Свет
Британска студија: Веројатноста невакцинираните да умрат од Ковид-19 е 32 пати поголема во споредба со вакцинираните

Веројатноста невакцинираните луѓе да умрат од Ковид-19 е 32 пати поголема во споредба со луѓето вакцинирани со две дози, покажаа резултатите од новата британска студија.
„Стапката на смртност од Ковид-19 е значително помала кај оние што се вакцинирани со две дози во споредба со оние што се вакцинирани со една доза или воопшто не се вакцинирани“, соопшти Британското национално биро за статистика (ONS).
Во истражувањето и анализата на ONS биле користени стапките на смртност приспособени според возраста, кои ги земаат предвид разликите во возраста и бројот на членовите на возрасните групи за да се добие валидна споредба на разни вакцинирани и невакцинирани групи.
Резултатите покажале дека во периодот од 2 јануари до 21 септември годинава стапката на смртност кај невакцинираните била 849,7 на 100.000 жители, јавуваат англиските медиуми.
Меѓу вакцинираните со две дози стапката била само 26,2 на 100.000 луѓе, а за оние што биле вакцинирани со една доза стапката била 105,3.
„Ова се убедливо најдобри достапни податоци за ефикасноста на вакцините и спречување на најтешките исходи од Ковид-19“, вели д-р Питер Инглиш, поранешен советник на националното тело за контрола на заразните болести.
Тој додаде дека вакцините не се 100 % ефективни, па некои ќе се заразат или ќе умрат иако се вакцинирани.
„Но, важна порака од ова истражување е дека вакцината е многу ефикасна против смртта од Ковид-19. Имате 32 пати помали шанси да умрете од ефектите на Ковид-19 ако сте вакцинирани, а една доза ви дава одредено ниво на заштита, иако не како заштитата од две дози“, истакна тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Екстремни турбуленции на лет до Португалија – има повредени, храната е расфрлана насекаде

Силни турбуленции пред неколку дена предизвикале хаос на летот од Ангола до Португалија, при што има најмалку десет повредени лица.
Видеата и фотографии направени од патниците во авионот покажуваат како оброците, послужавниците и пластичниот прибор за јадење е расфрлан на подот во леталото, за време на летот од Луанда до Лисабон.
Дамки од храна и пијалоци може да се видат низ целата кабина.
Медиумите во Португалија објавија дека најмалку десет лица, вклучително и двајца членови на екипажот, се повредени на летот „Хај Флај“ со кој управува ТААГ Ангола ерлајнс.
„Ангола ерлајнс“ се правда дека неповолните атмосферски услови ги предизвикале турбуленциите, кои наводно почнале додека авионот летал над Демократска Република Конго.
На осум патници им била потребна лекарска помош, а на еден од повредените помош му укажал лекар кој бил во авионот.
Во соопштението на авиопревозникот се наведува дека екипа на итната помош и медицински тим биле испратени на аеродромот во Лисабон, каде што авионот слетал во 20.37 часот, седум часа и 18 минути по полетувањето.
Португалските медиуми објавија дека многу од патниците покажале симптоми на анксиозност.
Европската Унија им забрани на авионите на ТААГ да влезат во европскиот воздушен простор во јули 2007 година поради безбедносни причини.
Забраната беше целосно укината во април 2019 година, по голем број законски олеснувања низ годините.
Европа
Голем шумски пожар во Шпанија, евакуирани над 1.500 лица

Голем шумски пожар избувна во четвртокот на истокот на Шпанија во Вилануева де Вивер, во провинцијата Кастелон, недалеку од Валенсија.
Опустоши околу 4.000 хектари шума, а од загрозената област беа евакуирани околу 1.500 луѓе.
Повеќе од 500 пожарникари, поддржани од 20 авиони и хеликоптери, се распоредени за да го стават огнот под контрола во близина на селото Вилануева де Вивер, соопшти денеска шпанската служба за итни случаи, пренесува Ројтерс.
Во соопштението се наведува дека пожарникарите успеале да спречат пожарот да се прошири и на други подрачја. Властите објавија дека се истражуваат причините за пожарот, објави шпанскиот весник „Ел Паис“.
Свет
Кубанците денеска излегуваат на избори

Кубанците почнаа да гласаат за ново свикување на Националното собрание во следните пет години на избори каде што нема изненадувања бидејќи има 470 кандидати за 470 пратенички места, но одлучувачки фактор ќе биде излезноста, која во последно време се намалува.
Осум милиони гласачи беа поканети да изберат 470 кандидати – 263 жени и 207 мажи – главно членови на Кубанската комунистичка партија (ПЦЦ, единствената партија во земјата) за 470 места во Националното собрание.
Избирачките места се затвораат во 18:00 часот (24 часот по средноевропско време). Излегувањето на гласање во Куба не е задолжително. Гласачите можат да го заокружат името на еден или повеќе кандидати во изборната единица или да заокружат „избери ги сите кандидати“, што значи сите 470 кандидати.
Половина од кандидатите беа назначени од досегашните претставници, а останатите од советите на општините. Меѓу кандидатите се претседателот Мигел Дијаз-Канел (62) и поранешниот лидер Раул Кастро (91).
Изборите се одржуваат во време кога Куба минува низ својата најтешка економска криза во последниве повеќе од 30 години, со галопирачка инфлација и невиден бран на миграција, погодени од пандемијата, заострувањето на американското ембарго и структурните слабости на домашната економија.