Свет
„Бевме на работ на војна со Северна Кореја“: шокантно откритие на јужнокорејските обвинители
Јужнокорејските обвинители тврдат дека поранешниот претседател Јун Сук Јеол осмислил таен план за провоцирање на Северна Кореја со испраќање беспилотни летала во срцето на Пјонгјанг.
Целта била, велат тие, да се предизвика воен одговор од Ким Џонг-ун што би го оправдал воведувањето вонредна состојба во земјата. Нови детали за наводниот заговор, кој му претходел на неуспешниот обид за прогласување вонредна состојба минатиот декември, се базираат на белешки пронајдени на телефонот на висок функционер за одбрана, пишува CNN.
Обвинителите објавија докази во понеделникот кои се чини дека ги потврдуваат претходните тврдења на Северна Кореја дека Јужна Кореја испратила беспилотни летала за да фрлаат летоци против режимот во октомври 2024 година. Меморандумите наводно откриваат планови на Јун и двајца високи функционери за одбрана да го провоцираат Ким доволно за да оправдаат шокантна воена наредба.
Новото обвинение дополнително ја комплицира правната ситуација на Јун, бидејќи тој веќе е на судење за бунт. Јун негира дека наредил летови со беспилотни летала за да ја провоцира Северна Кореја и дека се обидел да исценира бунт.
Неговиот адвокат, Ју Џонг-хва, го нарече обвинението „еднострано гонење“ кое „не ги почитува дури ни основните принципи на правната логика, покрај тоа што е апсурдно“. Во меѓувреме, портпаролката на обвинителите, Парк Џи-јанг, рече дека обвинителите се „згрозени“ од откритието.
Обвинувањата датираат од октомври минатата година, кога севернокорејските државни медиуми објавија повреди на воздушниот простор на Пјонгјанг. Корејската централна новинска агенција (KCNA) објави фотографии од дрон заглавен во дрво, како и снимки од авион за кој се тврди дека лета ниско над резиденцијата на севернокорејскиот лидер.
Пензионираниот генерал Ким Бјунг-џу, сега пратеник на владејачката Демократска партија, во јули за CNN изјави дека добил детали за летовите од информатор. Според него, летовите се случиле најмалку три пати во октомври и ноември 2024 година. „Се верува дека со испраќање беспилотни летала во срцето на Северна Кореја и фрлање летоци со кои се критикува Ким Џонг-ун, целта била да се предизвика воен одговор од Северот“, рече јужнокорејскиот пратеник.
„Беше како да им се држи нож на грло“, додаде тој, заклучувајќи дека тоа би значело војна со северниот сосед. Сестрата на Ким, Ким Јо Џонг, последователно ги осуди упадите во воздушниот простор и предупреди на „тешки последици“.
Белешките пронајдени на телефонот на поранешниот шеф на контраразузнавањето, Јео Ин-хјунг, содржат упатувања за создавање „нестабилна ситуација“, велат обвинителите.
„Мора да пронајдеме и искористиме можност што се случува еднаш во животот и може да произведе краткорочни ефекти. За да го сториме тоа, мора да создадеме нестабилна ситуација или да ја искористиме можноста што е создадена“, се вели во една белешка од 18 октомври минатата година. Друга белешка споменува „насочување кон место каде што (Северна Кореја) го губи угледот до тој степен што чувствуваат дека немаат друг избор освен да одговорат“, наведувајќи го главниот град, нуклеарните постројки и резиденциите на Ким во Самџијон и Вонсан како можни локации, пренесува медиумот.
Во белешката од 5 ноември се додава: „Непријателската акција мора да дојде на прво место. Мора да има воена ситуација. Создадете непријателски услови, мора да почекаме одлучувачка можност“.
Аналитичарите предупредуваат дека летовите со беспилотни летала би можеле да се протолкуваат како чин на војна, предизвикувајќи воен одговор и потенцијално ескалирање во поширок конфликт на Корејскиот полуостров, кој технички сè уште е во војна. Леиф-Ерик Изли, професор на Универзитетот Евха во Сеул, рече дека ако обвинувањата се точни, тоа би „претставувало опасна интеракција на домашната политика и безбедносната политика“.
Јужна Кореја беше на работ на војна со Пјонгјанг.
Виктор Ча од Центарот за стратешки и меѓународни студии нагласи дека ваквите летови би го прекршиле договорот за прекин на огнот. „Знаеме дека Севернокорејците постојано го прекршуваат примирјето, но дома тие не сносат политичка одговорност за тоа“, рече тој. „Во демократија како Јужна Кореја, можете да преземете политичка одговорност за тоа“.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Поранешниот генерален секретар на НАТО до Данска: Три чекори за да се смири Трамп
Поранешниот генерален секретар на НАТО и премиер на Данска, Андерс Фог Расмусен, го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп за, како што рече, користење „јазик на гангстери“ во врска со спорот околу Гренланд. Според Расмусен, фокусот на Гренланд е погрешен и го одвлекува вниманието од вистинските безбедносни закани, како војната во Украина.
