Економија
(Видео) Текстилните работнички се робинки, човековите права драстично се кршат

Човековите права во бизнис-секторот се само на хартија, потребна е едукација и за вработените и за компаниите, покажуваат резултатите од истражувањата што ги спроведе здружението „Конект“, а се однесуваат на бизнисот и човековите права. Истражувањата покажуваат дека мал број компании применуваат суштински приод кон заштитата на човековите права, односно само 28,8 отсто од вклучените компании прават процена на ризиците поврзани со човековите права, а 13,6 отсто потоа преземаат некаков обмислен пристап во оваа насока. Ова истражување е поддржано од Европската Унија со цел да се унапредат човековите права во оваа сфера.
Неодамна се одржа и националната Конференција за бизнис и човекови права, на која учествуваа осумдесетина претставници од стопанските комори, компании и граѓански организации. На конференцијата стана збор за имплементацијата на водечките принципи за бизнис и човекови права на Обединитетите нации, во јавните политики на државата и во внатрешните политики на компаниите. Програмскиот раководител во „Конект“, Виктор Мирчевски, вели дека има многу дрстични примери каде што се кршат човековите права, како што е случајот со текстилната индустрија кај нас, но, за жал, и во светот има примери на голема неодговорност од страна на високореномирани и успешни компании.
„Кршење на човековите права е и кога работникот добива ниска месечна плата со која не може да си ги задоволи основните права на живот, едукација на своите деца, здравствена заштита итн. Најдрастичен пример за ова се примерите на злоупотреба на работничките во текстилната индустрија, но има и посуптилни примери на загрозени човекови права, кои се повеќеслојни. Се обидовме да ја истражиме вистинската слика на оваа тема кај нас и радува фактот што компаниите се расположени да добијат едукација и тренинзи на оваа тема. Одговорноста за почитување на човековите права може да се каже дека е поделена меѓу државата и компаниите, но сепак државата има механизам како да ги мотивира компаниите да бидат општествено одговорни“, смета Мирчевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Нови цени на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 18.5.2022 година.
Малопродажната цена на „евродизелот“ (Д-Е V) се намалува 1,00 ден./л, а малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ се зголемуваат 0,50 ден./л.
Малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува 0,50 ден./л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,624 ден./кг и сега ќе изнесува 54,963 ден./кг.
Од 24.5.2022 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин „евросупер БС-95“ – 95,00 (денари/литар)
Моторен бензин „евросупер БС-98“ – 97,00 (денари/литар)
Дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 85,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 83,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 54,963 (денари/килограм)
Економија
Ангеловска-Бежоска: И во светот и кај нас сѐ уште се очекува економски раст за годинава

Рецесија за годинава во моментот не се очекува. И покрај сите предизвици, сите релевантни меѓународни финансиски институции, сепак предвидуваат економски раст, но забавен. Рецесија не се предвидува ниту со песимистичките сценарија на меѓународните институции, како ММФ, Европската Унија, Европската централна банка, туку дополнително забавување на растот, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за Радио Слободна Европа. Но, потребно е внимателно следење со оглед на природата на шокот и високата неизвесност.
Централната банка направи надолна ревизија на проекциите за економскиот раст на земјата за оваа и следната година, со коja за 2022 година се очекува економски раст од 2,9 %, а за 2023 година раст од 3,6 %.
Гувернерката посочува дека војната во Украина има ефекти врз глобалната економија преку повеќе канали. Првиот канал е високиот раст на цените на примарните производи, особено на храната и на енергијата, имајќи ја предвид улогата што Русија и Украина ја имаат на овие пазари. Друг значаен канал е намалувањето на трговијата, ММФ предвидува забавување на стапката на раст на глобалната трговија и од 10 % минатата година, таа би се свела на 5 % оваа година. Значаен канал е и затегнувањето на финансиските услови на меѓународните финансиски пазари. Последниот, но многу значаен канал, е намалувањето на довербата кај инвеститорите и потрошувачите.
Гувернерката истакнува дека за нашата економија е специфично оти нема позначајни директни финансиски и трговски врски со Русија и Украина. Трговијата со нив учествува со речиси 2 % во вкупната трговија. Финансиските врски се релативно слаби: странските директни инвестиции оттаму се помалку од 1 %, приватните трансфери имаат незначително учество, а не се присутни руски и украински финансиски институции.
„Кај нас ефектите повеќе ќе се почувствуваат преку индиректни канали, а тоа е степенот до кој ќе биде погодена ЕУ како наш најзначаен трговски партнер и колку ќе се прелее тоа и кај нас. Исто така, ќе се одрази и затегнувањето на финансиските услови на меѓународните пазари, како и зголемената неизвесност, која може неповолно да се одрази врз одлуките за инвестиции и потрошувачка“, посочува гувернерката.
________________
Економија
ММФ: Глобалната економија се соочува со најголемиот тест од Втората светска војна

Глобалната економија се најде на работ на колапс поради низа последователни кризи.
Меѓународниот монетарен фонд денеска на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, соопшти дека глобалната економија ја чека можеби најголемиот тест од Втората светска војна.
„Се соочивме со низа немили настани“, изјави извршната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева.
Таа предупреди дека руската инвазија на Украина ги потенцира негативните ефекти на пандемијата на Ковид-19 врз економијата попречувајќи го економското закрепнување и поттикнувајќи ја инфлацијата заедно со зголемувањето на цените на храната и горивото, пишува Си-ен-ен.
Земјите се оптоварени и со зголемување на каматните стапки, а бизнисите и домаќинствата треба да се справат со големи долгови. Пазарните турбуленции и постојаните ограничувања на синџирот на снабдување се исто така ризик. Покрај тоа, климатските промени се проблем.
За да се намали стресот врз економијата, ММФ на состанок повика владини претставници и бизнис-лидери во Давос на разговори за намалување на трговските бариери.
Додека многу земји се борат со зголемените трошоци за живот за своите граѓани, некои одат во спротивна насока и воведуваат ограничувања во трговијата со храна и земјоделски производи, што би можеле да го влошат недостигот и да ги зголемат цените на глобално ниво.
Претходно овој месец, одлуката на Индија да го забрани извозот на пченица доведе до зголемување на цените на житото, иако таа е релативно мал извозник. Индонезија го забрани најголемиот дел од извозот на палмово масло во април за да ги заштити домашните резерви, но има намера да ја укине забраната оваа недела.