Свет
Бајден: Кина бргу се приближува

За време на првиот говор во Конгресот по повод првите 100 дена од претседателскиот мандат, американскиот претседател Џо Бајден посебно внимание посвети на Кина и оцени дека таа земја бргу се приближува.
Во средата вечерта американсиот претседател порача дека САД ќе одржат силно присуство во Пацификот и вети дека ќе го интензивираат технолошкиот развој и трговијата, пренесува „Ројтерс“.
„Кина и другите земји бргу се приближуваат. Ние мора да се развиваме и да доминираме во производството и технологијата на иднината“, порача Бајден.
Во изјавата што го предизвика најсилниот аплауз на вечерта, Бајден рече дека, едноставно, нема причина зошто ветерни турбини да не се прават во Питсбург наместо во Пекинг.
Бајден повтори дека конкуренцијата со Кина е најголемиот предизвик во надворешната политика на САД.
Тој и неговите колеги демократи, како и републиканците, се согласија за построг пристап во односите со Пекинг.
„Америка ќе се бори против неправдите што ги поткопуваат американските работници и американската индустрија преку субвенции за државни компании и спречување кражба на американски технологии и интелектуална сопственост“, додаде американскиот претседател.
Тој му порача на кинескиот претседател Шји Џјинпинг дека Соединетите Американски Држави ќе одржат силно присуство во индопацификот, како што тоа го прави за НАТО во Европа – на за да почне конфликт, туку да го спречи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Папата Франциско: Законите кои ги криминализираат ЛГБТ луѓето се грев и неправда

Папата Франциско денеска изјави дека законите кои ги криминализираат ЛГБТ луѓето се грев и неправда.
Папата ова го кажа како одговор на новинарско прашање во авионот со кој се враќаше од посетата на Африка, а во својата позиција го поддржаа двајцата црковни поглавари кои го придружуваа.
„Криминализацијата на хомосексуалноста е проблем што не може да се игнорира“, рече Папата, цитирајќи статистика која покажува дека 50 земји во светот ги криминализираат ЛГБТ луѓето „на еден или друг начин“, а 10 земји имаат закони против нив, вклучително и смртна казна.
Шеесет и шест земји-членки на ОН сè уште го криминализираат консензуалниот истополов секс, според ИЛГА Ворлд.
Во неколку земји каде истополовиот секс е нелегален, казните може да вклучуваат и смртна казна.
“Тоа не е правилно. Луѓето со хомосексуални склоности се Божји деца. Бог ги сака. Бог ги следи. Осудувањето на таков човек е грев. Криминализацијата на луѓето со хомосексуални склоности е неправда”, рече папата.
Тој истакна дека католичкиот катехизам вели дека истополовата привлечност не е грев, туку сексуалните односи се грев. Тој наведува и дека ЛГБТ луѓето не треба да бидат маргинализирани.
Папата ја повтори својата позната изјава, дадена веднаш откако стана папа во 2013 година, велејќи дека не може да им суди на луѓето со такви тенденции кои го бараат Бога.
Тој исто така истакна дека за време на неговата посета на Ирска во 2018 година, рекол дека родителите не смеат да се откажат од своите ЛГБТ деца, туку мора да ги држат во скутот на семејството каде што ќе бидат сакани,пренесе Индекс.хр.
Свет
Нападнат хеликоптер на ОН, едно лице загина

Едно лице загина, а друго е рането при пукање врз хеликоптер кој летал на средна височина за време на мисијата на ОН МОНУСКО во ДР Конго.
Во престрелката е убиен еден член на мисијата на ОН од Јужна Африка, додека друг е тешко ранет. Престрелката се случила на истокот на земјата, соопшти мисијата на ОН.
Хеликоптерот бил на лет за Гома, главниот град на провинцијата Северен Киву, каде што успеал да слета.
Засега не се знае кој пукал во хеликоптерот, ниту пак точната локација од која е направено тоа.
Мировната мисија на ОН од околу 18.200 војници е распоредена во источно Конго откако ја презеде функцијата од претходната операција на ОН во 2010 година.
Нејзиниот мандат вклучува поддршка на напорите на владата на Конго за стабилизирање на регионот потресен од бунтовничкото насилство.
Да потсетиме, минатата година во сличен инцидент во ДР Конго беше убиен припадникот на војската на Србија, потполковник Дејан Станојевиќ, пренесе Б92.
Свет
Русија и Украина: Ситуацијата на фронтот се потешка, вели Зеленски, а шефот на Вагнер тврди дека има тепачки за секоја куќа во Бахмут

Од недела, речиси една година од почетокот на руската инвазија на Украина, стапи на сила речиси целосно ембарго за извоз на руска нафта, а ситуацијата на фронтот станува се потешка, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според него, сега е „многу тешко“ во Бахмут во областа Доњецк, како и во регионот на Одеса.
Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин изјави дека во Бахмут се водат жестоки борби, иако извештаите на руските „воени дописници“ го тврдат спротивното.
Центарот на Харков, вториот по големина град во Украина, беше погоден од ракетни напади, при што петмина беа повредени. Ракети погодија станбена зграда и универзитетска зграда.
Шефот на платеничката група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, преку Телеграмскиот канал на прес-службата рече дека, спротивно на некои извештаи, во Бахмут „се уште се водат жестоки битки за секоја улица, секоја куќа, секое скалило“.
„Вооружените сили на Украина не се повлекуваат никаде. Вооружените сили на Украина се борат до последно“, рече тој.
Претходно рускиот провоен канал Варгонзо, повикувајќи се на информации од борците на Вагнер, објави дека украинската армија се повлекла од северните региони на Бахмут.
Во текот на изминатата недела, Русија продолжи да постигнува одреден напредок во напорите да го опколи градот Бахмут, се вели во извештајот на британското Министерство за одбрана.
До почетокот на неделата, формациите на Вагнер, најверојатно, презедоа алтернативен пат и останаа само неколку правци за снабдување на украинските сили низ земјата, а Бахмут стануваше сè поизолиран.
Во петокот во Киев се одржа самитот Украина – ЕУ, но освен пораката дека Украина има место во Унијата, не беше наведен датумот на влез на земјата во политичката и економската заедница на европските држави.
Освен декларативна поддршка, од Киев се бара истото како и од другите земји кандидати, а тоа се владеење на правото и решителна борба против корупцијата.
Украинските власти во последните денови најавија одлучна борба против корупцијата, а сменети се и неколку функционери.
Истиот ден од Америка пристигна вест дека е одобрена нова транша од воената помош за Киев во вредност од 2,2 милијарди евра.
Оваа помош, како што соопшти Пентагон, ќе вклучува и ракети со дострел од 150 километри, кои „ќе и овозможат на украинската армија да гаѓа цели длабоко во руската позадина“, што сега не може да го направи,пренесе Б92.