Европа
Болниците во Шангај одбиваат да лекуваат други пациенти поради коронавирусот: „Ова е нехумано“

Болниците во Шангај одбиваат да лекуваат други пациенти поради коронавирусот, пренесуваат медиумите во светот. Според нивните написи, жителите се жалеле дека таквата постапка е нехумана.
Истите пренесуваат приказни на засегнати грѓани. Жи Руилинг од Шангај страда од силни болки од 17 март. Тој има рак на желудникот во доцна фаза, а неговата болница одби да го лекува бидејќи населбата во која живее е ставена во карантин поради неколку случаи на Ковид-19.
“Ја молевме болницата да го прими. Во еден момент татко ми почувствува толку голема болка што сакаше да си го одземе животот. Што да правиме? Ве молиме помогнете ни да ја информираме централната влада”, изјавил член на неговото семејство за The Guardian.
Луо Руиксианг од Кина има 39 години и работи во Република Конго и имал слично искуство. Во март, тој одлетал во родниот Шангај со надеж дека ќе добие третман откако го повреди левото око. По слетувањето во Шангај, тој го известил хотелот и цариниците за неговите медицински потреби, но повеќе од една недела не добил вести. Тој вели дека бил загрижен дека ќе ослепи додека чека да заврши карантинот.
Во очај, отишол на социјалната мрежа Веибо за да побара помош. Набрзо бил контактиран од тамошните медиуми, па лекарската помош веднаш пристигнала. Тој вели дека операцијата била успешна и додава дека добивањето лекарска помош не треба да биде толку комплицирано.
Епидемијата на омикрон во Шангај е најголемиот тест за политиката на Кина. Во понеделникот, здравствените власти пријавија 8.581 асимптоматски случаи и 425 симптоматски случаи во последните 24 часа. Иако бројките се мали во споредба со земјите како САД и Обединетото Кралство, ова се најголемите бројки на заразени во Кина откако коронавирусот за прв пат беше пријавен во Вухан кон крајот на 2019 година.
Кинеските критичари велат дека Шангај, еден од најсофистицираните градови во Кина, требало да биде подобро подготвен. Чен Кси, експерт за јавно здравје од Факултетот за јавно здравје Јеил, вели дека и вирусот и луѓето се менуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Објавена снимка од предавањето на украинските борци од „Азовстал“

Руското Министерство за одбрана соопшти дека по предавањето на последните украински војници целосно ја ослободило фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол. Објавено е и видео на кое се гледа предавањето на последните украински борци од „Азовстал“.
На видеото се гледа како руски војници ги проверуваат украинските борци. Некои од борците ги покажаа своите тетоважи пред камера на барање на руските војници.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенко изјави дека 2.439 украински припадници на одбраната се предале во фабриката за челик „Азовстал“ од 16 мај, oд кои последните 500 во петокот.
Европа
Британска министерка: Мора и Молдавија да ја опремиме со модерно оружје, амбициите на Путин не запираат

Лиз Трас, британската министерка за надворешни работи, откри дека Велика Британија започнала разговори со своите меѓународни сојузници за испраќање модерно оружје во Молдавија за да ја заштити од Русија.
Таа рече дека земјата, која се наоѓа југозападно од Украина, сака да биде опремена според стандардите на НАТО.
Молдавија во моментот не е членка на НАТО и постои загриженост дека земјата би можела да биде идна цел на Путин, по конфликтот во Украина.
„Путин беше целосно јасен за неговите амбиции да создаде голема Русија – и само затоа што неговите обиди да го заземе Киев беа неуспешни, не значи дека тој ги напушти таквите амбиции“, рече Трас за „Телеграф“.
Европа
Москва ги стави Каспаров и Ходорковски на списокот на странски агенти

Поранешниот светски шампион во шах, Гари Каспаров и олигархот Михаил Ходорковски, двајца противници на рускиот претседател Владимир Путин во егзил, денеска се ставени на списокот на „странски агенти“ во Русија, соопшти руското Министерство за правда.
Терминот „странски агент“, налик на етикетата „непријател на народот“ од советската ера, нашироко се користи во Русија против опозиционерите, новинарите и активистите за човекови права обвинети дека спроведуваат политички активности финансирани во странство.
Со назначувањето за странски агент, едно лице или ентитет подлежи на голем број ограничувања и процедури под закана од строги казни. Меѓудругото, тие треба да го наведат статусот на сите свои објави.
Во ажурираниот список објавен на веб-страницата на министерството се наведува дека Михаил Ходорковски (58) и Гари Каспаров (59) имаат извори во Украина за да ги финансираат своите активности.
Каспаров долго време му се противи на Владимир Путин и речиси десет години живее во егзил во САД. Ходорковски беше еден од најмоќните руски бизнисмени во текот на 90-тите пред да му се спротивстави на Кремљ кога Путин дојде на власт во 2000 година. Тој мина десет години во затвор, меѓу 2003 и 2013 година и оттогаш живее во егзил. Со години ја финансираше опозициската организација Отворена Русија, која се самораспушти во мај 2021 година поради растечките репресии во земјата.