Свет
Абас: Нема да дозволиме никакво кршење на правата на палестинскиот народ

Претседателот на палестинските власти, Махмуд Абас, денеска ги отфрли повиците на Соединетите Американски Држави да ја преземат контролата на таа територија и да ги преселат нејзините жители во соседните земји.
„Нема да дозволиме никакво кршење на правата на нашиот народ за кои се боревме со децении и дадовме големи жртви за да ги оствариме“, рече Абас, пренесува палестинската новинска агенција „Вафа“.
Тој рече дека не може да се преговара за правата на Палестинците и повтори дека само решение со две држави и граници од 1967 година може да донесе регионална стабилност.
„Овие повици претставуваат сериозно кршење на меѓународното право. Мирот и стабилноста во регионот нема да се постигнат без формирање палестинска држава со Ерусалим како главен град на границите од 4 јуни 1967 година врз основа на решението за две држави“, посочи тој и додаде дека палестинскиот народ нема да се откаже од својата земја, права и свети места.
Абас нагласи дека Појасот Газа е составен дел од земјата на „палестинската држава заедно со Западниот Брег и Источен Ерусалим, окупирана од 1967 година“.
Според него, не може да се преговара за легитимните палестински права.
„Организацијата за ослободување на Палестина е единствениот легитимен претставник на палестинскиот народ и независен носител на одлуки и никој нема право да донесува одлуки во нејзино име за иднината на палестинскиот народ“, предупреди палестинскиот лидер.
Тој ја изрази својата благодарност за, како што наведе, цврстите и непоколебливи позиции на арапските земји против раселување и анексија и нивната посветеност за формирање независна палестинска држава со главен град Ерусалим како основен услов за постигнување мир во регионот во согласност со меѓународните резолуции.
Тој ги повика генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, и Советот за безбедност да преземат одговорност и итни мерки за заштита на едногласно договорените резолуции за меѓународна легитимност, заштита на палестинскиот народ и неговите неотуѓиви права, вклучително и правото на самоопределување и останување во својата татковина и да стави крај на израелската окупација на Палестина.
„Палестинскиот народ и неговото раководство се посветени на меѓународната легитимност и арапската мировна иницијатива, која го потврдува олицетворението на независна и суверена палестинска држава на територијата на Појасот Газа и на Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим како нејзин вечен главен град“, заклучи палестинскиот лидер.
Американскиот претседател Доналд Трамп на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека САД ќе го преземат Појасот Газа, а неговата визија за областа ја опиша како „ривиера на Блискиот Исток“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
Заради исклучен доток на гориво во моторите се урнал авионот на „Ер Индија“

Прелиминарниот извештај за несреќата на авионот на компанијата „Ер Индија“, во која минатиот месец загинаа 260 лица, покажа дека три секунди по полетувањето, прекинувачите за гориво на моторите се префрлиле од позиција „вклучено“ во позиција „исклучено“, лишувајќи ги моторите од гориво.
Авионот „Боинг 787- Дримлајнер“ веднаш почнал да губи висина, покажува извештајот објавен од индиските истражители на воздухопловни несреќи.
На снимката од пилотската кабина, може да се слушне како еден од пилотите го прашува другиот зошто го исклучил горивото. Вториот пилот одговорил дека не го сторил тоа, се наведува во извештајот. Не е наведено кој го упатил повикот за помош непосредно пред несреќата, пилотот или копилотот.
И двајцата пилоти биле искусни, со вкупно околу 19.000 часа лет, вклучувајќи повеќе од 9.000 часа во „Боинг 787“.
Префрлањето на прекинувачот во позиција „исклучено“ ги запира моторите речиси веднаш.
Свет
Зеленски: Продолжуваат испораките на оружје од САД

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека добил ветување дека Украина ќе добие нови испораки на оружје од САД и европските сојузници, јави ДПА.
-Според сите извештаи, суспендираните испораки на оружје се обновени, рече Зеленски.
ДПА пренесува дека разговорите за продолжување на воената поддршка се планирани за следната недела, меѓу другите, и со американскиот специјален пратеник за Украина, Кит Келог.
-Исто така, подготвуваме нови европски пакети за оружје, рече Зеленски, потенцирајќи дека, исто така, очекува „силни чекори во врска со новите санкции против Русија“.
САД минатата недела накратко воведоа делумно запирање на испораките на оружје што веќе беа ветени.
Регион
Вучиќ: Полицајците не допираат никого, не вознемируваат никого сè додека луѓето не почнат да го кршат законот

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека полицијата реагира како последно средство на блокадите во државата, во согласност со законот и со минимална употреба на сила.
„Тие полицајци…не допираат никого, не вознемируваат никого сè додека луѓето не почнат да го кршат законот и да ги напаѓаат со стапови“, изјави Вучиќ.
Вучиќ истакна во интервју за белградски медиуми, дека студентите во блокада на 15 март не дале „зелено светло“ затоа што некои во државата требало да ја завршат својата работа, а на 28 јуни го направиле тоа „преценувајќи се себеси и потценувајќи ги другите“.
Тие луѓе мислат дека е нормално да му се одземе на некого уставно загарантираното право на движење, тие не се заинтересирани за ништо, тие го прогласиле за легално и не им е гајле, рече Вучиќ.
„Загрижен сум за државата, но што се однесува до партиските, посебни интереси – одлично, можеби до Нова Година, можеби ќе ги изненадам, а потоа ќе распишам избори“, додаде Вучиќ.