Европа
Агенција на ЕУ: Понудата и употребата на дрога зголемени по пандемијата

Агенцијата за дроги на ЕУ го претстави Европскиот извештај за дрогите за 2022 година „Трендови и развој“, во кој посочуваат дека употребата на дрога е зголемена поради високата достапност низ Европската Унија, а во некои случаи ги надминува и предпандемиските нивоа.
Според податоците за употребата на дрога, постојат знаци за враќање на нивоата пред пандемијата.
Голем проблем се и новите психоактивни супстанци кои продолжуваат да се појавуваат во ЕУ. Во текот на 2021 година за прв пат се пријавени дури 52 нови видови на дрога, со што вкупниот број се искачи на 880.
Од таму наведуваат дека во 2020 година заплениле рекордни 6,9 тони разни видови дрога.
Што се однесува до канабисот, најпопуларната недозволена дрога во ЕУ, неговите производи стануваат се поразновидни поради појавата на екстракти.
Тие додаваат дека политиката на ЕУ за канабис се менува, па се зголемува опсегот на политиката за канабис, што вклучува контрола на нелегалната употреба и регулирање на канабисот за медицинска и друга употреба.
Според резултатите од 2020 година, затворени се повеќе од 350 лаборатории за производство на нелегални дроги, вклучително и погони за производство на кокаин, метамфетамин и катинон.
Во ЕУ во 2020 година се запленети рекордни 213 тони кокаин, а уништени се 23 лаборатории.
Се предупредува дека има видливо зголемување на достапноста на амфетамините, а во 2020 година биле запленети 21 тон и затворени 78 лаборатории.
Се проценува дека во 2020 година имало 5.800 смртни случаи од предозирање со дрога, а повеќето од нив биле поврзани со токсичноста на неколку видови дроги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Ердоган попушти – постигнат договор за членство на Финска и Шведска во НАТО

Турција го поддржа членството на Финска и Шведска во НАТО, соопшти кабинетот на финскиот претседател Саули Нииниште. Во меѓувреме потврда стигна и од НАТО.
Министрите за надворешни работи на Турција, Шведска и Финска, наводно, потпишале меморандум за проширување на НАТО со двете северноевропски земји и за укинување на блокадата на Турција по нивниот пристап.
„ Постигнат е трипартитен договор“, соопшти НАТО, чиј генерален секретар Јенс Столтенберг наскоро треба да открие повеќе детали.
Ваквиот развој на настаните доаѓа непосредно пред самитот на лидерите на НАТО во Мадрид. Како што е познато, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган имаше голема резерва за членството на двете земји, обвинувајќи ги дека се рај за терористите, мислејќи на различните курдски политички актери кои дејствуваат таму. Стокхолм и Хелсинки изразија намера да влезат во НАТО по руската инвазија на Украина.
Европа
Лавров: Што подолго Западот ѝ праќа оружје на Украина, судирот ќе трае толку подолго

Повторувајќи ја изјавата на руското Министерство за одбрана, Лавров денеска им рече на новинарите дека трговскиот центар бил празен во моментот кога дошло до пожарот поради тоа што Русија погоди складиште за оружје и муниција.
Лавров изјави дека што повеќе Западот испраќа оружје во Украина, толку подолго ќе трае судирот.
Шефот на руската дипломатија при посетата на Туркменистан рече дека Русија вчера не го гаѓала трговскиот центар во украинскиот град Кременчук, каде што загинаа најмалку 18 луѓе, пренесува „Ројтерс“.
Европа
Песков: Војната може да заврши до крајот на денот доколку Зеленски нареди армијата да го остави оружјето

Украина може да ја заврши војната пред крајот на денот, а за тоа да се случи, сè што е потребно е наредбата на украинскиот претседател армијата да го остави оружјето и да ги исполни условите на Москва, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува руската државна агенција „РИА новости“.
„Украинската страна може да запре сè пред крајот на денешниот ден, потребна ни е наредба за националистичките единици да го положат оружјето, наредба украинската армија да го остави оружјето и мора да се исполнат условите на Руската Федерација. Сè може заврши пред крајот на денот“, рече Песков коментирајќи ја изјавата на Владимир Зеленски за плановите за завршување на војната пред зимата.
Медиумите потсетуваат дека двајца неименувани дипломати на Европската Унија вчера за новинските агенции изјавиле дека Зеленски им кажал на лидерите на Г7 дека сака војната да заврши пред зимата.
Во своето вчерашно обраќање Зеленски повикал на системи за противвоздушна одбрана, повеќе санкции за Русија и безбедносни гаранции, изјавил европски претставник. Украинскиот претседател побарал и помош за извоз на жито од Украина и за обнова на земјата, изјавил европски функционер, кој сакал да остане анонимен, пренесува агенцијата.