Свет
(Видео) Маж се заканувал со бомба во трговски центар во Москва – сите бегале во паника

Московската полиција трага по непознат маж кој со бомба се заканувал на обезбедувањето на големиот трговски центар „Метрополис“ во руската престолнина.
Безбедносните сили го уапсиле поради кражба, откако извадил предмет кој личи на граната. Во тој момент луѓето од обезбедувањето побегнале, додека во трговскиот центар настанала паника и стампедо.
Како што може да се види на видеото, луѓето бегаат од зградата, додека многумина се нашле на улица во лесна облека, без јакни.
Според РИА Новости, напаѓачот побегнал во метро станицата Војковскаја. Во инцидентот нема повредени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Жена падна во провалија длабока 20 метри во Црна Гора и преживеа само со гребаници, лекарите зачудени

Руска државјанка, чиј идентитет не се соопштува, се здобила со лесни повреди кога паднала во провалија длабока дваесет метри.
Според информациите на црногорските медиуми, Русинката со својата пријателка се возела со такси од правец на Будва и во градот Обзовица го замолила возачот да застане покрај патот. Не долго потоа, таа паднала во бездната.
Припадниците на цетинската спасувачка служба веднаш излегле на местото на настанот. Ја извадиле повредената и ја предале на итната помош која ја однела во болницата во Цетиње.
Началникот на Центарот за заштита и спасување, Милош Ќечановиќ изјави за Радио Цетиње дека повредената се жалела на болки во главата и вратот и дека имала неколку гребаници.
Лекарите биле зачудени, пишува „Блиц“.
Регион
Рама: Србите да се вратат во институциите, Косово веднаш да распише нови избори

Албанскиот премиер Еди Рама порача дека ставот на Тирана, како и на сите лидери на ЕУ и на САД, е дека моменталната ситуација на северот е неприфатлива и оти Србите треба да се вратат во институциите, а Косово треба да распише нови избори.
Рама во интервју за „ТВ Клан“ подвлече дека ставот на албанската влада е јасен – оваа ситуација е опасна и непотребна.
На прашањето кој е одговорен, тој рече дека не е негово да ги најде одговорните.
„Во Молдавија беа присутни сите лидери на Европа и на некои други земји, а единствениот став на сите лидери на ЕУ е ист како оној на САД, дека оваа ситуација е неприфатлива и има две работи – Србите мора да се вратат во институциите, Косово мора веднаш да распише нови избори за да се реши ситуацијата“, објасни тој.
Рама објави дека на маргините на Самитот на Европската политичка заедница се сретнал со Албин Курти и Вјоса Османи, но дека не разговарале за ситуацијата на северот на Косово. Според него, тоа е прашање за кое треба да одлучат дали сакаат да разговараат со него или не.
На прашањето дали тоа значи дека нема комуникација меѓу Албанија и Косово на официјално ниво, Рама рече дека тоа не е така, туку дека се работи за одговорност и надлежност на премиерот на Косово, а до одреден степен претседателот.
„На нив е да одлучат дали сакаат да разговараат за тоа прашање или не. Не сум јас тој што ги води и им кажува како да ја завршат оваа работа. Ова е почит кон нив и кон институциите на Косово, според мене“, додаде тој. Тој посочи дека Косово се консултирало со Албанија кога сакало да се консултира.
„Кога не сакаат да се консултираат, целосно нивно право е да не се консултираат. Тој не побара да разговара со мене или со нас во Владата и има право да не разговара. Но, ние не сме рамнодушни“, рече тој.
Свет
(Видео) Расте бројот на загинати по судирот на возови во Индија, патници се заробени во вагоните

Најмалку 50 лица загинаа, а 350 се повредени во Индија кога патнички воз се судри со товарен воз во индиската држава Одиша, јавуваат индиските медиуми и локалните власти.
Возот „Коромандел експрес“ кој сообраќал од Калкута кон Ченај излетал од шините по судирот и влегол во спротивен правец.
– На местото на несреќата излегоа близу 50 возила на брза помош, но се чинеше дека има многу повеќе повредени. Мобилизирани се голем број автобуси за да ги пренесат повредените во болница – објави на Твитер шефот на секретаријатот на Одиша, Прадип Јена.
Премиерот на Индија Нарендра Моди на Твитер објави дека сите расположливи државни сили се на местото на несреќата и им пружаат помош на настраданите.
АП јавува дека спасувачите се обидуваат да ослободат уште 200 луѓе за кои се стравува дека се заробени во превртените вагони.
Два воза се судрија во август 1995 година во близина на Њу Делхи, при што загинаа 358 луѓе, што е најтешката железничка несреќа во историјата.