Свет
Германија не ја поддржува иницијативата на Зеленски за одземање на правото на вето на Русија во Советот за безбедност на ОН

Германија не ја поддржува иницијативата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за одземање на правото на вето на Русија во Советот за безбедност на ОН, изјави германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок.
„Не, ние не го поддржуваме ова и разговараме за тоа со нашите украински партнери неколкупати во текот на преговорите. Мислам дека ова е важно за дискусијата во Германија: ние не поддржуваме сè што Украина ѝ предлага на нашата влада“, рече Бербок во интервју за телевизијата АРД.
Како што истакна таа, неопходно е да се заштити Повелбата на ОН и да се размислува за начини за модернизација на организацијата.
Претходно, за време на говорот во Советот за безбедност на ОН, Зеленски изјави дека организацијата е во ќор-сокак и дека тоа наводно е поврзано со правото на вето на Русија. Тој предложи реформа на ОН, конкретно механизмот за користење на ветото. Како што рече, Генералното собрание на ОН треба да има право да го отфрли ветото со две третини гласови.
По тоа, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Генералното собрание на ОН треба да ги разгледа причините поради кои не се спроведени претходно усвоените резолуции на Советот за безбедност на ОН наместо да се разгледуваат случаите на користење на ветото под притисок на западните земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Ѕид од куќа се урна врз жена: страшниот земјотрес на Филипините однесе еден живот

Најмалку едно лице загина во земјотресот со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала што го погоди јужниот дел на Филипините, а забележана е помала штета на локалните инфраструктурни објекти, соопштија денеска филипинските власти и потврдија дека на жителите од погодените области им било дозволено да се вратат дома.
Синоќешниот земјотрес ја погоди провинцијата Јужен Суригао, кој веднаш по земјотресот предизвика евакуација и предупредување за цунами на Филипините, како и во Јапонија, пренесува Ројтерс.
„Една жена загина кога се урнал ѕидот од куќата од која се обидувала да побегне со семејството“, изјавил претставник на Службата за вонредни ситуации.
Националниот институт за вулканологија и сеизмологија соопшти дека заканата од цунами на Филипините поврзана со овој земјотрес во голема мера поминала.
Локалното радио ДВПМ објави дека на граѓаните во погодените заедници им било советувано да ги слушаат упатствата на локалните власти.
Во меѓувреме, граѓаните евакуирани од крајбрежниот град Караскал во јужен Суригао се вели дека се вратиле дома.
„Подготвени сме да организираме нова евакуација доколку е потребно“, се наведува во соопштението на локалните власти, додавајќи дека филипинската крајбрежна стража ги ставила на подготвеност сите свои пловни објекти и авиони.
Регион
Нов земјотрес во Србија: „Мајка ми го држеше телевизорот да не падне“

Републичкиот сеизмолошки завод објави дека денеска во 9 часот и 47 минути е регистриран земјотрес во околината на Крагуевац.
Земјотресот бил со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала.
Според очевидци, земјотресот го почувствувале жителите на Јагодина, Пожаревац, Крагуевац, Свилајнaц, па дури и во Белград, пишува „Блиц“.
„Се почувствуваа два кратки удари по ред“, вели жител на Петровац на Млави.
„Креветот се нишаше само малку, неколку секунди“, „Слабо тресење на кратко траење!“
„Овој земјотрес ме разбуди, мама го држеше телевизорот да не падне“, вели друг жител на Петровац на Млави.
„Се нишаше лустерот“ – вели белграѓанка.
И вчера имаше земјотрес во Србија, со јачина од 3,2 степени.
Свет
Борел жали за нападите врз Газа и го повикa Израел да ги почитува законите за војна

Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел во саботата изрази жалење за продолжувањето на израелските напади врз Појасот Газа, нагласувајќи ја обврската на Тел Авив да го почитува меѓународното хуманитарно право и законите на војната, кои тој ги опиша како „не само морална, туку и законска обврска, пренесува „Анадолија“.
„Важен е начинот на кој Израел го остварува правото на самоодбрана. Императив е Израел да го почитува меѓународното хуманитарно право и законите за војна“, рече Борел на социјалната мрежа Х.
Неговите изјави уследија откако израелската војска ги продолжи нападите врз Газа во петокот наутро, бидејќи прогласи крај на еднонеделната хуманитарна пауза, за што Борел изрази жалење, стравувајќи дека и онака високиот биланс на цивили ќе продолжи да расте.
Повторувајќи го својот повик до Израел да го почитува меѓународното право, тој нагласи дека тоа е „не само морална, туку и законска обврска“.
Тој го спомена и зголемувањето на бројот на случаи на насилство на окупираниот Западен Брег. Повикувајќи се на податоци на ОН, Борел рече дека Израелците убиле 271 Палестинец од 7 октомври.
„Не е доволно да се продолжат хуманитарните паузи, а во исто време да се работи на сеопфатно политичко решение за сите палестински територии“, додаде тој.
Според Министерството за здравство на Газа, најмалку 193 Палестинци се убиени, а 652 се ранети од петокот во израелските воздушни напади.