Свет
(Видео) Почина Австралиецот чија крв спаси повеќе од два милиона бебиња

Џејмс Харисон починал во сон во дом за стари лица во Нов Јужен Велс, Австралија, на 17 февруари, соопшти неговото семејство. Имал 88 години, јавува Би-би-си, додавајќи дека неговата крв спасила 2,4 милиони бебиња.
Во Австралија го нарекувале човекот со златна рака бидејќи неговата крв го содржела реткото антитело Анти-Д, кое се користи за производство на лек кој им помага на трудниците чија крв може да го нападне нивното неродено дете.
Австралискиот Црвен крст, кој му оддаде почит, рече дека тој решил да стане донатор откако примил трансфузија за време на голема операција на градниот кош како 14-годишен.
Почнал да донира крвна плазма на 18 години и продолжил на секои две недели до својата 81 година.
Во 2005 година го собори светскиот рекорд по количина на дарувана крвна плазма, рекорд што го држеше до 2022 година, кога беше надминат од маж од САД.
Неговата ќерка Трејси Мелошип рече дека нејзиниот татко е многу горд што спасил толку многу животи, без никакви трошоци или болка.
„Тој секогаш велеше дека не боли, а животот што ќе го спасите може да биде ваш“, рече таа.
Мелоушип и двајца од внуците на Харисон, исто така, добија Анти-Д имунизација.
„Го направи среќен да слуша приказни за семејства како нашето, кои постојат благодарение на неговата добрина“, рече таа.
Неговата плазма беше искористена за производство на Анти-Д имуноглобулин, кој им се дава на Rh-негативни мајки по раѓањето на Rh-позитивно дете, со што се спречува развојот на Rh антитела. Мајките и децата понекогаш немаат компатибилни крвни групи, како на пример кога децата се Rh-позитивни, а мајката е Rh-негативна. По раѓањето на Rh-позитивно бебе, Rh-негативната мајка добива инјекција на анти-D имуноглобулин за да се спречи формирањето на антитела кои би ги нападнале црвените крвни зрнца на Rh-позитивните бебиња во идните бремености.
Пред да се развијат Анти-Д терапии во средината на 1960-тите, секое второ бебе дијагностицирано со HDFN не преживеало.
Не е јасно зошто крвта на Харисон имала толку Анти-Д антитела, но некои извештаи сугерираат дека тоа може да има врска со голема трансфузија што ја примил како 14-годишник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Италија прогласи петдневна жалост за смртта на папата Францискo

Советот на министри на италијанската влада денес прогласи петдневна национална жалост за смртта на папата Францискo.
Периодот на жалост започнува денес, потврдија владини извори, пренесува Анса.
Советот на министри денес свика вонредна седница за да разгледа неколку прашања, вклучително и прогласување ден на жалост.
Папата Францискo почина во понеделникot во ватиканската резиденција Санта Марта во 7:35 часот наутро од мозочен удар, проследен со кома и неповратен кардиоваскуларен колапс.
Погребот на папата Францискo ќе се одржи во сабота, 26 април, во 10 часот наутро на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“, објави Анса, повикувајќи се на соопштението од Ватикан.
Телото на папата Францискo моментално е изложено во капелата на резиденцијата Санта Марта каде што живеел во текот на 12-те години додека бил на чело на Римокатоличката црква, објави Ројтерс.
На плоштадот „Свети Петар“ во Рим денес во 19:30 часот, ќе се одржи молитва предводена од деканот на Колеџот на кардинали, кардиналот Џовани Батиста Ре.
Свет
Гор: „Администрацијата на Трамп е како нацистичка Германија“

Поранешниот потпретседател на Соединетите Американски Држави, Ал Гор, ја спореди администрацијата на Доналд Трамп со нацистичка Германија.
Зборувајќи на митингот по повод почетокот на Неделата на климата во Сан Франциско, тој рече дека администрацијата на Трамп се обидува да создаде своја преферирана верзија на реалноста со цел да ги постигне своите сеопфатни цели слични на нацистичката партија на Адолф Хитлер во 30-тите и 40-тите, објавува „Политико“.
„Многу добро разбирам зошто е погрешно да се споредува Третиот Рајх на Адолф Хитлер со кое било друго движење. Тоа беше уникатно зло, точка. Сфаќам. Но, постојат важни лекции од историјата на тоа зло што се појави“, рече Гор, кој беше потпретседател под Бил Клинтон.
Претставниците на Белата куќа не ги коментираа изјавите на Гор.
Свет
Путин нема да присуствува на погребот на папата

Руската државна агенција ТАСС објави дека претседателот Владимир Путин не планира да присуствува на погребот на папата Франциско повикувајќи се на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Претседателот нема такви планови“, изјави Песков пред новинарите, според агенцијата, додавајќи дека сè уште не е донесена одлука за тоа кој ќе ја претставува Русија на испраќањето во Ватикан.
Путин последен пат го посети папата Франциско во Ватикан во јули 2019 година.
Телото на папата Франциско ќе биде префрлено во базиликата „Свети Петар“ в среда наутро во 9 часот, објави Ватикан.
Неговото тело моментно е положено во ковчег во капелата на Каса Санта Марта, каде што живеел за време на своето 12-годишно папство.
Ватикан денес објави дека погребот на папата Франциско ќе се одржи в сабота во 10 часот на плоштадот Свети Петар. Тој ќе биде погребан во базиликата „Света Марија Голема“ во Рим.
На последното збогување ќе присуствуваат стотици илјади верници, како и странски лидери, како што се американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски.