Свет
Бајден: На митингот на Трамп убиен татко што си го штител своето семејство
Пензионираниот шеф на противпожарната служба Кори Комператоре беше убиен при обид за атентат врз поранешниот претседател Доналд Трамп.
„Тој беше татко кој го штитеше своето семејство од испуканите куршуми“, напиша Џо Бајден на својот официјален претседателски профил, оддавајќи му почит на 50-годишниот Кори Комператоре, кој беше на митингот со своето семејство.
Jill and I extend our deepest condolences to the family of the victim who was killed at Donald Trump's rally – he was a father protecting his family from the bullets being fired.
We're also praying for the full recovery of those who were injured.
— President Biden (@POTUS) July 14, 2024
Членовите на семејството го опишаа Комператоре како херој кој загинал штитејќи ги своите ќерки.
„Она што моите драги девојки мораа да го сведочат е непростливо“, напиша неговата сопруга Хелен Комператоре на Фејсбук.
Комператоре беше еден од повеќе од 10.000 луѓе кои присуствуваа на митингот на Трамп во Батлер.
„Митингот на Трамп во Пенсилванија го одзеде животот на мојот брат Кори Комператоре. Омразата на еден човек му го одзеде животот на човекот што најмногу го сакавме“, рекла сестрата на жртвата во објавата.
Според извештајот на Питсбург Пост-Газет, Комператоре претходно служел како началник на волонтерската противпожарна служба на градот Бафало.
Гувернерот Џош Шапиро вели дека наредил знамињата да се спуштат на половина копје во спомен на Комператоре.
Комператоре умре како херој, рече гувернерот. „Неговата сопруга ми кажа дека се фрлил на своето семејство за да го заштити“, рече Шапиро.
Комператоре зад себе ги остави сопругата и двете ќерки.
„Кори беше татко“, рече Шапиро.
„Кори беше пожарникар. Кори одеше во црква секоја недела. Кори ја сакаше својата заедница, а особено го сакаше своето семејство”, додаде тој.
Шапиро го опиша „како страстен поддржувач на поранешниот претседател“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан го покани Нетанјаху да го посети без да биде уапсен, Борел реагира
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, го покани својот израелски колега, Бенјамин Нетанјаху, да го посети, потврдија од кабинетот на Нетанјаху.
Орбан вчера изјави дека го поканил Нетанјаху во Унгарија иако некои членки на ЕУ најавија дека ќе биде уапсен доколку стапне на нивна почва откако Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за негово апсење поради војната во Газа.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, претходно изјави дека владите на земјите-членки на ЕУ не можат да изберат дали ќе ги извршат налозите за апсење издадени од МКС против Нетанјаху, поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант и водачот на Хамас Ибрахим Ал-Масри за наводни злосторства против човештвото.
Сите земји-членки на ЕУ се потписници на основачкиот акт на МКС, т.н на Римскиот статут. Неколку земји-членки на ЕУ најавија дека ќе ги исполнат своите обврски од статутот доколку има потреба. Но, унгарскиот премиер Виктор Орбан го покани Нетанјаху да ја посети неговата земја, уверувајќи го дека нема да биде на никаков ризик ако го стори тоа.
„Државите што ја потпишаа Римската конвенција се обврзани да ја спроведат одлуката на судот. Тоа не е опционално“, рече шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, за време на посетата на Кипар, каде што присуствуваше на работилница на израелски и палестински мировни активисти.
Соединетите Американски Држави ја отфрлија одлуката на МКС, а Израел потегот на судот го оцени како антисемитски.
„Секогаш кога некој не се согласува со политиката на израелската влада, тој е обвинет за антисемитизам“, рече Борел, чиј мандат истекува овој месец.
„Имам право да ги критикувам одлуките на израелската влада, без разлика дали е тоа Нетанјаху или некој друг, без да бидам обвинет за антисемитизам. Тоа не е прифатливо. Доста е“, посочи.
Свет
Путин потпиша нов закон, ќе им ги прости долговите на оние што ќе се пријават да војуваат
Рускиот претседател, Владимир Путин, потпиша закон за простување на долгот на воените регрути кои ќе се пријават да се борат во Украина, објави руската влада.
Законот предвидува простување на долгови до 10 милиони рубљи (95.835 долари) на секој што ќе потпише договор со Министерството за одбрана и ќе се согласи да оди да се бори во Украина во период од најмалку една година, почнувајќи од 1 декември.
Законот се однесува на сите потенцијални регрути против кои е започнато извршување пред 1 декември.
Русија го охрабруваше регрутирањето нудејќи доста големи суми пари, во некои случаи и неколку пати повисоки од просечната плата. Податоците на централната банка покажуваат дека Русите позајмуваат повеќе откако Кремљ нареди десетици илјади војници да се борат во Украина во 2022 година, дури и откако централната банка ја зголеми основната каматна стапка на 21 отсто во октомври.
Регион
(Видео) Падна дел од фасадата на зграда на главниот плоштад во Загреб
Парчиња од фасадата од предниот дел на зградата паднале на плоштадот Бан Јелачиќ,објави порталот „Индекс“.
Полицијата ја опколила областа, а потоа работата ја презеле во свои раце пожарникарите и комуналните служби.
„Граѓаните и туристите го искористија денешното убаво време за да се прошетаат низ центарот на метрополата. Сепак, во популарниот загрепски сообраќаен шпиц околу 13 часот, на повик на загрижени минувачи пристигна полицијата, а потоа и загрепските пожарникари“, пишува „Јутарњи лист“.
Загрепските пожарникари ги извадиле остатоците од почетниот дел од фасадата кој не престанал да се распаѓа.
Според „Јутарњи лист“, отстранети се околу два метри материјал кој претставувал сериозна опасност.
За среќа нема повредени, а се уште не е позната висината на материјалната штета.
Во Загреб веќе се случи дел од фасадата да се откине од зградите во самиот центар на градот.
Пред само неколку недели, дел од фасадата се откина од зграда, исто така во близина на главниот плоштад во Загреб.
Минатото лето, дел од фасадата падна во близина на Хрватскиот народен театар, а пожарникарите потоа извадија приближно три квадратни метри од фасадата, која се закануваше да падне врз минувачите.
Исто така, во февруари годинава на аголот од улиците Илица и Томиќева од објектот паднало парче фасада, при што немало повредени.