Спорт
Тинејџер од 100 милиони евра откри за кого би сакал да игра
Репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, фудбалер на РБ Лајпциг, Јан Диоманде (19), отворено ја изрази својата симпатија кон ПСЖ и призна дека еден ден би сакал да игра за клубот од „Паркот на принцовите“. Неговите коментари доаѓаат во услови на зголемени шпекулации за неговата иднина по одличната сезона во Бундеслигата.
Во разговор со новинарите, Диоманде потврди дека би му било чест да го носи дресот на актуелниот европски шампион.
„Да, би ми било задоволство да дојдам и да играм овде, во еден од најголемите клубови во светот. Секогаш сум среќен кога доаѓам во Париз и не мислам дека адаптацијата би ми била проблем бидејќи зборувам француски. Зошто да не? Сепак, во моментов сум играч на Лајпциг“, изјави Диоманде за француски „Телефут“.
Неговата поврзаност со клубот беше дополнително нагласена со неговиот коментар за неодамнешниот триумф на ПСЖ во Лигата на шампионите.
„Беше убаво да се види ПСЖ како повторно победува и освојува уште една Лига на шампиони. Мојот татко беше навивач на ПСЖ, па затоа бев особено среќен што го гледав нивниот успех“, рече тој.
Кога директно беше прашан дали би сакал да ја дели соблекувалната со ѕвездите на парискиот клуб, тој не остави простор за сомнеж. „Да, би сакал. Навистина би сакал“, рече кратко.
Ваквите изјави сигурно дополнително ќе ги поттикнат шпекулациите за можен трансфер во Париз. ПСЖ бара засилувања за да обезбеди континуирана доминација по историскиот европски успех на тимот предводен од Луис Енрике.
Диоманде има одлична сезона зад себе и е мета на големи клубови, меѓу кои, заедно со ПСЖ, се споменуваат Ливерпул и Баерн.
Тој постигна 12 гола во Бундеслигата минатата сезона, а неговата пазарна вредност се проценува на 90 милиони евра; според проценките на медиумите, Лајпциг нема да се согласи на обештетување помало од 100 милиони евра.
Диоманде во наредниот период има обврски кон националниот тим. Со Брегот на Слоновата Коска тој ќе одигра пријателски натпревар против Франција како дел од подготовките за Светското првенство, каде што неговата репрезентација ќе игра во група со Германија, Еквадор и Курасао.
Foto/ depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Дефибрилатор му го спаси животот на Ериксен
Драмата на натпреварот помеѓу Данска и Украина за среќа имаше позитивен исход. Данскиот фудбалер Кристијан Ериксен (34) се струполи во 65-та минута, но по десетминутна медицинска интервенција, стана и сам го напушти теренот, проследен со аплауз од трибините. Натпреварот заврши кратко потоа, во 79-та минута.
Сцените потсетуваа на Европското првенство во 2021 година, кога Ериксен доживеа срцев удар, и овој пат играчите формираа круг околу него додека му помагаа. Тој го напушти теренот со помош на сопругата.
Докторот на данската репрезентација, Мортен Боесен, зборуваше за состојбата на Ериксен.
„Кристијан е добро и сам го напушти теренот. Колку што можам да видам, дефибрилаторот работеше како што требаше. Извесно време ја изгуби свеста, но многу брзо ја врати и набрзо повторно стапивме во контакт со него“, рече Боесен.
Тој подетално опиша што се случило за данската ТВ2: „Мислам дека го видов како се фаќа за градите, а потоа се струполи. Доста брзо се освести, мислам дека уредот добро работеше и го врати во живот.“
Да ве потсетиме дека по инцидентот на натпреварот против Финска на ЕП во 2021, на Ериксен му беше вграден дефибрилатор. Овој уред користи електроди за следење на срцевиот ритам, а доколку детектира опасни отчукувања, испорачува електричен шок за да ги нормализира.
„Сега треба да се направат дополнителни тестови во болницата за да се утврди што го предизвикало инцидентот. Постојано сме во контакт со него и со лекарите во болницата. Кристијан е добро и ме замоли да ги поздравам сите играчи и да им кажам дека е добро“, додаде Боесен.
Фото: ЕПА
Спорт
Ракометарките на Мец ја освоија Лигата на шампионите
Ракометарките на Мец одиграа феноменално на завршниот турнир од Лигата на шампионите. Во полуфиналето победија против Букурешт со 32:27, а во финалето го симнаа од тронот тимот од Ѓер 31:29 (18:17).
Мец стигна до првата титула во историјата кога станува збор за Лигата на шампионите, а Ѓер не успеа да стигне до третата титула по ред, не успеа да го зголеми бројот на трофеи од седум на осум. Во борбата за третото место, тимот од Букурешт го победи Брест со 32:26.
Сара Букит постигна 12, Тика Акснер, Луси Грание, Лена Грандво и Ана Албек по три гола за новите европски шампионки.
Кај Ѓер, Алмеида де Паула постигна седум гола, Тјаша Станко и Диони Хушер по пет, Натали Хагман четири гола.
Ѓер го започна натпреварот подобро, имаше предност од три гола во текот на првото полувреме – 11:8, но дека Мец може да направи изненадување, покажа во финишот на првиот дел . Имено, Мец стигна до пресврт – 18:17 и, што е многу поважно, огромна дози на самодоверба.
Во вториот дел, Ѓер немаше решенија за навистина гранитната одбрана на тимот од Франција. Од друга страна, на крилата на одличната одбрана, ракометарите на Мец играа решително и храбро во нападот, па поведоа со 28:22, имаа и 30:24 во 51.минута, кога Ѓер преку Тјаша Станко, стигна до 28:30 на пет минути пред крајот.
Сепак Мец го издржа притисокот, не дозволи пресврт и ја освои титулата.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) Хорор сцена, Ериксен повторно колабираше среде натпревар
За жал, сцените од Европското првенство 2021 се повторија, Кристијан Ериксен повторно колабираше на теренот.
Сè се случи во 65-тата минута од пријателскиот натпревар меѓу Данска и Украина.
Претходно, искусниот Данец имаше кратка расправија со играч на гостинскиот тим.
Недолго потоа, тој почна да се држи за градите. Медицинскиот персонал беше итно повикан да му помогне на 34-годишниот фудбалер.
По неколкуминутен прекин, беше одлучено натпреварот да не продолжи. Данска имаше предност од 2:1.
🚨 Cristian Eriksen has taken ill on the pitch again pic.twitter.com/OQoyxV5MQR
— Goals Xtra (@GoalsXtra) June 7, 2026
Foto/ Depositphotos
