Свет
(Видео) Амазон ќе го прикаже делот од царините заедно со цените, Трамп е бесен: „Непријателски чин“

Белата куќа денес остро го нападна Амазон поради неговиот план на својата веб-страница, покрај вкупната цена на производот, да го прикаже и износот на царините што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп.
„Ова е непријателски и политички чин од страна на Амазон“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, пред новинарите, прашувајќи: „Зошто Амазон не го стори истото кога администрацијата на Бајден предизвика највисока стапка на инфлација во последните 40 години?“
„Ова е уште една причина зошто Американците треба да купуваат американски производи“, додаде таа.
По нејзините забелешки, акциите на „Амазон“, гигантот за онлајн купување основан од Џеф Безос, паднаа за повеќе од 2 проценти во претпазарното тргување.
Безос, еден од најбогатите луѓе во светот, е познат и по тоа што е сопственик на „Вашингтон пост“ и по тоа што беше меѓу гостите на инаугурацијата на Доналд Трамп во 2017 година, иако подоцна се скара со администрацијата на Трамп поради голем број политички прашања.
Амазон сè уште не ги коментираше изјавите на Белата куќа.
Администрацијата на Трамп одговори на медиумскиот извештај дека „Амазон“ планира јасно да им покаже на клиентите колку царините влијаат врз цената на поединечните производи. Според луѓе запознаени со планот, таа сума ќе биде прикажана веднаш до вкупната цена на производот.
На прес-конференција, еден новинар ги праша Ливит и секретарот за финансии Скот Бесент дали се согласуваат дека потегот на „Амазон“ јасно покажува дека царините не ги плаќа Кина, туку американските потрошувачи. Ливит го презеде одговорот, нагласувајќи дека „штотуку разговарала со претседателот за најавата на Амазон“.
Амазон не е првиот трговец кој им укажува на потрошувачите на влијанието на новите тарифи врз цените. Кинеските „Шеин“ и „Тему“ исто така воведоа значителни дополнителни трошоци во последните денови. На пример, „Тему“ сега јасно ја прикажува „увозната давачка“ при пресметување на вкупната цена, која може да изнесува околу 145 проценти за одредени артикли.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
40 ранети во Израел, двајца критично

Вкупно 40 лица побарале медицинска помош по вечерашниот ирански ракетен напад врз Израел, соопштија локалните здравствени служби. Двајца од повредените се во критична состојба.
Најголем број пациенти се лекуваат во болницата Ичилов во Тел Авив – 18 лица.
Според лекарите, пријавените повреди вклучуваат рани од шрапнели, вдишување чад и состојба на шок.
Свет
Израелската војска: Иран истрела помалку од 100 балистички ракети, повеќето ги пресретнавме

Портпаролката на израелската војска, Ефи Дефрин, рече дека помалку од 100 балистички проектили биле истрелани од Иран кон Израел.
Дефрин рече дека „повеќето од ракетите биле пресретнати од воздушната одбрана или паднале пред да стигнат до израелска територија“.
„Регистрирани се ограничен број погодоци на згради, а дел од штетата е предизвикана од фрагменти од пресретнати проектили“, додаде тој.
Според израелските медицински служби, во нападот биле ранети 40 лица.
Свет
Нетанјаху: Ова е можност за иранскиот народ да се спротивстави на режимот

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва и порача на јавноста дека можат да ги напуштат засолништата, откако новиот бран ирански ракети прелета над израелска територија.
„Иранскиот режим никогаш не бил послаб. Ова е можност за иранскиот народ да се спротивстави на режимот“, рече Нетанјаху во вечерашното обраќање.
Тој директно им се обрати и на граѓаните на Иран: „Јас сум со вас, израелскиот народ е со вас“, рече тој.
Министерот за одбрана на Израел, Израел Кац изјави дека Иран „ја преминал црвената линија со лансирање ракети кон израелските цивилни области“ и најави: „Техеран ќе плати висока цена“.
Оваа иранска одмазда следеше по израелските воздушни напади на иранска територија, при што беа погодени нуклеарни постројки и беа убиени високи команданти и научници.