Европа
Борел: Ги исцрпивме воените резерви поради војната во Украина

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во неделата изјави дека војната во Украина тектонски го променила европскиот безбедносен пејзаж нагласувајќи дека ЕУ треба да преземе поголема одговорност за својата безбедност.
„Исцрпените резерви, кои се резултат на воената поддршка што ѝ ја дадовме на Украина, се најочигледен пример за нашите недостатоци. Како и да е, ова се надоврзува на оние наследени од минатите буџетски кратења и недоволните инвестиции“, напиша тој на блог, пренесуваат медиумите.
Борел тврдеше дека одбранбените капацитети и воените трошоци на ЕУ не се во согласност со оние за кои тој тврди дека на блокот му се потребни за да се спротивстави на безбедносните закани.
„Од 1999 до 2021 година комбинираните трошоци за одбрана на ЕУ се зголемија 20 отсто во споредба со 66 отсто за САД, 292 отсто за Русија и 592 отсто за Кина. Се разбира, треба да се земе предвид почетното ниво на воени капацитети, но овие бројки покажуваат многу разни трендови“, рече тој.
Тој понатаму тврди дека ЕУ треба да ги зголеми воените трошоци за да си дозволи модерни и интероперативни вооружени сили. Тој исто така нагласи дека Брисел треба да ги надополни своите резерви и предложи блокот да ги зголеми своите воени капацитети во следните пет години, главно воздушната, сајбер и вселенската одбрана.
На долг рок, тврди Борел, членките на ЕУ мора да се фокусираат на заеднички набавки и изградба на оружје, како што се големи борбени тенкови, напредни средства против пристап/негирање и опрема за подигање на свеста за просторот.
Од почетокот на војната Соединетите Американски Држави распоредија повеќе од 100.000 свои војници во земјите членки на НАТО, а Европската Унија се приклучи испраќајќи оружје и опрема во вредност од 500 милиони долари во Киев.
Германија размислуваше да ѝ даде оклопни возила на Словенија во замена за испраќање советски тенкови „Т-72“ во Украина во светлината на зголемениот притисок врз Берлин да достави повеќе оружје во Киев додека се развива војната во земјата, објавија германските медиуми во четвртокот.
Според договорот за размена, Германија ќе му испрати пешадиски борбени возила „Мардер“ и оклопни транспортери „Фукс“ на својот источен партнер во НАТО, соопшти германската „Н-ТВ“.
За возврат, Словенија побара посовремена опрема вклучувајќи оклопни возила Пума и Боксер и борбени тенкови „Леопард 2“.
По овие извештаи, „Вашингтон пост“ објави дека Москва испратила официјална дипломатска нота до САД, во која предупредува дека пратките со оружје од Вашингтон и Брисел долеваат масло на огнот на војната во Украина нагласувајќи дека ова прашање може да има непредвидливи последици , пренесуваат светските агенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Џонсон не планира да поднесе оставка: Во тешки околности, работата треба да продолжи

Британскиот премиер Борис Џонсон најави дека ќе се бори да остане на власт и покрај зголемените повици да се повлече.
Позицијата на Џонсон ја разнишаа низа оставки од колеги и министри кои сметаат дека тој не е добар премиер. На неделниот распит на премиерот во парламентот пристигна со борбен став.
По оставката на повеќе од 20 функционери, некои претставници сметаат дека Џонсон не може да ги пополни тие позиции во време кога се повикува владата да одговори на растот на трошоците за живот и да ја поддржи економијата чиј раст забавува и е загрозен со рецесија. Неговата судбина би можела да биде решена најрано во среда, кога таканаречениот Комитет 1922 ќе се состане за да ги утврди правилата за гласање доверба. Портпаролот на Џонсон рече дека Џонсон верува дека ќе преживее такво гласање.
„Работата на премиерот во тешки околности е да продолжи да работи“, рече Џонсон. Претходно, тој се обиде да го покаже својот авторитет со брзо назначување на Надим Захави, популарен политичар во Конзервативната партија, кој е заслужен за брзата набавка на вакцината „Ковид-19“, за министер за финансии.
Но, настапот на Џонсон во парламентот наиде на брутален одговор, пишува Ројтерс. Тешката позиција во која се наоѓа се покажа кога некои негови колеги од власта не успеаја да се воздржат од смеење додека лидерот на опозицијата му кажа дека е лидер на „лесната бригада“.
Џонсон беше прашан за неговата оставка од тројца членови на неговата партија.
Го нападна и поранешниот министер за здравство Саџид Џавид, наведувајќи ги сите афери и гафови. „Во одреден момент треба да одлучиме дека е премногу. Тој момент е денес“, рече Џавид. Според анкетата на YouGov, 69 отсто од Британците се согласуваат со поранешниот министер.
Европа
Владата на Орбан нема да испраќа оружје за Украина

Унгарскиот шеф на дипломатијата, Петер Сијарто, во разговор за CNN ја брани одлуката на владата на Виктор Орбан да продолжи да купува руски енергенти, но и да не испраќа оружје во Украина.
Унгарскиот шеф на дипломатијата рече дека обидот за замена на руски енергенти со некои други „вклучува префрлање трошоци за унгарскиот народ“.
За одлуката да не ѝ праќаат оружје на Украина, Сијарто рече дека Унгарија „не сака да ризикува руски напад на 150.000 Унгарци кои живеат на западот на Украина“.
„За нас главна цел е да не се мешаме во оваа војна“, рече Сијарто.
Европа
Украинско обвинителство: Русите убиja најмалку 340 деца

Најмалку 340 деца се убиени во руските напади врз Украина, објавија од кабинетот на главната украинска обвинителка.
Од почетокот на војната на 24 февруари година досега се повредени 645 деца, се наведува во соопштението.
„Овие бројки не се конечни и Обвинителството работи на утврдување на точната бројка на самото место на случувањата. Поголемиот дел од овие бројки се однесуваат за регионот на Донбас, па следуваат регионот на Харков и Киев. Голем број жртви се потврдени во Чернихив, Миколаев и Запорожје“, се наведува во соопштението.