Свет
Британците по „грешка“ ослободиле осуденик од Албанија кој илегално влегол во земјата

Еден од десетиците мигранти во Велика Британија, кои беа обвинети за нелегална миграција, а потоа ослободени поради технички пропуст, е наводно осуден убиец во неговата родна Албанија, пишува „Тајмс“.
Во ноември британските власти пресретнале рибарски брод крај брегот на Сафолк, наоѓајќи на бродот и апсејќи 69 Албанци. „Тајмс“ минатата недела откри дека Кралското обвинителство (КПС) ги отфрлило обвиненијата против сите нив поради технички пропуст: апсењата биле извршени пред мигрантите да стапнат на британско тло. Десет од илегалците веќе се изјасниле за виновни и ги почнале осумнеделните затворски казни.
„Дејли експрес“ тврди дека еден од оние на кои им била поништена казната бил осуден убиец, за кого велат дека во 1997 година убил жена пред нејзината осумгодишна ќерка. Таблоидот известува дека поради тогашните внатрешни политички превирања во Албанија, властите не го испитале целосно случајот. Албанските обвинители го обвиниле човекот во 2006 година. Тој првично бил прогласен за невин во 2008 година, но потоа бил прогласен за виновен следната година во Апелациониот суд и осуден на 15 години затвор со максимално обезбедување.
Реагирајќи на веста, Алп Мехмет, претседател на „Мајгрејшн воч УК“, рече: „За жал, овие настани се чини дека покажуваат оти интересите и безбедноста на јавноста што го почитува законот се помалку важни од дискутабилните права на оние кои треба да бидат отстранети поради страшни злосторства“.
Според весникот, Албанецот е во притворен центар и чека да биде депортиран. Не е познато дали поднел барање за азил. Минатата недела владата рече дека откако Велика Британија ќе ги напушти правилата и прописите на ЕУ на 1 јануари, ќе им забрани на мигрантите пресретнати на море да бараат азил.
Според Договорот од Даблин, Велика Британија може да ги отфрли барањата за азил ако мигрантот поминал низ безбедни земји – како што се Франција или Белгија – пред да пристигне во Велика Британија.
Сепак, тоа не се однесува на британските територијални води, каде мигрантите кои тврдат дека имаат потреба од спасување можат да бидат земени од крајбрежната стража или од граничните сили на Велика Британија и да не бидат обвинети за нелегален влез. Или во случајот со 69-те Албанци, да не бидат обвинети затоа што биле пресретнати пред да стапнат на британско тло.
Во декември беше објавено дека депортацијата на еден турски дилер на дрога е запрена со образложение дека враќањето во неговата матична земја – и самата членка на НАТО и апликант за членство во ЕУ – претставува кршење на неговите човекови права, бидејќи неговиот живот бил изложен на ризик поради неговиот криминал и врските со курдскиот сепаратизам.
Нелегалното пристигнување во Британија со чамци преку Ла Манш годинава се искачи на 8.500 илегалци – повеќе од четири пати повеќе од 2019 година – што резултираше во пренамена на армиските касарни во отворени мигрантски логори.
Во неделата беше откриено дека околу осум наводни баратели на азил ги напуштиле објектите без да остават адреса. Лидерот на брегзит, Најџел Фараж, ги критикуваше отворените центри на владата како опасни и закана за националната безбедност.
„Факт е дека секој може нелегално да дојде во Велика Британија, а потоа да побегне. Дека тие можат да го сторат тоа од армиските логори, сигурен сум дека повеќето луѓе ќе сфатат дека тоа не е само смешно, туку и потенцијално многу опасно. Франција во моментот ефективно ги затвора своите граници поради стравот од тероризам и мислам дека ова е прашање на национална безбедност“, рече Фараж.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Во Чешка потврден новиот вид на коронавирус

Чешка пријави случаи на новиот позаразен вид на коронавирус кој првпат беше откриен во Велика Британија, објави Националниот институт за јавно здравје.
Портпаролката најави дека повеќе информации ќе бидат објавени утре.
Чешка, во која живеат 10,7 милиони жители, е една од најтешко погодените земји од коронавирус во светот досега, со 14.449 смртни случаи и над 150 смртни случаи на ден во повеќето денови од овој месец.
Научниците сметаат дека откриениот вид во Велика Британија е позаразен, што значи поголем притисок врз здравствениот систем, но дека не предизвикува посериозно заболување.
Регион
Судот му определи притвор на Мирослав Мика Алексиќ

Судот му определи притвор на српскиот режисер, сценарист и учител по глума Мирослав Мика Алексиќ кој попладнево беше сослушан пред Вишото јавно обвинителство. Тој ги негирал обвиненијата за силување поднесени од српската актерка Милена Радуловиќ и други негови ученички во школата за глума.
Тој е обвинет за осум кривични дела силување и седум кривични дела сексуално вознемирување извршени во периодот од 2008 до 2020 година.
Осомничен е за силување и сексуално вознемирување на шест женски лица, а некои од нив во времето на извршување на кривичното дело биле малолетни.
На Алексиќ му се заканува казна затвор од 15 години.
Свет
САД: Кина да им овозможи послободен пристап на истражителите на СЗО

САД бараат Кина да му дозволи на истражниот тим на Светската здравствена организација (СЗО) да има контакти во Вухан со медицински работници, поранешни пациенти и лабораториски персонал, како и пристап до медицински податоци и примероци.
Официјалниот претставник на Министерството за здравство на САД, Герет Григсби, рече пред извршниот одбор на СЗО дека Кина треба да обезбеди научни студии со податоци од примероци од животни, луѓе и животна средина собрани во Вухан, каде се верува дека избувна епидемијата на коронавирус, пренесува Ројтерс
Претставник на Кина пред извршниот одбор на СЗО рече дека политичките притисоци мора да престанат, бидејќи истражувањето за природата на вирусот е научна работа што бара координација и соработка.
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија1 месец
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија4 недели
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира