Свет
(Видео) Бајден се сопнал неколкупати додека се шетал со првата дама Џил на плажата во Делавер
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден, се сопнал неколкупати додека се шетал со првата дама Џил Бајден на песочната плажа во американската држава Делавер, објавија американските медиуми.
Бајден (81) се сопнал неколкупати, па дури била потребна и помош од првата дама додека шетал на песочната плажа во близина на неговиот дом во Делавер во неделата, според американската телевизиска мрежа CSPAN, објави „Њујорк тајмс“.
Joe Biden ha difficoltà a camminare sulla sabbia a Rehoboth Beach in Delaware. pic.twitter.com/gMIq46gekK
— Daniele Angrisani (@putino) November 11, 2024
Според написите, американскиот претседател во заминување изгубил рамнотежа неколкупати додека се движел по нестабилниот песок на плажата во неделата попладне.
Бајден потоа го забрзал своето темпо додека новинарите го прашувале што ќе разговара со новоизбраниот претседател Доналд Трамп на состанокот во Белата куќа во средата, а тој не одговорал на ниедно од прашањата на медиумите.
„Бајден моментно се бори со песокот во неговата куќа на плажата во Делавер. Песокот победува“, се вели во објавата на Х на Републиканскиот национален комитет.
Бајден се откажа од својата кандидатура за реизбор во јули по серијата критики за неговите ментални и физички способности и ја поддржа американската потпретседател Камала Харис да биде демократски претседателски кандидат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Аргентинскиот претседател доби италијанско државјанство
Италијанската влада му даде државјанство на аргентинскиот претседател Хавиер Милај врз основа на неговите италијански семејни корени, изјави добро информиран извор, потврдувајќи ги претходните извештаи на медиумите.
Хавиер Милај е во Рим за да се сретне со италијанската премиерка Џорџа Мелони и да учествува на божиќната прослава на Браќата на Италија во сабота.
Изворот рече дека владата му дала италијанско државјанство на аргентинскиот лидер, без да даде дополнителни детали.
Оваа вест во италијанските медиуми предизвика гневни реакции кај дел од политичарите, а на социјалните мрежи и од мигранти чии деца се родени во Италија, но не можат да добијат државјанство.
Законите за италијанско државјанство се засноваат на крвни врски, што значи дека дури и далечните потомци на италијански државјанин можат да добијат италијански пасош.
Законите за странците родени во Италија или оние кои мигрирале таму се многу построги. Промигрантските групи предложија референдум за олеснување на овие закони, но десничарската коалиција на Џорџа Мелони е против нивно олеснување.
Свет
Украинка осудена на 14 години затвор за велепредавство поради писмо до рускиот амбасадор во ОН
Украинскиот суд осуди жена обвинета за велепредавство на 14 години затвор затоа што напишала писмо до рускиот амбасадор во Обединетите Нации во кое ја оправдува руската инвазија на Украина, соопшти украинското обвинителство.
„Жителката на Киев, која напиша писмо до рускиот амбасадор во ОН за нејзината поддршка за (руската) „специјална операција“ е осудена на 14 години затвор за велепредавство“, објави обвинителството на Телеграм.
Рускиот амбасадор Василиј Небезија го спомна писмото во говорот на 28 февруари 2022 година, за да ја оправда руската инвазија на Украина која почна четири дена претходно.
Според обвинителството, обвинетата, поттикнатта од руското разузнавање, „напишала дека украинскиот народ ја поддржува таканаречената специјална операција на Руската Федерација во Украина, дека во Украина почнале грабежи, убиства и силувања и дека политичарите официјално повикуваат на „убиства на Руси“.
На почетокот на инвазијата, Русија тврдеше дека сака да ги заштити граѓаните што зборуваат руски во Украина и да ја демилитаризира и денацизира земјата.
Од почетокот на руската инвазија, Киев обвини стотици луѓе за соработка со Русија, првенствено оние кои предавале воени информации до руската армија и службеници од окупираните територии кои отишле да работат за властите инсталирани од Москва.
Свет
Пелоси се повреди на службено патување во Луксембург, хоспитализирана е
Поранешната претседателка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, беше повредена и хоспитализирана за време на нејзиното патување во Луксембург, изјави нејзиниот портпарол Иан Крагер.
Во соопштението, Крагер рече дека Пелоси заработила повреда за време на службената должност и била примен во болница за понатамошна евалуација.
Демократката од Калифорнија, според нејзиниот портпарол, добива одлична медицинска нега од лекарите и медицинскиот персонал и продолжува да работи и жали што не може да учествува во преостанатите ангажмани.
Пелоси се повлече од функцијата демократски лидер на Претставничкиот дом во 2023 година, откако републиканците ја вратија контролата врз Домот, но таа продолжува да има големо влијание во партијата. Таа двапати беше претседател на Претставничкиот дом и нашироко се смета за една од најефикасните поединци на таа позиција во модерната историја на Конгресот.