Спорт
(Видео) Манчестер јунајтед на пенали го исфрли Арсенал од ФА Купот

Манчестер јунајтед се пласираше во четвртото коло на ФА Купот, откако по голема драма го елиминира го Арсенал, во Лондон. По 90 и 120 минута резултатот беше 1:1, а пенал серијата избраниците на Рубен Аморим го добија со 5:4.
Јунајтед поведе во 52. минута, по една брза акција, Алехандро Гарначо го проигра Бруно Фернандеш, а тој со одличен удар го матираше Давид Раја.
Сепак, само девет минути подоцна, играчот на Јунајтед, Диого Далот беше исклучен поради втор жолт картон, а Арсенал веднаш го искористи тоа и го израмни резултатот на 1:1. Со малку среќа погоди Габриел, топката по неговиот удар на патот кон голот ја допре Де Лихт и го измами голманот Алтај Бајиндир, кој блескаше на голот на Јунајтед.
Имаа шанса избраниците на Микел Артета да направат целосен пресврт, но во во 72. минута Бајиндир го одбрани пеналот на Мартин Одегард.
Јунајтед целото продолжение го издржа со играч помалку, а на крајот решавачка во пеналите беше втората серија во која Бајиндир го одбрани ударот на Каи Хаверц. Бруно Фернандеш, Амад Диало, Лени Јоро, Лисандро Мартинез и Џошуа Зиркзе постигнаа голови за Јунајтед.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Роналдо доби нов договор од Ал Наср

Сè уште не е официјално објавено, но според вестите од Саудиска Арабија, Кристијано Роналдо ќе го продолжи договорот со Ал Наср до крајот на 2026 година.
Португалецот пред неколку дена наполни 40 години, се почести со победа и уште еден гол против Ал Фејха, а од клубот на подарок доби нов договорот.
Португалецот пристигна во Саудиска Арабија во декември 2022 година од Манчестер јунајтед, на 90 натпревари постигна 82 гола и забележа 19 асистенции. Оваа сезона на 26 натпревари постигна 24 гола. На последните девет натпревари за Ал Наср во првенството постигна 10 гола.
Роналдо е водечки стрелец во ПРО лигата со 16 гола, Карим Бензема има постигнато два помалку, а зад него се напаѓачите на Ал Хилал Маркос Леонардо и Александар Митровиќ со по 12 гола.
Спорт
Тешки обвинувања: Реал со поддршка од Барселона се обидува да го уништи шпанскиот фудбал

Со денови нема мир на Пиринејскиот полуостров, а нема да има во скоро време. Клубовите се револтирани и згрозени од постапките на Реал Мадрид, а најгласни се градскиот ривали Атлетико, Атлетик Билбао и Севилја.
Од стадионот „Рамон Санчез Писхуан“ пристигнаа сериозни обвинувања против „кралскиот клуб“, а критики се испратени и кон Барселона.
Реал врши силен притисок, најчесто преку клупската телевизија. Ги критикува судиите, Ла Лига, Шпанската фудбалска федерација. Убедени се дека одредени судии ги опструираат во борбата за титулата.
Претседателот на Севилја, Хозе Марија дел Нико Караско, отворено го искажа својот став за случувањата во лигата, рече дека е ужаснат и загрижен од последните потези на Реал Мадрид.
„Важно е да се направи разлика помеѓу намерата да се направат промени во судискиот систем и неодамнешната изјава на Реал Мадрид, која е неподнослива и неприфатлива. Тоа го доведува во прашање интегритетот на натпреварувањето и чесноста на судиите. Мораме јавно да го осудиме ова, па дури и да преземеме правна постапка против секоја комуникација што го загрозува интегритетот на спортот“, рече Караско, пред натпреварот на Севилја со Барселона, а ден по градското дерби меѓу Реал и Атлетико (1:1), по кое од „кралскиот клуб“ повторно се жалеа на судењето.
Првиот човек на клубот од Андалузија е загрижен и за далекусежните последици од најновите постапки на великанот од „Сантијаго Бернабеу“.
„Она што најмногу ме загрижува е тоа што оваа ситуација изгледа никого не изненадува. Реал Мадрид се обидува да го поткопа шпанскиот фудбал преку своите медиумски канали, да го уништи, а ние не можеме да му дозволиме да го стори тоа. Нема да толерираме никакво доведување во прашање на интегритетот на судиите во јавноста. Она што тие се обидуваат да го направат е да извршат притисок врз судиите и да не им дозволат да судат според нивната слободна проценка“.
На Караско исто така не му се допаѓа односот на Барселона во оваа ситуација, бидејќи не ја разбира пасивноста на најголемиот ривал на Реал.
„Доколку јавно не го искажале својот став, тоа сугерира дека се согласуваат со идејата дека судиите се неправедни кон Реал Мадрид. Дали Барселона навистина смета дека е вредно да го оправда ваквото однесување за да ги собере остатоците зад Реал Мадрид? Ги повикувам да не се обидуваат да го уништат“, изјави претседателот на Севилја и за крај призна дека не вечера со луѓето од Барселона и дека оваа практика нема да се промени додека не понудат одговори за „случајот Негреира“.
„Јавно го кажавме нашиот став во врска со „случајот Негреира“. Сè уште чекаме објаснување од Барселона. Ги поканивме во ложата, тоа е нивно право, но немаше вечера. Нема да седам во ложата со луѓето од Барселона додека не дадат објаснување. Ги прекинавме односите и тука работите не се сменија.“
Спорт
(Видео) Далас неколку недели без Дејвис

Ентони Дејвис, кошаркарот на Далас Маверикс заработи сериозна повреда и ќе биде надвор од терените на неодредено време.
Дејвис неодамна стана член на Далас Маверикс во блокбастер трејдот што го испрати Лука Дончиќ во Лос Анџелес Лејкерс.
31-годишниот крилен центар, во саботата, блескаше на дебито во новиот клуб. За 31 минута на теренот имаше 26 поени, 16 скока, седум асистенции и три блокади и се повреди.
Токму неговите чести повреди беа главната причина поради која навивачите на Маверикс стравуваа како ќе изгледа ерата со Дејвис во тимот, а тие стравувања се потврдија по нешто повеќе од половина час кошарка.
Првично не се знаеше колку е сериозна повредата, а неколку дена подоцна стигна потврда дека не е добро.
Според НБА инсајдерот Шамс Шаранија, Дејвис ќе пропушти најмалку неколку недели, а потенцијално и до еден месец.
Остануваат уште околу два месеци до крајот на регуларниот дел од сезоната, а тимот на Џејсон Кид моментално е на осмото место во Западната конференција, второ во плеј-ин зоната.