Свет
Бројни повици за мир и активности во Јужна Кореја на третата годишнина од WARP Самитот

Во моменти кога нуклеарните закани од страна на Северна Кореја стануваат се посилни, третата годишнина од WARP (Светската алијанса на религии за мир) Самитот во Сеул донесе огромен спектакл и зацврстување на мировните и демократски вредности.
Настанот кој се одбележа во јужнокорејската престолнина во периодот од 17-ти до 20-ти септември донесе огромен број на мировни активности во кои учествуваа преку илјада поранешни претседатели, меѓународни правни експерти и сегашни министри, религиозни лидери, женски лидери и младински претставници од 130 земји.
Во организација на јужнокорејската невладина организација “Небесна култура, светски мир“ (HWPL), централниот настан, односно мировниот фестивал беше одржан на фудбалскиот стадион во градот Хвасонг, каде имаше повеќе од 100 илјади гледачи и учесници во спектаклот посветен на ставањето крај на војните и светскиот мир.
Во своето обраќање по повод мировниот фестивал, претседателот на HWPL и светски познат јужнокорејски мировен активист, Ман Хи Ли порача дека начинот да се постигне светски мир е само преку поддршката за Декларацијата за мир и ставање крај на војните.
“Кој треба да го заштити светот? Тоа сме ние, глобалното семејство. Нити богатството, нити моќта не можат да бидат оставени како наследство, доколку не успееме да ги спречиме војните“, порача Ли, повикувајќи ги светските лидери и религиски лидери да дадат поддршка за Декларацијата за мир и ставање крај на војните.
Ли се осврна и на состојбата со Северна Кореја, потенцирајќи дека и покрај бројните препреки направени од страна на Пјонгјанг, неговата организација продолжува со мировните активности. „Северна Кореја досега направи шест нуклеарни тестови. И покрај тоа, HWPL продолжи со мировните активности, надминувајќи ги различните националности, народности и религии. Мораме да соработуваме заедно во овие мировни иницијативи за да ја постигнеме целта, а тоа е ултимативниот мир“, додаде тој.
Претседателката на Меѓународната група на жени за мир (IWPG), Нам Хи Ким, пак, истакна дека во моментов е потребно сите светски лидери да се обединат и да ја дадат поддршка за оваа Декларација, изработена од правни експерти ширум светот под покровителство на HWPL, и која нуди доста реални решенија за постигнување на светскиот мир.
“Веќе го знаеме решението, односно одговорот за постигнувањето на мирот, и доколку не реагираме, тогаш што ќе му се случи на овој свет? Нашиот избор може да го промени светот. Мораме да се обединиме и на светот да му го покажеме силното влијание коешто може да го направи мирот. Сите треба да ја поддржиме имплементацијата на меѓународниот закон со цел да ги заштитиме нашите деца од насилствата и агресиите.“, изјави Нам Хи Ким.
На настанот учествуваа и бројни претставници од балканските земји, а еден од нив беше и поранешниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ, кој исто така повика на масовна поддршка за Декларацијата за мир и ставање крај на војните. “Сите ние, собрани преку HWPL, како и сите останати, треба да бидеме гласници на мирот во нашите заедници, нации и потоа во светот. Војните и ужасите постојано му се закануваат на човештвото, но и покрај тоа јас сум оптимист и верувам во мир кој ќе трае засекогаш “, рече Јосиповиќ.
Еден од најважните моменти во тридневниот настан беше кореографијата која се одржа за време на мировниот фестивал на фудбалскиот стадион во градот Хвасонг, подготвена од скоро 12 илјади членови на јужнокорејската невладина организацијата, а за која подготовките траеја неполни пет месеци.
Нивниот перформанс беше поделен на три дела: најпрво претставувањето на историја и ужасите од светските војни, потоа мировните активности на HWPL и на крајот мировното обединување на двете Кореи. Тридневниот настан во јужнокорејската престолнина донесе и бројни форуми и работилници посветени на кои учествуваа бројни претставници од владините, религиозните и граѓанските организации, а чии резултати беа претставени на затворањето на настанот.
Една од најважните теми на која светските лидери дискутираа за време на самитот беше воспоставувањето на концептот на “заедничко владеење“ при постигнувањето на мирот, како и спроведувањето на бројни мировни проекти во различни општествени сектори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Сопругата на хрватскиот претседател вршела притисок да му ги поправат оценките на син ѝ

Хрватското Министерство за образование и наука отвори инспекциска постапка во училиштето во кое учи синот на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ откога неговата сопруга, како што тврди „Јутарњи лист“, извршила притисок врз директорот на училиштето да му ги смени веќе заклучените оценки на син ѝ, и тоа од четворки во петки.
Според весникот, Сања Мусиќ-Милановиќ на 24 јуни испратила имејл до директорот на училиштето на син ѝ, класниот раководител и до училишниот психолог наведувајќи ги неправилностите во наставата по математика како причина за промената на оценките.
Ова предизвика бран реакции во медиумите поради наводниот притисок на сопругата на претседателот да му ги зголеми оценките на синот, така што просекот на сите негови оценки би бил пет, пренесуваат хрватските медиуми.
Според „Хина“, Милановиќ денеска изјавил дека не знаел за писмото на сопругата до училиштето и дека тој немало да го напише. Милановиќ исто така ја нападнал и компанијата „Ханза медија“, сопственик на „Јутарњи лист“, поради објавување напис на оваа тема.
„Не знаев. И јас не би бранел нешто само затоа што жена ми го направила. Кога се занимаваш со ваква работа, тоа всушност ништо не значи, но, според мене, тука е многу помалку важно од начинот на кој криминалната организација „Ханза медија“ ја подготвила“, рече Милановиќ.
Тој додаде дека со тоа писмо неговата сопруга оставила „бразда длабока три метри“.
„Да ми го направеше тоа мајка ми кога имав 17,5 години, ќе полудев“, изјави Милановиќ. „ Но, мама е мама, сега мама остави пишан белег“, рече Милановиќ.
Хрватскиот претседател смета и дека цел на текстот во весникот не е неговата сопруга, туку лично тој.
Свет
Уште еден руски милијардер пронајден мртов во базен со прострелна рана во главата

