Свет
(Видео) Нови информации и снимки од обидот за атентат на Трамп
Пристигнуваат нови информации за обидот за атентат на Доналд Трамп.
Се појави и ново видео на кое се гледа дека Томас Метју Крукс, 20-годишниот кој пукаше кон поранешниот американски претседател, слободно се шета околу местото каде што Трамп го одржа својот говор.
На видеото се гледа како Крукс непречено шета околу зградата еден час пред почетокот на собирот. Инспекторите утврдиле дека Крукс, всушност, бил на митингот неколку часа пред да пука кон Трамп.
New video shows Donald Trump’s would-be assassin lurking around the rally security perimeter one hour before he opened fire. (Video: WTAE) pic.twitter.com/fhCyN54Im4
— Mike Sington (@MikeSington) July 17, 2024
Се претпоставува дека го извидувал местото на кое се одржувал собирот и го планирал нападот. Муницијата што ја користел во пукањето ја купил само неколку часа пред самиот чин, а купил и скала, која на крајот не му требала бидејќи се качил на покривот на зградата преку клима-уредот.
До местото од кое пукал тој со себе носел мерач за далечина, што ја користат ловците и стрелците за да го измерат растојанието од својата позиција до целта, во неговиот случај до поранешниот претседател на САД.
Си-ен-ен пишува дека со мерачот на далечина поминал низ магнетометрите и така го привлекол вниманието на Тајната служба. Нејзините агенти го следеле сѐ додека не ја напуштил областа што ја набљудувале.
Инспекторите не се сигурни каде отишол кога го напуштил просторот за проверка, но се верува дека застанал покрај својот автомобил за да земе пушка.
Тој се вратил 40 минути пред да ги испука првите истрели, а нешто по 18 часот, зазел позиција на покривот од кој пукал.
Исто така, Си-ен-ен, повикувајќи се на полициски извори, пишува дека 20-годишникот во последните месеци примил неколку пакети означени како опасен материјал на домашна адреса.
До неговото тело на покривот на зградата, каде што беше застрелан од контраснајперски тим, е пронајден понов модел на телефон и сив предавател со 12 копчиња за кој се верува дека бил поврзан со две бомби на далечински управувач во автомобилот на Крукс.
Се претпоставува дека со експлозијата сакал да го одвлече вниманието при пукањето. Во автомобилот била пронајдена дополнителна муниција, дури стотина парчиња. А при претресот на домот во кој живеел пронајдени се панцир, бомба на далечинско управување и 3Д-печатач.
Од новите детали за овој случај се дозна дека неговите родители го барале неколку часа пред обидот за атентат, а потоа поради загриженост, повикале полиција и го пријавиле исчезнувањето.
Повикот во полиција од неговите родители бил упатен неколку часа пред Крукс да пука кон Трамп. Сѐ уште не е познат мотивот, а кој ФБИ се обидува да го расветли, пишува „Фокс њуз“.
Крукс требало да работи тој ден, но му рекол на својот шеф дека му треба слободен ден за да заврши некоја работа. Таткото на Крукс ѝ рекол на полицијата дека е убеден оти неговиот син отишол на стрелиштето со пушка. Мислел дека ќе се врати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лажен хирург оперирал дете со помош на видео снимка од „Јутуб“во Индија
Индиските медиуми пренесуваат дека лекар кој извршил операција на жолчното кесе во индиската држава Бихар користејќи видео што го гледал на „Јутуб“ предизвикал смрт на 15-годишно момче.
Според „НДТВ“, семејството на момчето кое починало по операцијата го соопштило инцидентот.
Семејството тврдеше дека детето, кое било хоспитализирано со симптоми на повраќање и болки во стомакот, лекарот го оперирал преку видео што го гледал на „Јутуб“.
Семејството истакнува дека срцето на момчето застанало за време на операцијата и дека починало додека бил на пат кон друга болница во амбулантата.
Членовите на семејството на детето тврдат дека смртта на нивното дете ја предизвикал „лажен лекар“ кој, како што тврдат, побегнал и го оставил детето во болница.
Индиските власти најавија дека истрагата за случајот е во тек.
Свет
Децата гејмери се повеќе се мета на сајбер-криминалците, според истражувањата
Децата гејмери се повеќе се мета на сајбер-криминалците, кои ги користат популарните детски игри како „мамка“, покажува новото истражување.
Бројот на корисници насочени од сајбер-криминалци, кои користат популарни детски игри како мамка, се зголеми за 30 отсто во првата половина на 2024 година, според компанијата Касперски, која спроведе истражување за сајбер криминал насочен кон младите гејмери.
Истражувачите откриле дека имало повеќе од 6,6 милиони напади, од кои повеќето биле поврзани со игри како што се Minecraft, Roblox и Among Us, и дека сајбер криминалците користат популарни игри за да ги измамат младите гејмери, честопати нудејќи лажни средства (облека или оклоп за херојот во играта што ги подобрува неговите вештини) и награди, во замена за лични информации.
Од 18-те игри избрани за ова истражување, повеќе од три милиони обиди за напад беа лансирани под маската на играта Minecraft, која беше избрана веројатно врз основа на популарноста на играта меѓу гејмерите, пренесува Танјуг.
„За време на нашето истражување, видовме дека нападите врз децата стануваат вообичаен вектор на активностите на сајбер криминалците. Затоа едукацијата за сајбер хигиената е важна и употребата на сигурни решенија за сајбер безбедност е неопходна во градењето на безбедноста на децата во онлајн опкружувањето, како и негување на нивното критичко размислување, како и одговорно онлајн однесување и силно разбирање на ризиците“, нагласи М. Колесников.
Како што е наведено во истражувањето, сајбер-криминалците се повеќе користат вештачка интелигенција за пософистицирано персонализирање на нападите со помош на автоматизирани алатки.
Истражувањето наведува и примери на измами кои се моментално актуелни, имено измами кои вклучуваат злоупотреба на играта Pokemon GO и играта Valorant, преку која измамниците го привлекуваат вниманието на децата со цел да им ги украдат ингеренциите и информациите за кредитните картички, се наведува во истражувањето.
Регион
Ќерката осомничена за убиство на мајка си, полицијата во Ниш ја бара
Во Ниш се случило страшно злосторство кога ќерката М.Ц., која имала триесет години, ја убила мајката З.Ц., а како што пренесуваат српските медиуми, според соседите, мајката и ќерката имале лоши односи со години.
-Ќерката беше ментално болна. Имаа многу проблеми во минатото, полицијата често им доаѓаше на врата поради тепачки – раскажуваат соседите.
Инаку, откако го извршила страшното злосторство, ќерката побегнала, а полицијата интензивно трага по неа.
– Во населбата во која живее ова семејство често наидувавме на огласи кои ги објавуваше ќерката на убиената. Знаеше да напише „Помогни ми, болна сум“ и секакви други работи, се жалеше дека ја малтретираат во куќата, а што всушност се случило зад тие затворени врати, веројатно само тие знаат – велат соседите.
Инаку, тие тврдат дека синоќа се слушнала силна врева од куќата која набрзо станала место на злосторство. Недолго потоа завладеала тишина, но никој од нив не можел да претпостави дека се работи за нешто такво.
„Имаше некои викања, кршење стакло, хаос, немавме поим што всушност се случи. Кога слушнавме дека ја убила мајка си, останавме шокирани. Подоцна слушнавме дека таткото чувал кози на ливада, а кога влегол дома имал што да види, сопругата лежела во локва крв, а од ќерката немало трага“, изјавиле соговорниците и додале дека виделе дека набргу по убиството по нивниот сокак со наведната глава се движела девојка за која претпоставуваат дека станува збор за осомничената.
-Полицијата се уште ја бара, кажавме што видовме, не сме сигурни дали воопшто е таа, но видовме девојка на нејзина возраст.