Свет
(Видео) Флотилата за Газа: Погоден уште еден брод, нема повредени
Глобалната флотила за Газа (ГСФ) објави дека уште еден од нејзините бродови е погоден во сомнителен напад со беспилотни летала, тврдење што туниските власти го негираа.
Пожар избувна на брод во туниското пристаниште Сиди Бу Саид, но немаше извештаи за повредени, изјави организатор на флотилата за „Ројтерс“, еден ден откога групата објави дека уште еден брод е погоден во туниските води.
Тунисските власти изјавија дека експлозијата дошла од внатрешноста на самиот брод, а портпарол на Туниската национална гарда изјави за радиото Mosaique FM дека извештаите за напад со беспилотни летала „немаат никаква основа во реалноста“.
View this post on Instagram
Брод под португалско знаме што го носеше управниот одбор на флотилата претрпе штета од пожар на главната палуба и складиштето под палубата, соопшти флотилата ГСФ, меѓународна иницијатива што има за цел да ја прекине поморската блокада на Израел и да достави хуманитарна помош во разорената од војна Газа користејќи цивилни бродови поддржани од делегации од 44 земји.
По нападот, десетици луѓе се собраа во туниското пристаниште Сиди Бу Саид, каде што се закотвени бродовите на флотилата, мавтајќи со палестински знамиња и скандирајќи „Слободна Палестина“, изјави очевидец за Ројтерс.
ГСФ соопшти дека истрагата за нападот со беспилотно летало е во тек и дека ќе ги објави резултатите откако ќе заврши истрагата.
„Агресивните дејствија насочени кон заплашување и нарушување на нашата мисија нема да нè обесхрабрат. Нашата мировна мисија за ставање крај на окупацијата на Газа и застапување на солидарност со нејзините граѓани продолжува решително“, соопшти ГСФ.
View this post on Instagram
Израел воведе поморска блокада на крајбрежната енклава откако Хамас ја презеде контролата врз Газа во 2007 година, велејќи дека блокадата има за цел да ги спречи испораките на оружје до милитантната група.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
