Свет
Бајден по крвопролевањето во Тексас: Мора да направиме нешто, децата како да се на бојно поле

Американскиот претседател Џо Бајден ѝ се обрати на нацијата неколку часа по големото крвопролевање во основното училиште во Тексас, каде што 18-годишниот Салвадор Рамос уби 15 лица – 14 ученици и еден наставник.
„Се надевав, кога станав претседател, дека нема да морам повторно да го правам ова. Уште еден масакр, овој пат во Увалде, Тексас, во основно училиште. Жртвите се убави, невини – второ, трето и четврто одделение.
И уште колку што беа сведоци ги гледаа своите пријатели како умираат како да се на некое бојно поле. Ќе живеат со тоа до крајот на животот“, истакна Бајден и додаде:
„Знаеме дека некои родители никогаш повеќе нема да ги видат своите деца, никогаш повеќе нема да ги заспијат и гушнат. Никогаш нема да биде исто. Да изгубиш дете е како некој да ти откине дел од душата. Како нешто да те вшмукал во шуплината на сопствените бели дробови и никогаш повеќе да не можеш да излезеш. Никогаш нема да биде исто.
Самиот Бајден загуби две деца, ќерка во сообраќајна несреќа и син од тешка болест. Американскиот претседател го постави прашањето како да се спротивстави на лобито на индустријата за оружје.
„Поминаа 3.448 дена, 10 години откога бев потпретседател во Конектикат, каде што во Сенди Хук беа убиени 26 луѓе, меѓу кои 21 дете. Оттогаш имало повеќе од 900 престрелки во училиштата: во Паркленд, Флорида, во Санта Фе, Тексас, во Мичиген и списокот продолжува и продолжува.
Како што рече американскиот претседател, идејата дека 18-годишник може да купи две автоматски пушки е погрешна. Тој посочи дека мнозинството Американци поддржуваат усвојување разумни закони со кои би се регулирало носењето оружје. Тој рече дека е време да се реагира.
„Нашите молитви се вечерва со родителите што лежат во кревет и се обидуваат да сфатат дали некогаш повторно ќе заспијат, кои се прашуваат дали нивните други деца се безбедни, кои се прашуваат што ќе се случи со нив утре. Господ нека ги благослови сите изгубени животи на овој тажен ден“, заклучи Бајден, пренесуваат светските агенции.
I’m addressing the nation on the horrific elementary school shooting in Uvalde, Texas. https://t.co/8WI1nWHu6R
— President Biden (@POTUS) May 25, 2022
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Албанија ги укинува царините за стоки од Македонија, Србија и од Косово

Албанската влада одлучи да ги укине царинските тарифи за стоки што минуваат низ албанските гранични премини со потекло од Србија, Косово и Македонија.
Одлуката дојде како последица на решителноста на земјата во процесот „Отворен Балкан“ и помошта што членовите на иницијативата мора да си ја пружат меѓусебно во кризата на високите цени.
Иако Приштина не е дел од оваа иницијатива, Министерството за финансии во Тирана одлучило за нејзино вклучување врз основа на договорот за меѓусебно отстранување на царинските бариери, јавуваат медиумите во Тирана.
Надоместоците за паркирање возила, печатирање на стока и нивно мерење повеќе нема да се наплаќаат.
Медиумите во Тирана наведуваат дека Албанија во првите пет месеци од годинава на косовскиот пазар извезла стока во вредност од 132 милиони евра. 100 милиони во Србија и 62 милиони во Македонија.
Регион
Европскиот парламент со резолуција побара Србија да го признае Косово, Вучиќ одговори

Членовите на Европскиот парламент (ЕП) усвоија резолуција во Стразбур во која се наведува дека напредокот на Србија кон ЕУ директно ќе зависи од зајакнувањето на владеењето на правото, нормализирањето на односите со Косово и усогласувањето со европската надворешна и безбедносна политика, што вклучува воведување санкции против Русија.
Резолуцијатабеше усвоена на пленарната седница на ЕП со 523 гласа „за“, 78 „против“ и 34 воздржани.
Со резолуцијата, Европскиот парламент за првпат ги повикува Србија и Косово да постигнат договор за нормализација на односите „врз основа на взаемно признавање“.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави дека нема ни да го разгледа барањето на Европскиот парламент за Косово.
Тој кажа како Србија ќе одговори:
„Убаво, пристојно и учтиво – нема. Можеме ли да направиме нешто попристојно? Не ни паѓа на памет. Можеме ли да направиме нешто уште попристојно? Нема ни да разгледуваме”, беше јасен Вучиќ.
На прашањето дали ќе се согласи да оди на дијалог со Албин Курти, Вучиќ рече дека би сакал, но дека никој не му се јавил и дека не гледа смисла во тоа.
Регион
Рама: Бидете внимателни со Србија

Премиерот на Албанија, Еди Рама денеска за холандскиот весник „Волкскрант“ изјави дека ЕУ треба да биде внимателна со Србија.
Тој посочи и дека од Белград не треба да се бара нешто што не може да го исполни.
„Србија не може брзо да се ослободи од зависноста главно од рускиот гас, но трипати гласаше против руската инвазија на Украина во Обединетите нации. Ова е уникатно и ново, никој не го очекуваше ова. Сепак, Балканот останува незаштитен круг. Војната во Украина лесно би можела да ескалира, па дури и да доведе до отворен конфликт“, рече Рама, пренесе албанската агенција АТА.
Рама го посети холандскиот премиер Руте и изјави дека долго време ја чувствува холандската блокада за добивање статус на кандидат за членство во ЕУ, но дека сега гледа големи можности за соработка.