Рускиот милионер Јуриј Воронов (61), шеф на логистичка компанија која имала профитабилни договори со „Газпром“ на Арктикот, е пронајден мртов во својот дом, во богатото предградие на Санкт Петербург.
Воронов вчера бил пронајден како лебди во базенот со прострелна рана во главата, а на дното од базенот биле пронајдени неколку патрони.
Рускиот истражен комитет ја истражува смртта на Воронов за која во моментот се сомневаат дека е предизвикана од спор со деловните партнери. Неговата сопруга наводно ѝ рекла на полицијата дека Воронов се жалел оти бил измамен од нечесни изведувачи и партнери за многу пари и дека неодамна почнал да пие многу.
Ова е само една во низата мистериозни смртни случаи на руски богаташи од почетокот на инвазијата на таа земја на Украина.
Александар Тулаков (61), висок функционер за финансии и осигурување на „Газпром“, беше пронајден мртов во својот дом во февруари. Инспекторите рекоа дека тој се самоубил, но локалните извештаи велат дека на неговото тело имало знаци на насилство, што укажува на тоа дека бесењето било наместено.
Три недели претходно 60-годишниот Леонид Шулман беше пронајден мртов, избоден во бањата. Шулман беше шеф на транспортот во „Газпром инвест“, филијала на енергетскиот гигант задолжен за инвестициски проекти.
Милијардерот Александар Суботин (43), поранешен висок функционер во енергетскиот гигант „Лукоил“, исто така беше пронајден мртов во мај. Една од теориите е дека тој бил отруен со отров што предизвикал срцев удар.
Свет
Кисинџер до Зеленски: Не сум го кажал тоа

Поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер негира дека некогаш тврдел оти Русија треба да ги задржи териториите за кои Украина смета дека се под нејзина јурисдикција.
Тој додаде дека критиките упатени кон неговите изјави се несоодветни.
„Во моментот Русија сè уште окупира 15 отсто од предвоената украинска територија. Таа мора да ѝ биде вратена на Украина пред да може да се воспостави значаен прекин на огнот“, рече поранешниот американски државен секретар во интервју за магазинот „Тајм“ објавено во неделата, пренесува „Раша тудеј“ на англиски.
Кисинџер смета дека Крим и делот од Донбас под контрола на проруските сили на Донецк и Луганск треба да бидат исклучени од равенката бидејќи тие се од големо значење за Русија надвор од сегашната криза.
„Јас не реков дека треба да се отстапи територијата. Јас само имплицирав дека треба да има посебен статус во сите преговори“, додаде тој.
Кисинџер предупредува на краен рок за мирно решение во Украина. 99-годишникот ги коментира забелешките што ги даде во мај за време на говорот во видеоврска на Светскиот економски форум во Давос. Тој повика мировните преговори меѓу Русија и Украина да почнат набргу и предупреди дека неуспехот на Западот да одговори на безбедносните интереси на Москва ќе го доближи до Кина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој во неколку наврати отфрли каков било исход, освен руски воен пораз како неприфатлив за неговата земја, го критикува Кисинџер за, како што рече, смирување на Русија. Украинскиот лидер го спореди државникот со архитектите на Минхенскиот договор од 1938 година – Обединетото Кралство и Франција – кои го отворија патот за инвазијата на нацистичка Германија врз Чехословачка.
По вооружениот пуч на „Мајдан“ во 2014 година, Крим гласаше да ја напушти Украина и да стане дел од Русија, што Москва го одобри. Двете републики во Донбас, пак, бараа широка автономија во рамките на Украина, но се фатија за оружје кога новите власти во Киев почнаа воена акција против нив. Русија ја наведе потребата да се заштити републиката од континуирани украински напади пред да почне сопствена офанзива против Украина во февруари.
Интервјуто на Кисинџер беше посветено на дискусијата за неговата нова книга за раководството на извонредните државници. Тој истражува шест случаи: повоениот западногермански канцелар Конрад Аденауер, францускиот претседател Шарл де Гол, египетскиот претседател Анвар Садат, премиерот на Сингапур Ли Куан Ју и британската премиерка Маргарет Тачер. Запрашан да го процени лидерството на Зеленски, Кисинџер ги повтори своите ставови дека човекот одиграл историска улога во освојувањето на претседателството на нацијата, која „нормално не би избирала некој како него поради неговото потекло“ – мислејќи дека тој е Евреин, како што е и самиот Кисинџер. Тој додаде дека „останува да се види дали може да го институционализира она што го почнал или тоа е влијание на исклучителна личност врз една многу драматична ситуација“.
„Тој не се изрази за тоа како ќе изгледа светот по војната со истата јасност и убедување со која ја води војната. Но, јас го сметам за голема фигура“, додаде Кисинџер.