Свет
„Вашингтон пост“ отпушта една третина од своите вработени
„Вашингтон пост“ отпушти околу една третина од своите вработени утрово, уште еден удар врз уредничкиот тим кој долго време е под притисок. Отпуштањата беа распределени низ речиси сите оддели на компанијата во сопственост на Џеф Безос, објави CNN.
Сопственикот на „Вашингтон пост“, Џеф Безос, сè уште не ги коментираше отпуштањата. Познато е дека Безос врши притисок врз менаџментот да го врати почитуваниот весник во профитабилност, но многу новинари го критикуваа неговиот пристап и ги доведоа во прашање неговите мотиви.
„Безос не се обидува да го спаси „Вашингтон пост“. Тој се обидува да го преживее Доналд Трамп“, рече Глен Кеслер, поранешен проверувач на факти од „Вашингтон пост“, во својата колумна претходно оваа недела. Безос и неговата компанија „Амазон“ имаат комплициран однос со администрацијата на Трамп, а претходно оваа недела Безос го угости министерот за одбрана Пит Хегсет во неговата ракетна компанија „Блу Ориџин“.
Вработените во „Вашингтон пост“ со недели се подготвуваа за масовните отпуштања. Утрово им беше кажано да „останат дома“ додека беа најавени отпуштањата.
Според извори на весникот, промените вклучуваат драстично намалување на градскиот дел, затворање на речиси целиот спортски дел, затворање на книжевниот дел и прекинување на дневниот подкаст „Пост рипортс“.
Меѓународното известување исто така е значително намалено, иако некои бироа надвор од САД ќе одржат „стратешко присуство во странство“, рече Мареј.
Деловното работење на компанијата исто така се намалува. Мареј рече дека „ова реструктуирање ќе помогне да се обезбеди нашата иднина во служба на нашата новинарска мисија и ќе ни обезбеди стабилност“, но многу вработени беа скептични.
Легендарниот поранешен извршен уредник на „Пост“, Марти Барон, кој се пензионираше во 2021 година, рече дека „ова е еден од најтемните денови во историјата на една од најголемите новински организации во светот“.
„Секако, имаше сериозни деловни проблеми што требаше да се решат. Никој не може да го негира тоа“, напиша Барон. Но, додаде тој, тие предизвици беа „бесконечно влошени од непромислените одлуки што дојдоа од самиот врв“.
фото/Depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Шест лица пронајдени мртви во Бугарија, истрагата ја разгледува и можноста за култ
Бугарските власти истражуваат смрт на шест лица поврзани со еколошка невладина организација, откако на почетокот на февруари беа пронајдени три тела во колиба во Петрохан, а неколку дена подоцна уште три во кампер во близина на врвот Околчица.
На брифинг во Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, полицијата соопшти дека според досегашните податоци, тројцата мажи – Ивајло Иванов, Дечо Василев и Пламен Статев – ја запалиле колибата во Петрохан, по што извршиле самоубиство.
До нивните тела биле пронајдени два пиштола и една пушка. Форензичките анализи покажале дека на оружјето има само ДНК од починатите лица. Прострелните рани биле нанесени од непосредна близина, а според судско-медицинските вештачења, повредите биле во домет на сопствената рака.
Полицијата прикажа и три видеоснимки од 1 февруари. На првата се гледа разделба меѓу шестмината, на втората се слушаат зборови на простување, а на третата се прикажува моментот на палење на колибата.
Во одделен случај, на 8 февруари, во кампер во близина на Околчица беа пронајдени телата на Ивајло Калушев, Николај Златков и 15-годишно момче. Во возилото биле пронајдени револвер и пиштол, а според полицијата, на телата немало знаци на борба.
Обвинителството соопшти дека двете главни верзии што се разгледуваат се убиство со последователно самоубиство или самоубиство.
Досега се нарачани 18 форензички вештачења, сослушани се 15 сведоци, а анализирани се и електронски уреди и видеоснимки. Истражителите ја следеле и патеката на камперот преку безбедносни камери во повеќе населени места.
Според полицијата, во колибата се практикувале духовни активности, вклучително и тибетски будизам, а се разгледува и можноста случајот да има карактеристики на затворена заедница или култ.
Истрагата продолжува.
Свет
ЕУ забранува уништување на непродадена облека и обувки
Европската комисија денеска усвои мерки со кои се спречува уништување на непродадена облека, модни додатоци и обувки, со цел да се поттикне рециклирањето и да се намалат штетите врз животната средина.
„Ова е уште еден чекор во промовирањето на кружната економија низ целата Европска Унија“, соопшти Комисијата.
Забраната за уништување на непродадена облека и обувки ќе биде задолжителна за големите компании од 19 јули оваа година, а за средните претпријатија од 2030 година.
Дополнително, постојните обврски за известување на големите компании за непродадената облека што се прогласува за отпад ќе се прошират и на средните компании до 2030 година.
Се проценува дека секоја година во Европа меѓу 4 и 9 проценти од непродадените текстилни производи се уништуваат пред воопшто да бидат облечени. Овој отпад создава околу 5,6 милиони тони емисии на CO₂, што е речиси еднакво на вкупните нето-емисии на Шведска во 2021 година.
Со Регулативата за еколошки дизајн на одржливи производи, која стапи во сила во јули 2024 година, се настојува значително да се подобри одржливоста на производите што се пласираат на пазарот на ЕУ, преку зголемување на нивната кружност, енергетска ефикасност, можност за рециклирање и трајност.
Со неа се бара од компаниите да објавуваат информации за непродадените производи за широка потрошувачка што ги отфрлаат како отпад. Исто така, се воведува забрана за уништување на непродадена облека, додатоци и обувки.
Свет
Провалил во куќа во Германија, си зготвил вечера и се капел во када, полицијата го привела
Полицијата во Германија добила пријава за провала, а на местото затекнала гол маж кој си подготвил вечера и се капел во кадата.
Провалникот си зготвил оброк и се искапалeл во куќа во која провалил, на балтичкиот остров Риген, соопшти германската полиција.
Соседот во неделата навечер ја алармирал полицијата во градот Ломе, откако забележал дека светлата се вклучени во неколку простории.
Од дворот, полицајците забележале маж како седи во кадата на горниот кат. Кога ги забележал, наводно излегол од бањата.
Полицијата го затекнала гол во куќата. За 25-годишникот е соопштено дека се однесувал агресивно и пружал отпор.
Тој бил приведен, а криминалистичката полиција обезбедила докази на местото на настанот.

