Свет
(Видео) Пожар во Русија: има опасност пламенот да се прошири на складиште со запалива течност

Пожар избувна во зградата на истражувачко-производствениот комплекс во градот Арамил, Русија, соопшти прес-службата на регионалната главна управа на Министерството за вонредни состојби.
„Според оперативните информации, површината на пожарот е 3.000 квадратни метри. Гаснењето е отежнато поради опасност пламенот да се прошири на складиштето со запалива течност“, се наведува во извештајот.
Од зградата се евакуирани 110 лица и до сега нема извештаи за жртви.
Според информациите на веб-страницата на ВМП, компанијата има производствен комплекс во Арамил на улицата Клубнаја и се занимава со производство на антикорозивни материјали за метал и бетон, отпорни на пламен, полимерни подни облоги и метални прашоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
ЕУ им се заканува на Србија и Косово: Ќе ве казниме ако се повтори насилството

Европската унија денеска се закани дека ќе воведе казнени мерки за Србија и Косово доколку не спречат повторување на насилството што беше насочено против меѓународните мировници по спорните локални избори за градоначалник. „Неуспехот да се деескалираат тензиите ќе доведе до негативни последици“, се вели во соопштението на ЕУ објавено во саботата.
Во соопштението за медиумите се повикува на итно воспоставување мир на северот на Косово, каде што на крајот на мај српските милитанти ги нападнаа мировниците на НАТО со запаливи средства и камења за време на протестот во селото Звечан. Ранети се 30 италијански и унгарски војници и повеќе од 50 Срби.
Како точно би можеле да изгледаат „одлучните мерки“ на кои се заканува ЕУ не беше објаснето. Можно е да се намали финансиската поддршка што ја добиваат двете земји како кандидати за влез во ЕУ. Соработката исто така може да биде ограничена. „Насилството можеше да се избегне и мора да се избегне во иднина“, се вели во изјавата што во име на ЕУ ја објави комесарот за надворешни работи Жозеп Борел.
ЕУ ги повика Косово и Србија да преземат итна и безусловна акција за деескалација на ситуацијата и „да престанат да користат реторика за поделби и да се воздржат од какви било понатамошни некоординирани акции“.
Неодамнешните протести се разгореа по изборот на нови градоначалници во северно Косово, политичари од албанско потекло кои победија на дополнителните избори, кои беа бојкотирани од Србите по налог на властите во Белград.
Uncategorized
Протести во Белград против насилството: Ако има дно, го допревме тој ден

Во 18 часот пред Собранието на Србија започна нов протест „Србија против насилството“, петти по ред по трагедиите во белградското основно училиште и во две села кај Младеновац. Намерата на демонстрантите е во поворката од српскиот парламент да го опколат квартот каде што се наоѓа седиштето на претседателот на Републиката.
Денешниот протест можеби е уште помасовен поради острите реакции во јавноста откако претставници на владејачката Српска напредна странка во српскиот парламент ги нарекоа „ѓубриња“ актерите кои ги поддржаа демонстрантите и нивните барања. Оваа недела актерите објавија проглас во кој оценките на претставниците на СНС ги нарекуваат насилство.
Актерот и режисер Драган Бјелогрлиќ вечерва рече дека мисли оти денес има повеќе демонстранти од кога било.
„Посебно сакам да им се обратам на младите во Србија, пред еден месец бевме опфатени со трагедија каква што нашите луѓе не помнат. Трагедија која никогаш нема да ја преболиме и не треба да ја преболиме. Сите наши порази и несреќи , сите злосторства што сме ги направиле на другите и самите нас го допреле дното, а ако има дно, го допревме тој ден“, рече Бјелогрлиќ. „Тоа што вие младите излеговте на улица, што не сакате да живееме во ова соголено општество, дава надеж дека ќе се издигнеме од тоа дно“, рече Бјелогрлиќ.
Регион
Ердоган положи заклетва за трет претседателски мандат

Реџеп Таип Ердоган денеска во парламентот на Турција положи заклетва за трет претседателски мандат, по победата во вториот круг на изборите, ветувајќи дека функцијата ќе ја извршува непристрасно, пренесуваат светските агенции.
По инаугурацијата во парламентот ќе се одржи свечена церемонија во претседателската палата во главниот град на земјата, Анкара, на која која ќе присуствуваат повеќе светски лидери.
Турскиот лидер победи во вториот круг на претседателските избори што се одржа на 28 мај, откако во првиот круг две недели претходно не успеа да освои 50 отсто од гласовите на турскиот електорат.
На изборите тој се соочи со кандидатот на моќната опозициска коалиција Кемал Киличдароглу. Ердоган успеа да победи на изборите и покрај незадоволството меѓу турските граѓани поради економската криза и гневот кон властите за нивната реакција по земјотресот кој во февруари ја погоди земјата и во кој загинаа повеќе од 50.000 луѓе.
Ердоган во вториот круг освои 52,18 отсто од гласовите, додека неговиот ривал Киличдароглу – 47,82 отсто, покажаа официјалните резултати.
„Како претседател, се колнам во мојата чест и интегритет, пред големата турска нација… ќе работам со сите сили за заштита на постоењето и независноста на државата… и ќе ја исполнам мојата должност непристрасно“, рече Ердоган во парламентот, пренесува регионалниот сервис на РСЕ.
По заклетвата тој доби овации од неговите поддржувачи во парламентот, додека некои пратеници од опозицијата одбија да станат.
Во својата заклетва, Ердоган вети и дека нема да отстапува од владеењето на правото и секуларните принципи на републиката основана пред 100 години од Мустафа Кемал Ататурк.
Меѓу странските лидери кои се очекува да присуствуваат на свечената церемонија по инаугурацијата се претседателот на Азербејџан Илхам Алиев, потпретседателот на Иран Мохамад Мохбар; премиерот на Унгарија Виктор Орбан и претседателот на Долниот дом на рускиот парламент Вјачеслав Володин.
На церемонијата, како што соопштија од неговиот кабинет ќе присуствува и ерменскиот премиер Никол Пашинјан, што преставува нов знак за затоплување на односите меѓу двете земји.
Решавањето на економските проблеми во земјата ќе биде првиот приоритет на Ердоган, кој треба да се справи со инфлација од 43,7 отсто, делумно поттикната од неговата неортодоксна политика на намалување на каматните стапки за да се стимулира растот.