Свет
„Визер“ оставил патници 320 километри подалеку од аеродромот во 4 часот наутро

Патници ја критикуваа нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ што ги оставила на 320 километри од планираната дестинација и им порачала да си го најдат патот до дома.
Авионот требало да полета од аеродромот Бен Гурион во Тел Авив во неделата во 21:20 часот, кон Лондон – „Гетвик“, но доцнел околу три часа, полетувајќи во понеделникот нешто по полноќ.
Пред полетувањето, екипажот на „Визер“ на летот W95752 ги информирал патниците дека ќе слетаат на аеродромот „Лутон“ наместо на „Гетвик“ и дека треба да чекаат уште еден час на пистата пред поаѓање поради полнење гориво за патувањето.
Потоа дошло до шокантен пресврт – околу половина час пред слетувањето – околу 3 часот наутро во понеделникот – екипажот ги информирал патниците дека всушност ќе слетаат во Донкастер, Шефилд, на повеќе од 200 милји од наменетата дестинација.
„Беа само неколку минути пред да слетаме – сите полудеа во авионот. Веќе имаше деца и бебиња кои не можеа да го издржат слетувањето, многу патници беа Израелци и не го познаваа Донкастер. Нè прашаа дали е во Лондон“, изјави еден патник за „Индипендент“.
Друг патник рече дека одеднаш им било кажано дека нема место за паркирање во „Лутон“ или „Гетвик“, па ќе слетаат во Донкастер, Шефилд.
И покрај ветувањата дека еден автобус ќе ги врати сите луѓе во Гетвик на оддалеченост од три и пол часа, патниците велат дека персоналот на Донкастер-Шефилд им рекол при пристигнувањето дека нема автобус.
Наместо тоа, изнервираните луѓе, вклучително и семејства со мали деца, морале да платат големи суми пари за ноќно такси на југ. Некои поминале повеќе од 15 часа патувајќи со неколку застанувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Полска: Ќе им помогнеме на Шведска и Финска доколку некој ги нападне

Полска ќе им помогне на Шведска и Финска доколку бидат нападнати уште пред да станат членки на НАТО, изјави денеска премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки.
„Приклучувањето на Шведска и Финска во НАТО го сметам за важен сигнал за зајакнување на безбедноста во Европа“, рече Моравјецки, a пренесува „Ројтерс“.
Финска и Шведска официјално аплицираа за членство во НАТО во средата, поттикнати од руската инвазија на Украина.
„Сакам да ставам до знаење дека во случај на напад врз Шведска или Финска за време на нивниот пристапен процес, Полска ќе дојде на помош“, додаде Моравјецки.
Свет
Талибанците им наредиja на телевизиските водителки да си ги покријат лицата

Талибанците им наредиja на новинарките во сите авганистански медиуми да ги покриваат лицата кога се појавуваат на телевизија, објавија локалните медиуми во четвртокот.
Големата авганистанска медиумска куќа TOLOnews ја објави веста на својот официјален твитер-профил.
Веста за ДПА ја потврдија неколку новинари и продуценти од Кабул. Талибанците ги информираа сите телевизиски станици дека новата наредба е конечна и дека „не е за дискусија“, пренесоа медиумите. На социјалните мрежи се шират фотографии од водителките на покриени лица.
Еден од локалните ТВ-продуценти изјави дека според новата наредба, лицата на водителките мора да бидат покриени „за да им се гледаат само очите“. Талибанците сè уште не издале јавно соопштение во врска со наредбата, која следеше набргу откако го воведоа правилото дека жените мора да го покриваат лицето на јавно место.
Откако се вратија на власт, талибанците систематски ги кршат човековите права во земјата и воведоа сериозни ограничувања за медиумите. Имаше неколку случаи на тепање и притворање новинари поради извршување на нивната работа, а на девојчињата и жените им беа одземени голем број права, вклучително и правото на образование, работа и движење.
Европа
Пукање во училиште во Германија, повредено едно лице

Германската полиција соопшти дека едно лице е повредено во пукање во средно училиште во северниот град Бремерхавен.
Полицијата соопшти дека инцидентот се случил рано во четвртокот во средно училиште и дека осомничениот бил приведен.
Портпаролот на полицијата изјави дека истрагата е во тек.