Свет
Белата куќа загрижена за здравствената состојба на Навални

Белата куќа денес објави дека извештаите оти здравствената состојба на затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални се влошува се многу вознемирувачки и ги повика руските власти да се грижат за неговата безбедност и за здравјето.
„Вознемирени сме од извештаите дека здравствената состојба на г. Навални се влошува. Ги повикуваме руските власти да ги преземат сите неопходни мерки за да ја осигурат неговата безбедност. Додека тој е во затвор, руската влада е одговорна за неговата здравствена состојба“, рече на прес-конференција портпаролот на Белата куќа, Џен Псаки, пренесува „Ројтерс“.
Агенцијата наведува дека адвокатите на Навални, кој штрајкува со глад, денес соопштиле дека неговата здравствена состојба се влошува и дека е негативен на коронавирус по добивањето симптоми на инфекција.
Имено, Навални претходно изјави дека има температура 38,1 и силна кашлица, како и дека тројца од 15-те затвореници од неговата околина се хоспитализирани во затворот во регионот Владимир бидејќи се сомневаат дека имаат туберкулоза.
Судот во Москва денеска ги олесни условите за домашен притвор за братот на затворениот опозиционер Алексеј Навални и неколкумина негови приврзаници, објави групата за набљудување на протестите „ОВД-инфо“.
„Ројтерс“ пренесува дека Олег Навални, Љубов Собол, Људмила Штајн и Константин Јанкаускас првично биле ставени во домашен притвор за непочитување на мерките против Ковид-19 за време на протестите организирани за поддршка на Навални во јануари.
Агенцијата наведува, повикувајќи се на ТАСС, дека московскиот суд им забранил да ги напуштат своите куќи со ново решение само во периодот од 20 до 6 часот наутро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Убиецот кој застрела осум луѓе во „Федекс“ го купил оружјето легално

Момчето кое уби осум лица со огнено оружје во објект на „Федекс“ во Индијанаполис, САД, а потоа изврши самоубиство, купил легално две полуавтоматски пушки.
Како што јавија американските медиуми, тој ги искористил овие пушки за да го изврши злосторството.
Тој го купил оружјето неколку месеци откако излегол од психијатриска установа, соопшти полицијата.
19-годишниот убиец Брендон Хол, поранешен вработен во филијалата на „Федекс“ во Индијанаполис, купил две пушки, едната во јули, а другата во септември минатата година, потврди полицијата на Индијанаполис, не сакајќи да открие каде точно е купено оружјето, пренесува „Ројтерс“.
Федералното биро за истраги (ФБИ) објави дека полицијата во Индијанаполис привремено го привела Брендон Хол во март 2020 година поради психијатриски проблеми, откако неговата мајка поднела пријава и предупредила дека нејзиниот син може да изврши таканаречено „самоубиство со помош на полицијата“, односно да ја испровоцира полицијата да го убие.
Во тоа време во неговата куќа била запленета ловечка пушка, а поради запленување на оружје и други предмети пронајдени во спалната соба на Хол во април 2020 година, убиецот од Индијанаполис бил интервјуиран од ФБИ, потврди Пол Кинан, специјален агент кој ја води истрагата.
По злосторството во Индијанаполис, американскиот претседател Џо Бајден рече дека убиствата со оружје се национална срамота и го повика Конгресот да забрани употреба на автоматско оружје слично на она што го користат припадниците на вооружените сили.
Претходно, Белата куќа објави дека пукањето во зградата на „Федекс“ во Индијанаполис е доказ за епидемијата на вооружено насилство во САД, што покажува потреба од итна акција на Конгресот за мерки за побезбедна продажба и ракување со оружје.
Свет
Келин: Руските власти нема да дозволат Навални да умре во затвор

Рускиот амбасадор во Велика Британија, Андреј Келин, изјави денеска во интервју за Би-Би-Си дека власта нема да дозволи Алексеј Навални да умре во затвор.
„Секако дека нема да дозволиме да умре, но можам да кажам дека Навални се однесува како хулиган и дека се обидува да го прекрши секое правило во затворот“, рече Келин.
Според него, еден ден Навални се жали дека го боли левата рака, а следниот ден левата нога.
„И сето ова го прави за да привлече внимание. Ако се однесуваше нормално, ќе имаше веројатност дека, како и секој друг затвореник, ќе биде ослободен порано“, рече Келин, додавајќи дека нормалното однесување подразбира само почитување на прописите за време на издржувањето на казната.
Четворица руски лекари, вклучувајќи ја и личната докторка на Навални, Анастасија Васиjeева, испратиле писмо до затворските власти со барање да им биде дозволено веднаш да го прегледаат.
Тие тврдат дека врз основа на лабораториски анализи, чии резултати ги добиле, Навални е во опасност од откажување на срцето и бубрезите и дека тоа може да се случи во секој момент.
Претходно денеска, Џејк Саливан, советник на претседателот на САД, Џо Бајден, во емисијата на Си-Ен-Ен „Стејт оф јунион“ изјави дека владата ѝ соопштила на Русија дека ќе има последици доколку Алексеј Навални почине.
Свет
Папата апелира да се намалат тензиите во источна Украина

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, денеска апелираше да се намалат тензиите во источна Украина, изразувајќи вознемиреност од трупањето на воени сили.
Според „Ројтерс“, Папата навел дека е длабоко убеден дека може да се избегне зголемување на напнатоста.
„Недостасуваат потези што ќе ја промовираат меѓусебната доверба, ќе го поттикнат помирувањето и мирот што се толку неопходни и толку посакувани“, рекол Папата за време на традиционалната молитва денеска напладне, прва по неколкунеделни мерки за заклучување.
Говорејќи пред неколку стотици верници на плоштадот Свети Петар, Папата рече дека ги следи засилените воени активности на границата меѓу Украина и Русија и ги осуди честите прекршувања на договорот за прекин на огнот во последните неколку месеци.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Црна хроника3 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Економија3 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?
- Македонија3 недели
Ѓорчев: Мојот татко е во кома откако се вакцинираше во Ниш