Спорт
Ванда Нара: Јас сум револуционер во фудбалот!
Сопругата и агентот на Мауро Икарди, Ванда Нара инсистира дека таа е „револуционер“ во фудбалот и дека нејзиниот сопруг има целосна доверба во неа и покрај „плановите и заговорите“ кои ги имаат луѓе против неа.
Нара и Икарди, по богзнае кој пат, се најдоа во центарот на контроверзите во Италија, откако на Аргентинецот му беше одземена капитенската лента, а преговорите околу новиот договор очигледно „заглавија“. Многумина сметаат дека Нара е главниот проблем во односите со клубот од Милано, но таа во долго интервју за „Џенте“ вели дека работите се поинакви.
„Вистината е дека Мауро има уште две години во договорот со Интер и ние сме среќни тука. Гледаме како да ги придвижиме работите кои ќе бидат на крајот завршени со добро за Интер и за Мауро. Во клубот има промени, нов директор во Бепе Марота. Милан е мојот втор дом и моите деца се Италијанци. Само Валентино е роден во Аргентина, но и тој е дојден тука како многу мал. Има многу шпекулации дека ќе си заминеме, но тоа е само во печатот“, вели Нара.
Таа вели дека со својата улога на менаџер на својот сопруг, таа прави „револуција“ во фудбалот.
„Лесно е да го претставуваш Мауро бидејќи тој е многу важен фудбалер во Европа. Треба само да зборуваш. Ова е мачо свет и тоа што го правам јас е револуционерно. Има многу роднини кои ги претставуваат фудбалерите, но улогата на жената треба да е да седи дома со децата и да молчи. Затоа јас сум револуционер. Имам пријателки кои се сопруги на фудбалерите и тие ми се смеат. Мислат дека тоа што го правам е чудно, но потоа бараат да ги претставувам нивните сопрузи. Со Мауро нема криза, ниту имало некогаш. Приказните кои се појавуваат се фантазија и немаат врска со вистинскиот живот. Работам за најуспешната фудбалска ТВ-емисија, влијателна сум, бизнисменка која има канцеларии во Милано. Јас секогаш ги заработував своите пари и сум независна и не сум со Мауро поради парите, туку поради љубовта. Јас целосно му верувам и тој ми верува мене“, вели Нара.
Фото: ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
„Мундо депортиво“: Зидан се договорил со Баерн Минхен
Зинедин Зидан ќе биде новиот тренер на Баерн Минхен, пренесува каталонскиот „Мундо Депортиво“. Зидан е без работа откако го напушти Реал Мадрид пред три години.
„Дознаваме дека преговорите се при крај, дури и двете страни сметаат дека се е готово и практично завршено. Зидан само побарал да му се доведат засилувања, особено во одбраната“, тврдат овој извор.
Зидан планираше да стане селектор на Франција, но Дидие Дешамп и понатаму останува на таа позиција. Од друга страна, Баерн, кој по 11 години остана без титулата германски шампион, сакаше да го доведе германскиот селектор Јулијан Нагелсман, но тој го продолжи договорот до 2026 година.
Претходно ПСЖ и Манчестер јунајтед се обидоа да го доведат Зидан, но тој ги одби нивните понуди.
Зидан, 51-годишникот од Марсеј, освои три ЛШ со Реал Мадрид, две шампионски титули на Шпанија, по два УЕФА и шпански Суперкупа, две титули на Светското клупско првенство…
Спорт
Рома преговара за трансферот на Киеза
Тренерот на Рома, Даниеле Де Роси, кој го продолжи договорот со клубот, е голем фан на фудбалерот на Јувентус, Федерико Киеза. Де Роси не кри дека би сакал да го има во својот тим крилниот напаѓач.
Де Роси работеше со него додека му беше асистент на Роберто Манчини во италијанската репрезентација.
Договорот на Киеза со Јувентус истекува во јуни 2025 година, што значи дека ова лето влегува во последната година од истиот.
Тоа значи дека ова лето е веројатно последна шанса клубот да заработи нешто од неговата продажба.
Свесни за ова, челниците на Рома веќе закажале состанок со неговиот менаџер Фали Рамадани.
Покрај Рома, интерес за Киеза покажува и Њукасл.
Спорт
Манчестер сити подготвува мега трансфер, мета е играч на Баерн
Манчестер сити, во летниот преоден рок ќе се обиде да го нагажира Џамал Мусиала (21), тврди „Гардијан“. Информацијата е пласирана во јавноста откако Реал Мадрид во четвртфиналето на Лигата на шампионите го исфрли тимот на Пеп Гвардиола, кој нема да може да ја одбрани титулата европски првак од минатата година.
Гвардиола сака дополнителни опции во редот за врска, а главна цел е еден од најголемите таленти во светот. Пред да пристигне во Баерн во 2019 година, Мусиала играше за германски СГ Барокштад Фулда-Ленерц, а потоа и за Саутемптон и Челзи во Англија.
За првиот тим дебитираше во 2020 година и досега има одиграно 161 натпревар, има постигнато 43 гола со 30 асистенции. Досега со Баерн осови 10 трофеи. Иако е роден во Штутгарт, има германско и англиско државјанство. Избра да игра за Германија, во чиј дрес досега одигра 27 натпревари и постигна два гола.
„Трансфермаркт“, веб-страницата која се занимава со проценка на вредноста на фудбалерите, наведува дека Мусиала вреди 110 милиони евра, што го прави еден од најскапите во светот, веднаш зад Фил Фоден и Букаја Сака (130 милиони евра), Винисиус Жуниор (150), Килијан Мбапе, Ерлинг Халанд и Џуд Белингем (180).
Сепак, Баерн нема намера да го пушти Мусијала, кој има договор до летото 2026 година.
За потсетување, најскап играч на Манчестер сити е Џек Грилиш, кој во 2021 година пристигна од Астон Вила за 117,5 милиони евра. Богатите арапски сопственици на Сити веројатно би морале да го соборат тој рекорд за Мусиала.