Тој предупреди дека ваквите тензии може да предизвикаат поделеност во Западот, што оди во прилог на Русија и Кина. „Ова не е само прашање за Данска, туку за целиот светски поредок“, изјави Расмусен за „Фајненшл тајмс“.
По најавата за формирање заедничка работна група меѓу Данска, САД и Гренланд, дојде до несогласувања – Белата куќа зборува за „технички разговори за аквизиција на Гренланд“, додека Копенхаген останува на ставот дека „Гренланд не е на продажба“.
Расмусен предложи три чекори кои Данска би можела да ги преземе: Ажурирање на одбранбениот договор од 1951 година – со цел јасно да се дефинираат локации каде НАТО и САД би можеле да воспостават нови бази; Договор за инвестиции – насочен кон привлекување американски капитал во секторот на критични минерали на Гренланд; Спогодба за стабилност и отпорност – за заштита од руско и кинеско влијание.
Свет
Научниците контра Трамп: Парацетамолот е безбеден за време на бременост
Употребата на парацетамол за време на бременоста – популарен аналгетик, познат под името Тајленол (Tylenol) во САД – е безбедна, објави група европски истражувачи откако ги анализираше најдобрите достапни научни докази. Истражувањето беше реакција на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој минатата година тврдеше дека лекот е поврзан со развој на аутизам кај децата.
Во текст објавен во саботниот број на британското стручно списание The Lancet Obstetrics, Gynecology & Women’s Health, истражувачите нагласуваат дека нивниот фокус бил на најквалитетните податоци, токму за да ги разјаснат спорните тврдења.
Главната авторка на студијата, професорката Асма Халил од Универзитетот Сент Џорџ во Лондон, изјави: „Парацетамолот е безбеден за употреба во бременост ако се користи според препораките.“
Таа додаде дека нема докази за причинско-последична врска помеѓу употребата на парацетамол и развој на аутизам, АДХД (пореметување на внимание и хиперактивност) или интелектуални нарушувања кај децата.
Изјавата на Трамп од септември 2025 година, во која тој ги советуваше бремените жени да не користат Тајленол, предизвика бурна реакција на медицинската заедница која неговите тврдења ги оцени како неосновани и штетни.
Парацетамолот е единствениот лек против болка кој се смета за безбеден во бременост, а лекарите и претходно препорачуваа да се користи во најмала можна доза и во најкус можен временски период – особено при висока температура, која може да биде ризична и за трудницата и за фетусот.
Истражувачкиот тим спроведе систематски преглед и мета-анализа на 43 достапни студии. Особено внимание посветиле на три големи истражувања што ги споредувале здравствените состојби на деца од иста мајка – во една бременост таа користела парацетамол, а во друга не. Така се земале предвид генетските и семејните фактори.
Резултатот: не е утврдена значајна поврзаност меѓу употребата на парацетамол и појавата на ниту едно од испитуваните нарушувања. Ова важи и по спојување на податоците од студиите со вкупно над еден милион деца.
Халил истакна дека многу од студиите на кои се повикувале претставниците на Трамп биле пристрасни или методолошки слаби, и дека не ги земале предвид збунувачките фактори.
Професорката Грејн Макаланан од Кингс колеџ во Лондон, која не учествувала во студијата, изјави дека резултатите се мошне уверливи и изрази надеж дека конечно ќе стави крај на недоразбирањата.
Свет
Стејт департментот со остра порака до Иран: „Одмаздата ќе биде многу, многу моќна“
Стејт департментот на САД реагира на изјавите на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кој го нарече американскиот претседател Доналд Трамп „криминалец“.
Во пораката на Стејт департментот се наведува дека САД се свесни за можните планови на Исламската Република за напади врз американски бази и дека предупредуваат на жестока одмазда.
„Како што претседателот Трамп повеќепати потенцираше – сите опции се на маса. Ако режимот на Исламската Република нападне американска имот или интерес, ќе се соочи со сила што е многу, многу моќна. Ова го кажавме и претходно, го повторуваме: Не играјте си со претседателот Трамп“, стои во објавата на Стејт департментот.
Изјавата следи откако иранскиот лидер Хамнеи го нарече Трамп „криминалец“, обвинувајќи го за штета, клевети и жртви што, според него, им се нанесени на Иранците за време на протестите низ земјата.

