Свет
Белата куќа: Сите патници кои летаат за САД мора да бидат тестирани за ковид

Сите патници кои сакаат да влезат во САД, без разлика дали се вакцинирани или не, мора да имаат негативен тест за Ковид-19, соопшти Белата куќа.
„Ние постојано ги оценуваме нашите одлуки, но сегашните правила за тестирање остануваат на сила засега“, рече портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.
Според одлуката на американската влада, секој што ќе влезе во САД по воздушен пат мора да биде тестиран ден пред летот. Ова се однесува и на граѓаните на САД и на странските патници, без разлика дали се вакцинирани или не. Правилото не важи за оние кои неодамна прележале Ковид-19, доколку тоа можат да го докажат со потврда издадена од лекар или друга здравствена служба. Исто така, тестирањето не е задолжително за патниците кои летаат во САД, а според пресудата на федералниот суд, тие повеќе не мора да носат маски додека патуваат.
Правилата во меѓународниот авиосообраќај ќе се менуваат само доколку здравствените и медицинските експерти проценат дека е потребно. Американските туристички компании се спротивставуваат на одлуката на владата и бараат укинување на задолжителното тестирање за целосно вакцинирани патници во авионите.
Авиокомпании, аеродроми, синџири на хотели и други претставници на американската туристичка индустрија минатиот месец испратија писмо до Белата куќа во кое предупредуваат дека рестриктивната мерка ќе предизвика значителни економски загуби. Во писмото се посочува и дека задолжителното тестирање не е во сила кога станува збор за копнените граници на САД со Канада и Мексико.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп за одлуката за абортусот: Господ ја донесе одлуката

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп на „Фокс њуз“ го коментираше поништувањето на 50-годишната пресуда, со која се легализираше абортусот во целата земја. Оваа одлука предизвика реакции во САД но и во светот.
„ Господ ја донесе одлуката“, рече Трамп, кој за време на неговиот мандат назначи тројца конзервативни судии во Врховниот суд.
„ Ова е почитување на Уставот и враќање на правата што требаше одамна да бидат дадени“, рече тој.
Во однос на одлуката се обрати и претседателот Бајден, кој рече дека ова е тажен ден за земјата.
Врховниот суд на САД го укина федералното уставно право на абортус. Во иднина, секоја држава поединечно ќе одлучува за законитоста на абортусот. Речиси половина од државите веќе усвоија или ќе донесат закони за забрана на абортусот, додека други донесоа строги мерки со кои се регулира процедурата.
Свет
(Видео) Бајден за одлуката на Врховниот суд: Ова е тажен ден за нашата земја

Американскиот претседател Џо Бајден се обрати по одлуката на Врховниот суд да дозволи забрана на абортусот.
Тој на почетокот рече дека одлуката им го одзема правото на жените сами да одлучуваат за своето здравје и живот.
„ Ова е тажен ден за судот и за нашата земја“, рече Бајден.
„ Тројцата судии назначени од Трамп беа во срцето на денешната одлука да се смени рамнотежата на правдата и да се отстранат основните права на жените во оваа земја. Оваа одлука е кулминација на една екстремна идеологија“, рече Бајден.
Тој повикува протестите да бидат мирни и луѓето да се воздржат од насилство. Бајден рече дека одлуката на Врховниот суд да ја поништи пресудата на Роу против Вејд го загрозува здравјето и животот на жените.
„Денес, Врховниот суд на Соединетите Американски Држави експлицитно му го одзеде уставното право на американскиот народ, кое тој веќе го призна“, рече Бајден. Тој рече дека одлуката на Врховниот суд датира од пред 150 години.
Бајден очекува гласачите на ноемвриските избори да гласаат за кандидати кои ќе се борат да го вратат правото на абортус.
Регион
Петков го повика Ковачевски да се охрабри и да го прифати компромисот

Бугарскиот премиер Кирил Петков го повика својот македонски колега Димитар Ковачевски да биде храбар и да го прифати компромисот предводен од Франција, кој ќе ја отвори вратата за Скопје да започне формални преговори за членство во ЕУ.
Но, Петков призна дека тоа може да ја урне владата на Ковачевски, исто како што самиот Петков се соочи – и изгуби – со гласање за доверба на неговата влада во средата.
„ На крајот на денот, знам дека е многу политички тешко“, рече Петков во интервју за „Политико“ во Брисел.
„ И знам дека ризикот од соборување на владата е голем ризик“, продолжи тој.
„ Како политичар треба да се одлучи, која е мојата цел на ова место? Дали мојата цел е да бидам стабилен? Или мојата цел е да ја водам нацијата – да направам чекор напред. И мислам дека ова е одлуката, што сега треба да ја донесе Димитар Ковачевски. Да бев јас на негово место, немаше да мислам два пати. Ако може да влезе во историјата со отворање на вратата за Северна Македонија во ЕУ, мислам дека тоа е добро … достигнување за еден премиер. Но, потребна е храброст“ порача Петков.
Бугарскиот премиер е во Брисел за да присуствува на самитот на Европскиот совет, каде Бугарија е под остри критики за попречување на пристапните преговори на Северна Македонија, не само од Ковачевски и од другите лидери од Западен Балкан, туку и од некои од највлијателните шефови на држави и влади на ЕУ.
„Дали е фер во однос на Северна Македонија? Ќе кажам многу искрено: не“, изјави синоќа францускиот претседател Емануел Макрон за печатот на самитот на лидерите на ЕУ. „ Ова е и причината зошто ние колективно извршивме голем притисок врз Бугарија овие последни месеци“ додаде тој.
Макрон го пофали Петков, за кого рече дека „направил сè“, но тој истакна дека Северна Македонија е жртва на внатрешната политика на Бугарија.
Петков инсистираше на тоа дека ја покажал потребната политичка храброст за да се бори против вкоренетите интереси, да ја запре корупцијата и да се заложи за договор со Скопје.