суперлига“.
Овој потег дојде поради заканите, дека клубовите од Суперлигата ќе добијат забрана за настап во Лигата на шампионите.
Пресудата може да се обжали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Колку заработи Иванишевиќ од соработката со Ѓоковиќ?
Прекинот на соработката меѓу Новак Ѓоковиќ и Горан Иванишевиќ е топ тема кај регионалната спортска јавност.
Ниту една страна не ги откри точните причини за разделбата, освен што Ѓоковиќ изјави дека „достигнале точка на заситеност“.
Ѓоковиќ најверојатно пукна по лошиот почеток на сезоната во која се уште нема освоено трофеј, пред најважните турнири во годината, додека Хрватите пишуваат дека, без разлика на се, Иванишевиќ добро заработил од оваа соработка.
Соработката на ова дуо траеше речиси шест години, во кои Ѓоковиќ освои 12 грен слем титули.
Наводно, Ѓоковиќ му плаќал на Иванишевиќ од 6.000 до 10.000 евра неделно, односно легендарниот Хрват добивал 10 отсто премија од заработката на српскиот тенисер на турнирите.
Иванишевиќ заработил повеќе од 300.000 евра само од плата минатата година.
Ако ја земеме таа бројка како просечна заработка на Иванишевиќ за време на соработката со Ѓоковиќ и процентот од освоените турнири, Иванишевиќ во последните шест години како тренер на најдобриот тенисер во светот заработил помеѓу два и четири милиони евра.
Инаку, Иванишевиќ во кариерата како активен играч заработи околу 16 милиони евра. Кариерата во која освои еден грен слем (Вимблдон), Иванишевиќ ја заврши во 2011 година.
Спорт
Калафиори: Татко ми го презира Јувентус, а јас го почитувам татко ми
Јувентус бара нови играчи во одбраната, откако е извесно дека Бремер ќе се пресели во Манчестер јунајтед.
Еден од можните наследници на Бразилецот е фудбалерот на Болоња, 21-годишниот Рикардо Калафиори. Барем така сметаат во клубот, бидејќи фудбалерот не е ни најмалку импресиониран од интересот што за него го покажа славниот италијански клуб.
Играчот чија вредност според „Трансфермаркт“, скокна од пет милиони евра на 25 милиони евра од октомври минатата година е под договор со Болоња до летото 2027 година.
Калафиори вели дека сака да го испочитува договорот што го има со актуелниот клуб отколку да се пресели во Јувентус.
„За мене Јувентус би бил чекор назад во споредба со Болоња, клуб кој работи на вистински начин. Попрво би останал овде отколку да го облечам дресот на Јувентус. Татко ми го презира Јувентус, а јас го почитувам татко ми. Нема пари за кои јас би отишол таму“, изјави Калафиори.
Спорт
(Видео) При резултат 5:1, во 92.минута Тонали намерно добил жолт картон?
Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) покрена дисциплинска постапка против играчот на Њукасл, Сандро Тонали (23), поради наводни прекршувања на обложувањето по неговата преселба во Премиер лигата.
За потсетување, италијанскиот играч од средниот ред веќе одлежува 10-месечна суспензија откако Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) го казни минатиот октомври поради прекршување на правилата за обложување додека беше играч на Милан.
Тонали призна дека ги прекршил правилата за коцкање во својата земја, се обложувал од 2020 до 2023 година на нелегални платформи, а неговата суспензија трае до 27 август.
Сега постапка против него покрена и ФА откако 50 пати ги прекршил правилата, обложувајќи се на фудбалски натпревари помеѓу 12 август и 12 октомври 2023 година.
Откако беше објавено дека Тонали е под истрага и од Англија, се појави видео од натпреварот Њукасл-Астон Вила на 12 август, кога тој дебитираше за „страчките“.
Тонали, беше заменет во 92.минута, а бидејќи бавно ги напушташе теренот доби жолт каротн. Инаку во тој момент Њукасл имаше предност 5:1.
— Goncalodias2 (@goncalovideoss) October 17, 2023
Многумина веруваат дека Тонали точно знаел што прави во оваа ситуација и дека намерно добил жолт картон, бидејќи се обложил. Италијанскиот играч за врска има рок до 5 април да одговори на обвинувањата на ФА.
Тонали во јули минатата година од Милан се пресели во Њукасл за 70 милиони евра, што го прави најскапиот италијански играч во историјата.