Спорт
Улрих: Да не беше Ленс Армстронг ќе завршев мртов како Пантани
Поранешната велосипедска ѕвезда, Германецот Јан Улрих јавно проговори за својот ментален слом во 2018 година, оценувајќи дека ќе ја доживеел судбината на Марко Пантани по низа на проблеми со алкохолот и дрогите, пред разговорите со својот стар ривал Ленс Армстронг да му го спасат животот.
Кариерите на Улрих и Армстронг секогаш ќе бидат поврзани со нивните допинг-скандали, и откако двајцата беа лути ривали во текот на кариерата, сега се добри пријатели. Улрих, кој ја освои Тур де Франс во 1997 година, зборуваше како заедно со Армстронг биле заедно на Мајорка на тренинг за да го „смират“ животот. Во разговор со Армстронг, тој го призна тоа.
„Пред три години имав големи проблеми и тогаш дојде ти да ме посетиш. Ми беше толку драго и да, бев на истиот пат како Марко Пантани. Речиси мртов. Потоа се опоравив, и имам среќа што имам добри пријатели, како тебе, кои ме вратија во живот. Сега сум среќен“, вели Улрих.
Италијанецот Пантани победи на Џиро Д’Италија и Тур де Франс во 1998 година, пред да има низа ментални проблеми и проблеми со зависноста, пред да биде пронајден мртов во хотел на 14 февруари 2004 предозиран од кокаин.
„Престанав со алкохолот и дрогите пред три години. Сега живеам здрав живот, мојата девојка ми готви само здрава храна. Плус велосипедизмот. Секогаш е добро да се вози велосипед. Сум го заборавил тоа“, вели Германецот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
УЕФА го суспендира Емилијано Мартинез
Голманот на Астон Вила, Емилијано Мартинез, поради суспензија ќе го пропушти првиот полуфинален натпревар од Конференциската лига против Олимпијакос, потврди Европската фудбалска унија (УЕФА).
Мартинез, во четвртокот, во реваншот од четвртфиналето против Лил доби жолт картон во 39. минута, а втор жолт картон при изведувањето на пенали поради неспортско однесување кон домашните навивачи.
Аргентинскиот голман не беше исклучен, бидејќи жолтите картони во текот на натпреварот не важат во пенал серијата.
Сепак светскиот првак со Аргентина доби суспензија. УЕФА го казни Мартинез бидејќи во пенал-серијата константно ја провоцираше домашната публика.
Астон Вила по изведувањето пенали го победи Лил со 4:3, а Мартинез одбрани два пенали, во првата и петтата серија им одбрани на Бенталеб и Андре.
Првиот натпревар од полуфиналето на Конференциската лига меѓу Астон Вила и Олимпијакос ќе се одигра на 2 мај во Бирмингем, а реваншот седум дена подоцна во Грција.
Спорт
Барселона сака да го врати Олмо
Дани Олмо, веројатно ќе го напушти Лајпциг во летниот преоден рок. Шпанскиот репрезентативец има откупна клаузула од 60.000.000 евра, сума која за богатите клубови не претставува никаков проблем.
Меѓу заинтересираните екипи се Манчестер јунајтед, Баерн и Барселона, од чија младинска школа потекнува Олмо.
Шпанецот оваа сезона одигра 22 натпревари за Лајпциг, постигна осум гола и забележа пет асистенции.
Како јуниор од Барселона премина во Динамо Загреб, како дел од трансферот на Ален Халиловиќ, а потоа за 29 милиони евра се пресели во Лајпциг.
Спорт
Ферстапен на пол-позицијата во Кина, Хамилтон ќе стартува од 18.место
Макс Ферстапен по победата во спринтот, доминираше и во квалификациите во пресрет на трката за Големата награда на Кина. Апсолутната доминација на Ред Бул ја потврди Серхио Перез кој трката ќе ја стартува од второто место.
Актуелниот светски првак со време 1:33.660 ја освои 37 пол-позиција во кариерата, а на Ред Бул му ја донесе јубилејната 100. победа во квалификациите.
Зад возачите на Ред Бул, од вториот ред трката ќе ја започнат Фернандо Алонсо (Астон Мартин и Ландо Норис (Мекларен).
Во Топ 10 место изборија Оскар Пјастри (Мекларен), двоецот од Ферари, Шарл Леклер и Карлос Саинц, односно Џорџ Расел (Мерцедес), Нико Хулкенберг (Хас) и Валтери Ботас (Заубер).
Во квалификациите потфрли Луис Хамилтон. Седумкратниот светски првак, откако спринт трката ја заврши на второто место, во квалификациите заврши на 18.место.
Траката за Големата награда на Кина, утре ќе започне во 9 часот по македонско време.