Свет
Американците предупредија: Наскоро може да се случи голем напад врз Украина
Американската амбасада во Киев предупреди на можноста од значаен воздушен напад врз Украина во наредните денови, објави на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер) Јулија Мендел, поранешна портпаролка на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во предупредувањето што денеска го објави Американската амбасада во Киев се наведува дека заканата се однесува на целата територија на Украина, односно на сите окрузи во земјата. Според соопштението, американските власти добиле информации за можен силен воздушен удар што би можел да се случи во кој било момент во текот на следните неколку дена.
— Iuliia Mendel (@IuliiaMendel) January 8, 2026
Американската амбасада повторно ги повика своите државјани да бидат подготвени веднаш да побараат засолниште во случај на прогласување воздушна тревога. Вакви предупредувања Вашингтон редовно објавува во моменти на зголемени безбедносни ризици, особено кога постојат разузнавачки податоци за можни напади од руската војска.
Предупредувањето доаѓа во период кога Украина со недели е изложена на интензивни ракетни и напади со дронови врз енергетската инфраструктура и градовите низ земјата, додека властите во Киев предупредуваат дека Русија би можела да продолжи со бранови масовни удари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Јотова го назначи Ѓуров за технички премиер: Бугарија влегува во процес на формирање привремена влада
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе го задолжи кандидатот за вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров да формира влада, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Шефицата на државата го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Андреј Ѓуров за вршител на должноста премиер. Денес во 10:00 часот, претседателката Јотова ќе го прими Ѓуров во Дондуков 2.
Според Законот на БНБ, доколку гувернерот или заменик-гувернерот изразиле експлицитна согласност да бидат назначени за вршител на должноста премиер, тој или таа треба да поднесе оставка.
„Фер избори може да се одржат кога привремената влада не се меша во политичката сцена, е доволно неутрална и работи само во рамките на овластувањата што ѝ се доделени со Уставот“, рече Андреј Ѓуров по разговорот со Илијана Јотова во јануари, пренесува „Офњуз.бг“.
Според Уставот на Бугарија, по консултации со пратеничките групи и по предлог на кандидатот за привремен премиер, претседателот назначува привремена влада и закажува избори во рок од два месеци.
Минатата недела, претседателката изјави дека таа и нејзиниот тим ќе сторат сè што е можно за да се одржат изборите на првиот датум по велигденските празници. Првата недела по Велигден е 19 април.
Регион
(Видео) Тепачка во турскиот парламент додека новиот министер за правда полагаше заклетва
Во турскиот парламент изби тепачка меѓу пратениците на владејачката АКП и опозициската ЦХП за време на полагањето заклетва на новиот министер за правда Акин Гурлек.
Инцидентот настанал кога опозициски пратеници се обиделе да го спречат Гурлек да се заколне, по што дошло до туркање и физичка пресметка. Седницата била прекината околу 15 минути.
Гурлек на крајот ја положил заклетвата, додека опозицијата фрлала копии од Уставот кон претседателот на парламентот.
ЦХП оцени дека неговото назначување е удар врз демократијата, додека АКП тврди дека постапката е во согласност со Уставот.
Европа
(Видео) Поранешен шеф на МИ6: Руските загуби се застрашувачки
Русија можеби изгубила околу двојно повеќе војници во Украина во декември 2025 година отколку што Советскиот Сојуз изгубил за време на советско-авганистанската војна, изјави поранешен шеф на британската разузнавачка служба во неодамнешно интервју.
Ричард Мур, поранешниот шеф на МИ6, даде интервју за Скај њуз, во кое рече дека околу 30.000 руски војници загинале во Украина во декември, опишувајќи ја бројката како „застрашувачки“.
Мур го спореди месечниот број на жртви на руски војници со загубите во советско-авганистанската војна, која траеше десет години, од 1979 до 1989 година, и во која загинаа околу 15.000 советски војници.
„Загубите се ужасни и дури и Русите ќе имаат тешкотии да ги надоместат тие загуби. Затоа поминуваат катастрофално лошо на бојното поле“, рече Мур.

