Спорт
Сон: Понекогаш ВАР нервира, но не и вечерва!
Фудбалерот на Тотенхем, Хеунг-Мин Сон, откако постигна два гола и присуствуваше на еден од најдраматичните мечеви во историјата на ЛШ, вели дека го сменил мислењето за ВАР-системот.
Манчестер сити победи со 4:3, но две ВАР-одлуки – за голот на Љоренте и поништениот гол на Стерлинг во судското продолжение беа во „корист“ на гостите од Лондон.
„Никогаш не сум играл ваков натпревар. Сите сме горди, ова е неверојатна вечер за нас. Понекогаш ВАР не нервира, но денеска беше: ’ти благодарам, добра одлука’. Сега сум толку емоционален што веќе не знам што зборувам“, вели Сон, кој доби жолт картон и нема да биде достапен за првиот меч со Ајакс во полуфиналето.
Кристијан Ериксен пак, можеше да биде трагичар на мечот, откако неговото погрешно додавање во 92. минута дозволи Сити да ја направат акцијата по која Рахим Стерлинг го постигна голот, кој беше поништен поради офсајд (при додавањето од Бернардо Силва).
„Јас сум најсреќниот човек на планетата поради тој поништен гол. Целиот меч беше како да си на ролеркоустер – голови, голови,голови, драма насекаде. Искрено, беше забавно“, вели Данецот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Тонали сега е на удар и на Англичаните поради обложувањето
Играчот од средниот ред на Њукасл, Сандро Тонали е под истрага од Фудбалската асоцијација (ФА) поради прекршување на правилата против обложување.
Италијанецот веќе отслужува 10-месечна суспензија од Италијанскиот фудбалски сојуз поради обложување за време на неговото играње за Милан.
Новите докази покажуваат дека Тонали се обложувал и кога дошол во Њукасл. Младиот 23-годишен играч го прекршил правилото дури 50 пати од 12 август до 12 октомври 2023 година.
На Тонали му е даден рок до 5 април да одговори на обвиненијата.
„Добивме потврда дека е покрената истрага. Клубот и Тонали целосно ќе соработуваат. Тоа е се што можеме да кажеме во моментов“, се вели во соопштението за медиумите на клубот.
Тонали пристигна во Њукасл минатиот јули во трансфер вреден 60 милиони фунти од Милан.
Спорт
Најдобриот судија во БиХ поради закани одби да им суди на Железничар и Сараево
Шампионатот на Босна и Херцеговина влегува во завршна фаза, а локалниот портал „Спортспорт“, пишува дека најдобриот судија, Ирфан Пељто одбил да им суди на клубовите кои доаѓаат од главниот град Железничар и Сараево) до крајот на сезоната.
Пељто тоа го направил поради наводните закани што ги добивал тој и неговото потесно семејство, кои ги пријавил во полиција. Најдобриот судија од БиХ за својата одлука го известил Судискиот комитет на Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина, кој ја прифатил неговата одлука.
Железничар и Сараево ќе одиграат неколку дерби натпревари до крајот на сезоната, но Пељто нема да суди на ниту еден од нив.
Тој требаше да биде главен судија викендов на дербито меѓу Железничар и Вележ, но главен судија на „Грбавица“ ќе биде Елведин Топузовиќ. .
Пељто гради завидна кариера на меѓународен план и често суди натпревари во Лигата на шампионите. Неодамна судеше на пријателскиот натпревар меѓу Словенија и Португалија, а претходно го судеше и натпреварот Лајпциг- Реал Мадрид.
Речиси е сигурно дека ќе суди на ЕП.
Спорт
Интер подготвува нов договор за Инзаги
Интер е апсолутен лидер во Серија А, прашање е само кога и математички ќе ја обезбеди шампионската титула, која ќе биде прва во кариерта на Симоне Инзаги. 47-годишниот тренер досега има освојувано трофеи само во Купот и Суперкупот на Италија.
Она што Инзаги го направи оваа сезона во Серија А, ги натера клупските челници да ја сменат својата стратегија и да му понудат нов договор на тренерот.
Инзаги досега двапати го продолжуваше договорот со Интер, во 2022 и 2023 година, двата пати клубот му понуди едногодишен договор. Овој пат на 47-годишниот тренер ќе му биде понуден двегодишен договор.
Во однос на претходните години, разликата е што на Инзаги ќе му биде понуден нов договор пред да заврши сезоната, а не откако таа ќе заврши.
Интер е на чекор до освојување на шампионската титула во Серија А, откако по 29 кола е прв на табелата со 76 бодови, 14 повеќе од второпласираниот градски ривал Милан.