Свет
Бразилскиот претседател на интензивна нега по итната операција на мозокот
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва се опоравува на интензивна нега по итна операција.
Во соопштението на болницата се наведува дека Лула бил опериран откако при магнетна резонанца било откриено мозочно крварење, пренесува Гардијан.
Во соопштението од болницата во Сао Паоло, објавено на социјалните мрежи на Лула рано во вторникот, се вели дека операцијата поминала „без компликации“. Предводникот на бразилската левица беше под опсервација по краниотомија и беше „добро“.
Британскиот NHS наведува дека краниотомијата е хируршка интервенција при која неврохирург привремено отстранува дел од черепот за да отстрани хематом. Таквата операција обично се изведува под општа анестезија, пренесуваат светските медиуми.
Болницата го припиша крварењето на несреќата што ја имаше Лула во неговиот дом во октомври, кога се туширал во палатата Алворада, официјалната претседателска резиденција во Бразилија. Несреќата, според написите, го принуди Лула да го откаже патувањето на самитот Брикс во Русија и му остави неколку конци.
Лула беше примен во болница во Бразилија во понеделникот вечерта откако се пожали на главоболка. Откако беше откриено дека крвари, тој беше префрлен на 1.000 километри јужно во една од најдобрите бразилски болници во Сао Паоло.
Весникот О Глобо пишува дека Лула во понеделникот околу 23 часот пристигнал во Сао Паоло бидејќи попладнето не се чувствувал добро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Отров за стаорци во бебешка храна: Австрија со итно предупредување, се повлекуваат производи
Во Австрија е пронајдена прва тегла бебешка храна од брендот „Хип“ во која е потврдено присуство на отров за стаорци, по што полицијата издаде итно предупредување. Властите стравуваат дека контаминирани производи можеби се пуштени во продажба, а случајот е поврзан со уцена на производителот, јави „Хојте.ат“.
Контаминираната тегла, со вкус „морков и компир“, била пронајдена во Бургенланд и не била консумирана. Лабораториска анализа потврдила присуство на отров, а слични сомнителни производи се пријавени и во Чешка и Словачка.
Полицијата ги повика родителите да бидат внимателни и да не отвораат ниту да даваат на деца сомнителни производи. Како знаци за сомнеж се наведуваат оштетено пакување, недостиг на вакуумски затворач или необичен мирис.
Трговскиот ланец „Шпар Австрија“ превентивно ги повлече сите производи на „Хип“ од продажба и ги повика купувачите да ги вратат, со можност за рефундација и без сметка.
Свет
„Го вовлече Трамп во конфликт со Иран“: Харис со остра критика до Нетанјаху
Во говор на настан во Детроит, во американската сојузна држава Мичиген, поранешната кандидатка за претседателка на САД, Камала Харис изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го вовлекол Доналд Трамп во конфликт со Иран.
Таа ја нарече администрацијата на Трамп „најкорумпираната во историјата на САД“, пренесе Фокс њуз.
Свет
Русија подготвена да го отстрани збогатениот ураниум од Иран
Една од клучните точки на несогласување меѓу САД и Иран се однесува на ураниумот.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран ќе го предаде својот збогатен ураниум, кој потоа ќе биде префрлен во САД. Сепак, заменик-министерот за надворешни работи на Иран ја отфрли изјавата на американскиот претседател како „неприфатлива“.
Директорот на руската државна компанија за нуклеарна енергија „Росатом“ изјави дека компанијата е подготвена да помогне во отстранувањето на збогатениот ураниум од Иран. Алексеј Лихачов посочи дека „Росатом“ внимателно го следи напредокот на мировните преговори меѓу САД и Иран.
