Свет
Бајден, Макрон, Меркел и Џонсон загрижени поради иранската нуклеарна програма
СAД, Франција, Германија и Велика Британија денеска изразија силна и сè поголема загриженост за иранската нуклеарна активност, барајќи од Техеран да го промени правецот и на тој начин да го спаси договорот за неговата нуклеарна програма.
Американскиот претседател Џо Бајден, францускиот претседател, Емануел Макрон, германската канцеларка, Ангела Меркел и британскиот премиер Борис Џонсон попладнево во Рим се состанаа за да разговараат на маргините на самитот Г-20.
„Ние сме решени да дејствуваме така што Иран никогаш да не може да произведе или да се здобие со нуклеарно оружје и изразуваме силна и се поголема загриженост за честите провокативни мерки на Иран на нуклеарно поле, како што се производството на високо збогатен ураниум и метали збогатени со ураниум“, се вели во заедничкото соопштение по
средбата.
Во 2015 година, суперсилите потпишаа историски важен договор со исламската република (наречен JCPOA, Заеднички глобален акциски план), кој требаше да ја спречи да произведе атомска бомба. Во 2018 година, за време на мандатот на Доналд Трамп, Американците еднострано се повлекоа од договорот и повторно воведоа санкции кон Иран, кој, реагирајќи на таквата одлука, постепено се откажа од ограничувањата наметнати врз неговата нуклеарна програма.
Но, Техеран неделава објави дека е подготвен да ги продолжи разговорите во ноември за да го спаси договорот.
„Уверени сме дека сè уште е можно брзо да се постигне и спроведе договор за повторно придржување до Нуклеарниот договор со Иран (JCPOA), со цел да се гарантира на долг рок дека иранската нуклеарна програма е исклучиво мирна и да се предвиди укинување на санкциите“, истакнуваат четворицата лидери во соопштението.
„Тоа ќе биде можно само ако Иран го промени правецот“, предупредија тие.
Лидерите го повикуваа претседателот Ебрахим Раиси да ја искористи оваа можност и да се потруди да работи со добра волја за да се доведат преговорите до успешен крај што е можно поскоро.
„Ова е единствениот сигурен начин да се спречи опасната ескалација која никому не е од интерес“, истакнуваат лидерите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Снимка од приведувањето на три лица во БиХ кои на Тикток објавија дека ја држат Данка
Тројца мажи кои синоќа беа уапсени од Федералната полициска управа (ФУП), а по наредба на српската полиција, синоќа се донесени во просториите на ФУП во Сараево на понатамошна обработка.
Федералната полициска управа на Босна и Херцеговина, врз основа на информации од Министерството за внатрешни работи на Република Србија, Управа за технологија, уапси три лица кои се сомничат дека преку социјалната мрежа Тикток објавиле дека се поврзани со исчезнување на девојчето Данка Илиќ.
Уапсени се Б.Т.(2002), М.Т.(2001) и З.Т.(1972). Полицијата извршила претрес и утврдила дека информациите што ги дале се лажни.
Во текот на ноќта тројката заедно со Хаџиќ се донесени во просториите на ФУП, каде потоа ќе бидат предадени на надлежниот обвинител за понатамошна постапка, а видеото од нивното приведување го објави Министерството за внатрешни работи на Србија.
Свет
Голем руски ракетен напад врз украинските централи, штетата е голема
Русија ги нападна термоцентралите и хидроцентралите во централна и западна Украина со проектили и беспилотни летала, во уште еден од серијата напади врз веќе оштетената енергетска инфраструктура, објави електроенергетскиот оператор „Укренерго“.
„Во масовен и комбиниран напад, руските сили повторно ги гаѓаа енергетските објекти во текот на ноќта“, објави Укренерго на Телеграм. Оштетени се термоцентралите и хидроцентралите во централниот и западниот регион“, додава операторот.
Според локалните власти и министерот за енергетика Герман Гелушенко, нападнати биле енергетските објекти во областа Камиаске во близина на градот Днепро и енергетската инфраструктура во регионите Дњепропетровск, Полтава и Черкаси.
„Објектите за производство на електрична енергија беа нападнати со беспилотни летала и проектили“, рече Гелушенко.
Најголемата приватна енергетска компанија ДТЕК потврди дека биле нападнати три нејзини термоцентрали. Дистрибутерот на електрична енергија оваа недела објави дека ДТЕК изгубил околу половина од својот производствен капацитет.
Украинската армија објави дека соборила 58 од 60 лансирани руски беспилотни летала и 26 од 39 проектили.
Регион
Два силни земјотреси го погодија југот на Грција
Земјотреси со јачина од 5,7 и 4,3 степени според Рихтеровата скала утрово го погодија југот на Грција, соопшти Геодинамичкиот институт во Атина.
Земјотрес со јачина од 5,7 степени се случи во 9 часот и 12 минути на подрачјето на Јонското Море, а минута претходно е регистриран земјотрес со јачина од 4,3 степени, пренесува Катимерини.
Двата земјотреси беа почувствувани во многу региони на Грција, вклучувајќи ја и Атика. Професорот по динамичка тектоника и применета геологија Ефтимис Лекас на платформата Х напиша дека нема повредени и дека не е причинета штета, додека директорот на Геодинамичкиот институт Атанасиос Ганас рече дека причината што не е причинета материјална штета е тоа што зградите во областа се изградени според строги антисеизмички прописи.
Ганас изјави дека земјотресот со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала бил на длабочина од 20 километри, во централното Јонско Море, на допир на евроазиската и африканската плоча. Жителите од погодените подрачја велат дека противпожарните патроли ги утврдуваат сите проблеми предизвикани од земјотресите.