Спорт
ШК Алкалоид засилен со Динг ќе настапи на Европскиот клупски Куп
Најуспешниот клуб во шаховската историја на Македонија ШК „Алкалоид“, амбициозно се подготви за најсилното клупско шаховско натпреварување – Европски клупски Куп (European Club Cup), кое оваа година ќе се одржи од 5. до 12. ноември во Нови Сад, Србија.
По успехот со делба на петтото место минатата година, ШК „Алкалоид“ сега има амбиција за уште повисок пласман. За таквата цел, составот ова година е засилен со уште двајца врвни светски велемајстори: Динг Лирен (последните години најдобар кинески играч) и Павел Елјанов, (најдобриот Украински шахист во моментов, кој ја предводеше репрезентацијата на Украина до делба на првото место на последната шаховска Олимпијада 2016).
Боите на фармацевтите ќе ги бранат осум играчи, притоа шест силни странски велемајстори од Русија, Украина и Кина, заедно со двајцата најдобри македонски шахисти.
Динг Лирен (роден 1992), член на кинеска репрезентација и освојувач на златен медал на Олимпијадата 2014 и на Светското Екипно Првенство 2015, при тоа и бронзен медал за индивидуален резултат. Ding е трикратен шампион на Кина (2009, 2011, 2012). Во август 2015 станува вториот кинески играч кој што влегол во ТОП 10 играчи во светот. Во Јули 2016 Ding беше највисоко рангиран Блиц играч во светот.
Павел Ељанов (роден 1983), стандарден член на Украинската репрезентација со која има освоено две олимписки злата; во 2015 година на Светскиот Куп низ систем на меѓусебни елиминации од 128 учесници на стартот стигна до полуфинале, во кое беше поразен од победникот на турнирот, два пати член на шампионска екипа на Европски Клупски Куп (2009 и 2010).
Дмитри Андреикин (роден 1990) член на Руската шаховска репрезентација; Светски јуниорски првак за 2010 година и Шампион на Русија за 2012 година, два пати член на шампионска екипа на Европски Клупски Куп (2009, 2010), два пати (2008 и 2012) златен медал за индивидуален резултат на Европски Клупски Куп.
Ји Јанжи (роден 1994), член на кинеската репрезентација со која освојува златен медал на последната Олимпијада 2014. Во 2015 година златен медал за индивидуален резултат на Европски Клупски Куп.
Дмитри Јаковенко (роден 1983), член на Руската репрезентација; Европски шампион за 2012 година; Светски јуниорски првак до 18 години во 2001 година; Со Руската репрезентација Првак на Европскиот Екипен Шампионат за 2007 година и носител на сребрен Олимписки медал за 2012 година, два пати златен медал за индивидуален резултат на Олимпијада (2008 и 2012), два пати член на шампионска екипа на Европски Клупски Куп (2005, 2006).
Јури Криворучко (роден 1986) член на Украинската шаховска репрезентација; Шампион на Украина за 2013 година и континуирано член на ШК „Алкалоид“ во последниве 5 години; 2015 година втор најдобар индивидуален резултат на Европски Клупски Куп.
Филип Панчевски (роден 1988), член на Македонската шаховска репрезентација. Шампион на Македонија 2010, 2012, 2014, 2016.
Трајко Недев (роден 1973), член на Македонската шаховска репрезентација, со која освојува сребрен медал за индувидуален резултат на Олимпијата 1996 и Европското Екипно Првенство 2003 година. Шампион на Македонија 1997, 2000 и 2011.
Драгољуб Јаќимовиќ (роден 1964), како член на Македонската шаховска репрезентација освојува златен медал за индивидуален резултат на Олимпијадата 2000. Долгогодишен селектор на репрезентацијата. Капитен на екипата на ШК Алкалоид од 2009 година.
Сите странски играчи, освен Динг Лирен, во изминатите години веќе биле дел од составот на ШК „Алкалоид“. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Куртоа се враќа до крајот на сезоната
Tренерот на Реал, Карло Анчелоти денеска изјави дека голманот Тибо Куртоа треба да се врати во тренажен процес за десет дена, пренесуваат шпанските медиуми.
На 20 март Куртоа беше опериран поради скинат менискус на десното колено. Шпанските медиуми потсетуваат дека белгискиот голман требаше да паузира до крајот на сезоната, но Анчелоти тврди дека Куртоа успешно се опоравува.
„Куртоа добро закрепнува, би можел да биде во тимот против Кадиз“, изјави Анчелоти.
Шпанските медиуми пренесуваат дека Куртоа сигурно ќе го пропушти натпреварот против Реал Сосиедад во Ла Лига, како и првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите против Баерн.
Натпреварот од 34. коло во шпанското првенство помеѓу Реал и Кадиз ќе се одигра на четврти мај во Мадрид.
Спорт
Евролигата нема да го толерира однесувањето на Атаман
Кошаркарската Евролигата се огласи по бурната реакција и изјава на Ергин Атаман по поразот на Панатинаикос од Макаби, во Атина на стартот од четвртфиналната серија.
Во соопштението на веб-страницата на елитното натпреварување, се нагласува дека е недозволиво Атаман да ги етикетира судиите, дека таков приситсок нема да биде толериран и дека е покрената дисциплинска постапка против тренерот на Панатинаикос.
За потсетување, Атаман веднаш по натпреварот потенцираше дека судиите му доделиле шест поени на Балдивин, бидејќи досудиле два непостоечки, смешни фаули при шут за три поени, но во исто време нагласи дека ПАО продолжува понатаму, до завршниот турнир во Берлин.
Атаман на прес-конференцијата отиде чекор понатаму, велејќи дека ќе го напушти Панатинаикос доколку не избори пласман на завршниот турнир.
Макаби води во четвртфиналната серија со 1-0, вториот меч се игра вечерва повторно во Атина, а потоа следуваат два натпревари во Белград – 30 април и 2 мај, а евентуалната мајсторка ќе се игра на 8 мај во Атина.
Спорт
Гвардиола за Жоао Кансело: Ќе видиме на крајот на сезоната
Жоао Кансело е член на Манчестер Сити, а моментално е на позајмица во Барселона до крајот на сезоната. Прашање е дали Барселона сака да го отткупи неговиот договор, откако Португалецот беше означен како еден од главните виновници за елиминацијата од ПСЖ од Лигата на шампионите и поразот од Реал во Ел Класико.
Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола изјави дека на крајот на сезоната ќе одлучи дали Кансело ќе се врати во клубот, пренесуваат британските медиуми.
„Се уште не сме разговарале за иднината на Кансело во нашиот клуб. Ќе разговараме на крајот на сезоната“, изјави Гвардиола.
Кансело (29) е член на Манчестер Сити од 2019 година. Тој има договор со англискиот клуб до 30 јуни 2027 година.
Вториот дел од минатата сезона Кансело го мина на позајмица во Баерн, а потоа Манчестер Сити го испрати португалскиот фудбалер на едногодишна позајмица во Барселона.
Кансело оваа сезона одигра 36 натпревари за Барселона и постигна четири гола.