Свет
(Видео) „Имам барање до вас, испратете ми авиони Ф-35“: Пригожин со бизарна порака до реномираниот сајт
Евгениј Пригожин, шеф на озлогласената платеничка група „Вагнер“, побарал помош од порталот „Политико“ за опремување на неговата приватна армија со борбени авиони Ф-35.
Во саркастичната говорна пошта што ја испрати откако „Политико“ побара коментар, Пригожин побара помош и за набавка на американски снајперски пушки, митралези и фрлачи на гранати.
„Ве молам да разговарате со вашите контакти за да добиеме залихи, рече Пригожин, чии платеници се борат во Украина.
„Имам уште едно барање до вас. Значи: Ф-35. Ако е можно, како што разговаравме претходно, купете залихи преку Нов Зеланд. Можеби ќе треба да се наполни гориво на Хаваи, но навистина не гледам никаков проблем – продолжи Пригожин.
Изгледа дека пораката на Пригожин била наменета како шега: таа била испорачана со весел, ироничен тон кој бил во целосна спротивност со бесните тиради исполнети со експлозив што тој ги упатува кон раководството на руската војска поради проблемите со снабдувањето на нејзините сили, пишува „Политико“.
Весникот пишува дека до Пригожин дошле како дел од истрагата, при што биле пронајдени докази дека производителот на руската пушка „орсис Т-5000“ што ја користеле луѓето на Пригожин набавил муниција од американска компанија.
Изгледа дека Пригожин ги негираше таквите тврдења, велејќи дека Вагнер, чии војници неодамна го зазедоа градот Бахмут по крвава, повеќемесечна битка, имал „огромно количество муниција на НАТО оставено од украинските војници“.
Во видеото од две и пол минути објавено на каналот Телеграм, Пригожин исто така понуди да се сретне со Виктор Бут, рускиот трговец со оружје, кој беше ослободен од САД во декември минатата година во размена на затвореници за професионалната кошаркарка Бритни Грајнер.
„Сигурен сум дека многу добро го познавате Виктор Бут. Веќе разговарав со него – тој е подготвен да ги преземе сите испораки. Но, ќе претпоставиме дека вие ги претставувате САД во овој дијалог. Еве, ви ја подавам раката, многу ви благодарам за прашањата и се надевам дека ќе ми одговорите. Секако, контактирајте не за испораките на Ф-35 во приватна порака.
При разделбата Пригожин рекол: „Пријателе, целосно заборавив! Ако успееме да се договориме, јас лично ќе ви ја подарам мојата сопствена “орсис”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Политико: Европските дипломати во Вашингтон во неизвесност по новата стратегија на САД
Европските дипломати во Вашингтон се соочуваат со мрачна атмосфера и чувство дека трансатлантскиот сојуз, каков што постоеше по Втората светска војна, е сериозно нарушен под администрацијата на Доналд Трамп, пишува Политико.
По објавувањето на новата американска Стратегија за национална безбедност, која поранешниот шеф на европската дипломатија Жозеп Борел ја опиша како „политичка објава на војна“, европските претставници сѐ почесто чувствуваат отворен презир од Вашингтон. Според изјави на дипломати дадени под услов на анонимност, „Западниот сојуз е завршен“ и односите „никогаш нема да се вратат на старо“.
„По неколку божиќни забави во европските амбасади оваа недела, стана јасно дека атмосферата е прилично мрачна, какода го гледаат Гринч како им го краде Божиќ“, пишува Политико.
Политико наведува дека кај европските дипломати владее „психосоцијална дезориентација“ – чувство на губење на идентитет и сигурност, предизвикано од наглиот прекин со поредокот воспоставен по 1945 година. Иако дел од нив сè уште се надеваат дека ситуацијата ќе се нормализира со нов американски претседател, други признаваат дека Трамп ја принудува Европа да се соочи со сопствените слабости.
Новата американска надворешна политика, според текстот, повеќе не се темели на вредности и демократија, туку на принципот „што функционира за Америка“, што вклучува приближување кон авторитарни режими и избегнување критики кон земји како Русија, Кина и Иран.
Свет
Орбан: Одземањето на замрзнатиот руски имот значи објава на војна
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека плановите на Европската унија за користење на замрзнатиот руски имот претставуваат „објава на војна“ и носат сериозни ризици за европската економија.
Говорејќи на антивоен собир во Мохач, Орбан предупреди дека одземањето на 200 до 300 милијарди евра руски имот ќе има последици, вклучително и загрозување на довербата во еврото и потенцијален удар врз белгиската економија, каде што средствата се депонирани.
