Свет
(Видео) Маж пукал во толпа луѓе во центарот на Филаделфија – убиени тројца и над десет ранети

Три лица загинаа, а најмалку 13 се повредени во пукотница доцна синоќа во Филаделфија, соопштија властите.
Според информациите од некои медиуми, во престрелката загинале три лица, двајца мажи и една жена. Полициската управа во Филаделфија одговорила на извештаите за лице со пиштол во поголема група луѓе, објави телевизијата VPVI.
Полицаец успеал да види како маж пука во толпа луѓе во центарот на градот, а тој пукал и кон него со оружјето, но ниту еден полицаец не е повреден, соопшти полицијата, пренесува АП. Не е јасно дали осомничениот е погоден, а не е позната состојбата на ранетите во престрелката.
*Alert* Emergency personnel are responding to a shooting incident in the area of 3rd and South Streets. Several people have been injured. Please avoid the area.
— Philadelphia Police (@PhillyPolice) June 5, 2022
Властите велат дека немало апсења, но било пронајдено оружје. Ова е второто најсмртоносно пукање во САД во сабота навечер.
Едно девојче загина, а осум лица се повредени во пукотница што се случила во трговски центар во градот Феникс, во американската сојузна држава Аризона, соопшти полицијата. Полицискиот функционер Енди Вилијамс изјави дека во престрелката се повредени девет лица кои се пренесени во болница, а 14-годишно девојче им подлегнало на повредите.
Порталот Fox29.com наведува дека минатиот викенд во Филаделфија имало дури осум престрелки. Во една од нив, во саботата рано наутро, била убиена трудница откако била застрелана во главата. Бебето било спасено откако било пренесено во локална болница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Бајден пристигна во Германија на самитот на Г7

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден утрово пристигна во Германија.
Бајден во Германија ќе учествува на самитот на Групата седум индустриски развиени земји (Г7) во германскиот град Елмау, на Баварските Алпи.
Посетата Бајден ќе ја отвори со билатерална средба со домаќинот на самитот, германскиот канцелар Олаф Шолц, а потоа ќе има формални и неформални разговори со лидерите на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Европската Унија, јавува АП.
Тој и другите лидери на Г7 ќе се обидат да изградат стратегија за обезбедување на енергетски резерви и борба против инфлацијата, со цел да се спречат последиците од конфликтот во Украина.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека на самитот ќе бидат разгледани прашања како што се инфлацијата и други „предизвици во глобалната економија кои произлегуваат од војната на Путин“.
Меѓу прашањата за кои ќе се разговара се ограничувањата на цената на енергијата, кои имаат за цел да го намалат профитот на Русија од нафтата и гасот, изјави американската министерка за финансии Џенет Јелен, пренесе американската агенција.
Официјалните лица, исто така, треба да разговараат за тоа како да се однесуваат одговорно во однос на климатските промени, а истовремено да ги задоволат критичните потреби во снабдувањето со енергија.
Се очекува Бајден денеска официјално да започне глобално инфраструктурно партнерство, кое го нарече „Градење подобар свет“, со цел да се спротивстави на влијанието на Кина во земјите во развој.
По Германија, Бајден во вторник ќе отпатува за Мадрид за да се сретне со лидерите на 30 членки на НАТО со цел да ја координира стратегијата за конфликтот во Украина, наведува АП.
Свет
„Сандеј тајмс“: Принцот Чарлс добил 3 милиони евра од поранешен катарски премиер

