Свет
Америка подигa бодликава жица на границата со Мексико пред инаугурацијата на Трамп

Агентите на американската гранична патрола вчера подигнаа бодликава жица меѓу градот Ел Пасо во Тексас и неговиот мексикански сосед Сиудад Хуарез, забележа репортер на АФП.
Агентите на Царината и граничната заштита (ЦБП), исто така, спроведоа безбедносни вежби во близина на меѓународниот мост што ги поврзува двата града, што беше забележано три дена пред инаугурацијата на Доналд Трамп, кој се враќа во Белата куќа во понеделник.
Минувањето на автомобили беше во прекин 40 минути.
„Ова е второ затворање што го гледам за една недела“, изјави за АФП Јадира Мартинез, корисник на меѓународниот мост.
По неговата победа, Трамп рече дека сака да прогласи национална вонредна состојба за да го спроведе својот план за масовно протерување мигранти и дека има намера да ги искористи вооружените сили за тоа.
„Закана број еден за нашата внатрешна безбедност е јужната граница со Мексико#, изјави вчера Кристи Ноем, која новоизбраниот претседател ја назначи за шеф на американското Министерство за домашна безбедност, посебно одговорна за контрола на имиграцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Клучниот човек на Путин: Украина е блиску до распад

Сергеј Наришкин, директор на Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) и претседател на Руското историско друштво, изјави дека Украина е на работ на „неизбежен колапс на државноста“. Наришкин е познат како еден од блиските соработници на рускиот претседател Владимир Путин и клучна фигура во рускиот безбедносен апарат.
Неговите изјави редовно се усогласуваат со наративот на руската влада, а овој конкретен коментар го пренесе државната агенција ТАСС, позната по промовирањето на официјалните позиции на Кремљ.
На дискусијата на тркалезната маса насловена „Од Харков до Ужхород: Историја на конфликти и територијални компромиси“, Наришкин изнесе тврдења дека Украина „од распадот на Советскиот Сојуз ја пропушти можноста да изгради сопствена државност и наместо тоа се посвети на лично збогатување, поддржувајќи го неонацистичкиот лидер и прифаќање на улогата на ‘ударна игла’ против Русија под водство на англосаксонските господари“.
„Резултатот на сè е катастрофа, а сега падот на украинската државност е неизбежен“, рече Наришкин.
Тој рече и дека територијата на Украина била формирана само за време на советскиот период и дека „пред тоа не постоела како единствена административна единица“.
Сергеј Наришкин долго време важеше за еден од најлојалните луѓе во најтесниот круг на Путин. Тој е на чело на Надворешната разузнавачка служба (СВР) од 2016 година и е познат по промовирањето на ревизионистички поглед на украинската историја, честопати оправдувајќи ги руските дејствија во конфликтот користејќи историски наративи.
Вчера американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин се договорија да започнат преговори за итен прекин на војната во Украина. Истиот ден, министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Шпанија по средбата истакнаа дека не може да се постигне мировен „договор“ за Украина без учество на Киев и неговите европски партнери.
Европа
Путин се согласи на мировни преговори, кажа Песков

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков утринава зборуваше за вчерашниот разговор меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп, кој траеше речиси час и половина. Песков рече дека Трамп повика на брз прекин на непријателствата и мирно решавање на конфликтот.
„Претседателот Путин, од друга страна, ја истакна потребата да се елиминираат основните причини за конфликтот и се согласи со Трамп дека долгорочно решение може да се постигне преку мировни преговори“, рече Песков за новинарите.
Тој додаде дека рускиот претседател ја поддржува идејата дека „дојде време нашите земји да соработуваат“ и го покани Трамп да ја посети Москва.
Путин, исто така, изрази подготвеност да прими американски претставници во Русија за да разговараат за теми од заеднички интерес, вклучувајќи го и прашањето за Украина и мирното решение во таа земја, рече Песков.
Во меѓувреме, шефот на руската надворешна разузнавачка служба, Сергеј Наришкин, за државната новинска агенција РИА изјави дека телефонскиот разговор на Путин со Трамп бил „длабок и значаен“.
Европа
(Фото) Молдавија и Романија: Руски дронови влетаа на наша територија и експлодираа

Руски беспилотни летала го нарушиле воздушниот простор на Молдавија и две експлодирале на нејзина територија, објави претседателката на земјата Маја Санду, а и романските власти пријавиле два дрона.
„Беспилотните летала ‘Шахед’ го нарушија нашиот воздушен простор. Два експлодираа на наша територија, загрозувајќи ги животите на Молдавија“, напиша Санду на платформата „Икс“.
Министерството за одбрана на соседната членка на НАТО, Романија, објави дека два дрона го нарушиле и нејзиниот воздушен простор за време на рускиот напад врз Украина во текот на ноќта. Министерството соопшти дека пронашло едно можно место на несреќата и дека спроведува дополнителни истраги, пренесува Ројтерс.