„Ќе се борам во Брисел, тие ја заобиколуваат Унгарија и посегнуваат по руски средства, тоа е објава на војна. Никогаш не сум видел дека земањето 200-300 милијарди евра средства нема никакви последици“, рече Орбан.
Тој ја обвини Европската унија дека ја водат тројца Германци кои, според него, ја туркаат Унијата во „слепа улица“.
Орбан повторно го истакна својот став дека војната во Украина ќе ја платат не само сегашните генерации, туку и идните, преку задолжување и економски притисоци, додавајќи дека Унгарија ќе се спротивстави на таквите политики во Брисел.
Фото: depositphotos
Регион
По три децении, Хрватска регистрира случај на лепра
Во Хрватска е потврден изолиран случај на лепра, хронична заразна болест позната уште од библиски времиња. Станува збор за странски работник, а надлежните институции уверуваат дека ситуацијата е под контрола и дека нема причина за паника, објави „Индекс“, повикувајќи се на Министерството за здравство.
Последниот регистриран случај на лепра во Хрватска бил во 1993 година.
Лепрата, позната и како губа, е хронична заразна болест предизвикана од бактеријата Mycobacterium leprae. Најчесто ги зафаќа кожата и периферните нерви, а доколку не се лекува, може да доведе до трајни оштетувања и инвалидитет. Иако со векови била симбол на стигма и изолација, денес лепрата успешно се лекува со комбинација од антибиотици и претставува излечива болест. Според податоците на Светската здравствена организација, повеќето заболени со навремено лекување можат да водат нормален живот без ризик за околината.
Ситуацијата е под контрола, смируваат надлежните
Пациентот со симптоми на лепра пред околу десет дена се јавил кај епидемиолозите во Сплит. Случајот го потврди и раководителот на Службата за епидемиологија на заразни болести при Хрватскиот завод за јавно здравје, Бернард Кајиќ.
„За ова не се зборуваше јавно затоа што случајот е навреме откриен. Човекот се лекува, неговите блиски контакти добија постекспозициска терапија, иако тие не се заразени. Сè е под контрола“, изјави Кајиќ.
Од Министерството за здравство појаснија дека станува збор за странски работник од Непал, кој со семејството живее во Хрватска веќе две години.
Болест што се лекува
Кајиќ објасни дека лепрата се манифестира со кожни промени и оштетувања на нервите, поради што пациентите губат осет или чувствуваат слабост. „Слично како и туберкулозата, која исто така е хронична болест, лепрата може да се излекува. Лекувањето трае од шест до дванаесет месеци со повеќе видови лекови. Не станува збор за нешто страшно“, нагласи тој.
Можни здравствени проверки за странски работници
Во Хрватска се подготвува регулатива, поттикната од ХЗЈЗ, со која странските работници би морале да приложат доказ за вакцинација за да добијат дозвола за работа. Станува збор за основни вакцини важни за колективниот имунитет, а се разгледува и воведување прегледи за болести кои не се присутни во земјата, со цел навремено откривање и спречување на нивно ширење.
За случајот зборуваше и Иван Пуљиз, раководител на Клиниката за инфективни болести „Д-р Фран Михаљевиќ“, кој истакна дека нема причина за загриженост кај граѓаните.
„Последниот случај во Хрватска бил пред повеќе од 30 години. Во текот на 20 век биле регистрирани околу 20 случаи“, изјави Пуљиз, додавајќи дека болеста повторно се појавува поради миграции од земји каде што лепрата сè уште е ендемска, како делови од Бразил, Индија, Индонезија и Демократска Република Конго.
Инкубацискиот период може да трае од половина година до 10 години, а понекогаш и подолго, поради што болеста не може однапред да се детектира кај лица кои доаѓаат од тие региони.
Нема опасност од ширење
Лекарите нагласуваат дека лепрата не е високо заразна болест. За пренос е потребен долготраен и близок контакт, најчесто во рамки на исто домаќинство. Не е потребна ниту посебна изолација, а терапијата брзо го намалува ризикот од заразување.
Случај и во Романија
Како што пренесува „Индекс“, во Романија неодамна е потврден прв случај на лепра по повеќе од 40 години. Заболена е жена од азиско потекло, вработена како масерка во спа-центар во Клуж-Напока, додека уште три лица се под медицински надзор. Објектот е привремено затворен, спроведена е дезинфекција и е започната епидемиолошка истрага. Последниот случај во Романија бил регистриран во 1981 година.
Фото: pexels