Британскиот принц Чарлс примил три пати по еден милион евра од контроверзниот политичар шикот Хамад бин Јасим бин Џабер Ал Тани, поранешен премиер на Катар, за периодот 2011-2015 година на лични средби, пишува „Сандеј тајмс“.
Во еден од случаите, шеикот Хамад му дал на синот на британската кралица 1 милион евра во брендирани чанти во продавницата за луксузна стока Fortnum & Mason, која има кралска повелба за испорака на производи и чај на принцот Чарлс.
Во друг случај, принцот Чарлс добил голема торба со 1 милион евра за време на приватна посета на шеикот Хамад во Кларенс Хаус во Лондон во 2015 година.
Кларенс Хаус објави дека парите веднаш биле донирани на една од добротворните организации на принцот, следејќи ги сите закони.
„Сандеј тајмс“ додава дека двајца советници во кралското домаќинство рачно ги броеле парите што се наоѓале во банкноти од 500 евра.
Парите потоа биле префрлени во приватната банка Coutts и депонирани на сметката на добротворната фондација на Принцот од Велс за проектите на Чарлс за домашни миленици и за одржување на неговата шкотска палата.
На членовите на кралското семејство не им е дозволено да примаат парични подароци, освен како покровители или донатори.
Средбите на принцот со шеикот не се појавуваат во регистарот на официјални ангажмани на кралските личности.
Се тврди дека не биле извршени незаконски плаќања, но откритијата отвораат прашања за случаите на принцот Чарлс. Од 2007 до 2013 година, Ал Тани беше премиер и министер за надворешни работи на Катар, а за тоа време изгради многу блиски односи со кралското семејство.
Сандеј тајмс потсетува дека минатиот ноември поранешниот личен помошник на принцот и директор на фондацијата Мајкл Фосет поднесе оставка во врска со скандалот „титули за пари“.
Свет
Мајмунските сипаници наскоро ќе добијат ново име: „Да бев мајмун, би протестирал, тоа навистина не е мајмунска болест“

Мајмунските сипаници наскоро би можеле да добијат ново име бидејќи постоечкото поттикнува дискриминација и стигматизира.
Светската здравствена организација минатата недела објави дека работи со „партнери и експерти од целиот свет за да го преименува името на вирусот на мајмунските сипаници и неговите соеви“.
Овие соеви се особено контроверзни бидејќи се именувани по африканските региони.
Минатата година СЗО одлучи да ги именува сите варијанти на Ковид по буквите од грчката азбука за да не ги стигматизира местата каде што првпат се појавија.
Само неколку дена пред СЗО да објави дека ќе го промени името на мајмуните сипаници, група научници во јавно писмо повикаа на „итна потреба да се воведе недискриминаторска и нестигматизирачка номенклатура“ на вирусот.
Во писмото, потпишано и од неколку африкански научници, конкретно се предупредува на „западноафриканските“ и „централноафриканските“ соеви на вирусот мајмунски сипаници. Оваа година се пријавени повеќе од 2.100 заразени со мајмунски сипаници, од кои 84 отсто се во Европа, 12 отсто во Северна и Јужна Америка и само три отсто во Африка.
Тоа не е мајмунска болест
Ојевеле Томори, виролог на Универзитетот Redeemer во Нигерија, поддржува промена на името на видовите на мајмунски сипаници.
„Дури и називот мајмунски сипаници е погрешен“, изјави тој за АФП. „Да бев мајмун, би протестирал. Тоа навистина не е мајмунска болест“.
Вирусот е наречен така затоа што бил откриен меѓу мајмуните во данска лабораторија во 1958 година, но луѓето главно биле заразени со него од глодари. Постоечката епидемија е невообичаена во смисла дека се шири исклучиво преку контакт човек на човек“, вели Оливие Рестиф, епидемиолог од Кембриџ.
„И затоа е фер да се каже дека постоечката епидемија има малку врска со Африка, исто како што брановите Ковид и неговите варијанти имаат малку врска со азиските лилјаци, од каде што првично потекнуваше“, додаде тој.
Стигматизација на Африка
За промената на името се согласува и Мозес Џон Бокари од Универзитетот Нјала во Сиера Леоне. „Мајмуните најчесто се поврзуваат со Африка“, рече тој.
„Дополнително, постои долга и темна историја на споредување на црнците со мајмуните. Ниту едно име на болеста не треба да биде поттик за тоа“. Рестиф нагласува дека оваа дебата е „дел од поширокото прашање за стигматизирање на Африка како извор на болести“.
„Го видовме ова со ХИВ во 1980-тите и за време на епидемијата на ебола во 2013 година“, изјави тој за АФП.
СЗО ќе објави нови имиња за мајмунските сипаници што е можно поскоро, рече првиот човек на организацијата, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Светската здравствена организација во саботата одлучи дека болеста, иако причина за загриженост, сепак не претставува глобална здравствена криза.
„Длабоко сум загрижен за епидемијата на мајмунски сипаници, тоа е очигледно закана што се развива и моите колеги и јас внимателно ја следиме“, рече Тедрос