Домашен
Убедлив пораз на ракометарите во Чешка
Чешка, играчки и резултатски, убедливо ја порази Македонија 35-28 (18-12), во второто коло од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2018 година. По две кола во групата Македонија има победа и пораз и негативна гол разлика 45:46.
Македонските ракометари не успеаја да одговорат на предизвикот и од гостувањето во Плзен да се вратат со позитивен резултат. Македонија, во Плзен, одигра под своите стандарди, анемично во одбраната, која не успеа да ми влее сигурност на двајцата голмани Ристовски и Даскаловски, додека во нападот „црвено-жолтите“ покажаа дека се уште премногу во играта зависат од Кире Лазаров.
Чесите од друга страна, бараа одмазда за јунската елиминација во квалификациите за Светското првенство и истата ја добија. Но, Чешка одигра тактички одлично, нивната тренерска двојка добро ја снимила играта на Македонија, дефанзивно ја затворија соработката со кружните напаѓачи, ги изолираа крилата, додека во нападот презентираа разновидна игра и го погодуваа голот на Ристовски и Даскаловски од сите позиции.
Македонија против Чешка одигра добро само 11 минути (почетните 6 во првото, односно почетните 5 во второто полувреме).
По 3-3 во шестата минута, македонските ракометари влегоа во лоша серија, 10 минути не постигнаа гол, што Чесите го искористија да стигнат до предност од седум гола (3-10).
До крајот на полувремето Македонија во еден момент успеа да се доближи на четири гола негатива (8-12, 9-13), но Чесите добро финишираа и првиот период го завршија со предност 18-12.
Стартот на вториот дел навести подобра игра на избраниците на Лино Червар, но тоа траеше само пет минути, кога со серија 4-1, предноста на Чешка изнесуваше 19-16.
Потоа Чесите одново го кренаа нивото на играта, погодуваа во серија, а во 55.минута ја имаа највисоката предност 32-23.
Кире Лазаров вообичаено ја предводеше Македонија со девет голови, еден помалку постигна Дејан Манасков, четири Филип Талевски. Кај Чесите блескаа Хрстка со 10, Петровски со шест гола и голманот Галија со 12 интервенции. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.