Свет
Америка: Единственото нешто што спречува итно примирје е Хамас
Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, рече дека предлогот за прекин на огнот во Газа што го претстави американскиот претседател Џозеф Бајден е „речиси идентичен со оној што Хамас рече дека ќе го прифати пред само неколку недели“ и додаде дека „единственото нешто што го спречува прекинот на огнот“ е Хамас.
Тој додаде дека Америка и другите посредници „сè уште не добиле официјален одговор на предлогот од милитантната групација“.
„Светот треба да знае, палестинскиот народ треба да знае, дека единственото нешто што го спречува итното примирје е Хамас“, рече Милер, а пренесува „Еј-би-си њуз“.
Тој додаде дека има некои разлики меѓу предлозите што Хамас претходно изјави дека ќе ги прифати, но посочи дека Америка, Катар и Египет сметаат дека пречките може лесно да се отстранат.
Минатиот петок американскиот претседател Бајден претстави предлог што треба да доведе до ослободување на заложниците од Газа и прекин на огнот, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
