Свет
Австралијците најавуваат притисок врз ЕУ поради вакцините, бараaт помош од други земји

Австралија сака да се здружи со други земји за да изврши притисок врз Европската Унија да ги достави планираните дози вакцина против коронавирус, пишува австралиски Еј-би-си.
Европската Унија минатата недела го блокираше испраќањето на 250.000 вакцини на „Астразенека“ од Италија во Австралија. Унијата тогаш за првпат посегна по новата одредба за забрана на извоз на вакцини.
Австралискиот министер за трговија Ден Техан рече дека одлуката е протекционистичка и изрази загриженост дека ЕУ може да ги прекине испораките во иднина. Тој најави соработка со Канада, Јапонија, Норвешка и Нов Зеланд за да се принуди ЕУ да се премисли.
Портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер, пред некој ден рече дека мерката е насочена кон компанијата која барала дозвола за извоз на вакцината, а не кон Австралија.
Валдис Домбровскис, потпретседател на Европската комисија, телефонски разговараше со австралискиот министер за трговија Техан и објасни дека целта за забрана на извозот на вакцините на „Астразенека“ не е насочена против Австралија, туку против британско-шведската фармацевтска компанија.
Сепак, Комисијата не понуди јасни одговори на прашањето зошто е забранет извозот на вакцини во време кога некои земји од ЕУ сè уште не ги користеле дозите што досега им беа достапни.
Засега е нејасно што ќе се случи со дозите наменети за Австралија, но портпаролот на Комисијата, Мамер, минатата недела изјави дека тие остануваат во сопственост на „Астразенека“.
Австралискиот премиер Скот Морисон минатата недела побара од Брисел да ја преиспита својата одлука, иако разбира дека ЕУ е погодена од пандемијата многу посилно од Австралија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Адвокатите на Навални: Тој е многу слаб, мора итно во болница за да не умре

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој штрајкува со глад веќе три недели, е многу слаб и не добил медицинска помош, соопштија денеска неговите адвокати.
„Тој е многу слаб, тешко му е да седи и да разговара“, рече Олга Михаилова пред новинарите додавајќи дека Навални „не добил соодветна медицинска нега“ во болницата за затвореници со туберкулоза.
Таа побара Навални итно да биде префрлен во цивилна болница во Москва со цел да се спречи да умре.
На групата лекари, предводена од Анастасија Василијева, личен лекар на 44-годишниот опозиционер, не им е дозволено да влезат во болницата, како што се случувало секојпат кога се обидувале да го посетат Навални.
Во изјава за францускиот печат Василијева го осуди „целосното непочитување“ потсетувајќи дека „должност на лекарот е да му помогне на пациентот“ и посочува дека во прашање е животот на главниот противник на рускиот претседател Владимир Путин.
Навални на 31 март го почна штрајкот со глад во знак на протест против условите во затворот обвинувајќи ја управата на затворот дека не му дозволува да посетува лекар.
Тој беше уапсен во јануари откога пристигна во Русија по закрепнувањето од труењето по пет месеци во Германија за што го обвинува рускиот претседател Владимир Путин.
Навални беше осуден на две и пол години затвор затоа што ја прекрши условната казна од 2014 година, со тоа што замина во Германија на лекување.
Свет
Иранското МНР: Постигнат мал напредок во разговорите во Виена

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Катибзаде, изјави дека на преговорите што во моментот се водат во главниот град на Австрија, Виена, меѓу Техеран и светските сили во врска со нуклеарниот договор од 2015 година, е постигнат одреден напредок, пренесува ИРНА.
„Се движиме по вистинскиот пат и е постигнат одреден напредок, но сè уште не сме ја достигнале последната фаза. Сега сме во фаза кога треба да се преговара за тешки прашања. Никаде не брзаме. Немаме никакви директни или индиректни преговори со САД во Виена“, изјави Катибзаде.
Минатиот вторник Виена беше домаќин на разговорите насочени кон заживување на нуклеарниот договор меѓу Иран и светските сили и кон враќање на САД на нуклеарниот договор.
Во 2018 година администрацијата на Трамп еднострано се повлече од нуклеарниот договор и повторно ги воведе санкциите за Иран претходно укинати според договорот. Како одговор Техеран ги намали своите обврски кон договорот и го зголеми збогатувањето ураниум на 20 отсто надминувајќи ја границата од 3,67 отсто утврдена со договорот.
Свет
Саудиска активистка ја доби европската награда за човекови права

Саудиската активистката за женски права, Луџаин ал-Хатлул, е одликувана со највисоката европска награда за човекови права само два месеца по излегувањето од затвор во својата татковина, пренесува „Мидл Ист монитор“.
Наградата за човекови права „Вацлав Хавел“, именувана по славниот чешки дисидент, а подоцна и претседател, ја доделува Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на годишно ниво на личности што активно ги бранат човековите права во граѓанското општество.
Според изјавата објавена од ПССЕ, Хатлул е една од лидерките на саудиското феминистичко движење, која водеше кампања за ставање крај на машкиот систем на старателство и на забраната жените да возат автомобил, како и за поголема заштита на жените што се соочуваат со злоупотреба во кралството.
И покрај тврдењата на Саудиска Арабија за подобрување на правата на жените – жените сега може да возат автомобил – Хатлул беше уапсена во мај 2018 година заедно со други активисти.
По повеќе од две години притвор и многубројни пријави за тортура и сексуална злоупотреба во текот на притворот, таа беше осудена на пет години и осум месеци затвор кога беше обвинета за дела поврзани со тероризам во декември минатата година.
Поради делумно условната казна и веќе поминатото време во затвор, Хатлул беше ослободена во февруари. Како дел од условите за предвремено ослободување, Хатлул е на условна казна и ѝ е забрането да ја напушта земјата во период од пет години. Таа ја изгуби жалбата против казната и ограничувањата минатиот месец.
Вчера, на онлајн-церемонијата, сестрата на активистката, Лина ал-Хатлул, ги прими во нејзино име наградата и 60.000 евра што ѝ се доделени.
„Меѓународната поддршка е единствениот начин на кој можеме да ги обелодениме неправдите во мојата земја и да ги заштитиме жртвите“, рече Ал-Хатлул.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Регион4 дена
„Фајзер“, „спутник В“ или „Синофарм“ – истражување во Србија покажа која вакцина штити најбргу
- Економија3 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Црна хроника3 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?